ИСТОРИЈА

Балканските војни - 90 години

"СВЕТА ВОЈНА" ЗА ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Изјавата на претседателот на српската влада, Милован Миловановиќ: "Ние сме готови на се, и ќе влеземе во секаква комбинација, со бога или со ѓаволот ако притреба, за да го спречиме решавањето на македонското прашање на штета на нашите животни интереси", или изјавата на претседателот на бугарското Народно собрание, Стојан Данев: "Бугарија ја објави војната, зашто македонските Бугари беа изгубени за нејзината кауза, бидејќи тргнаа по својот пат", ги разоткриваат завојувачките цели на балканските сојузници уште пред почетокот на балканските војни.
  • Ако имаме предвид дека во тоа време еден дел од западна Македонија, градот Подградец со околните села, влезе во состав на новосоздадената албанска држава, по Балканските војни, Македонија иако ослободедена од турското владеење, ја доживе четвртата поделба меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија. А последиците беа катастрофални.

Положбата која ја зазема Македонија на Балкан-скиот Полуостров и неј-зините природни богатства претставуваа "мамка" за соседите во изминатите два века, а тоа трае во континуитет се до денес. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора пројавија аспирации за освојување на териториите на Балканот кои беа под турско владеење. Првите игри се насочија кон Македонија, а во Црна Гора кон Скадар со околината.

Нивните активности беа насочени најнапред за ослободување на споменатите територии од турската власт за да можат полесно да ги освојат. Тоа беа причините во 1912 година да се оформи четворниот Балкански сојуз кој имаше целосна поддршка од Русија, која се надеваше на посилно влијание на Балканот.

"Ослободување на поробените браќа христијани", "ослободување на националните идеали" беа паролите со кои на почетокот балканските сојузници ги маскираа своите завојувачки цели кон Македонија, подготвувајќи го македонскиот народ "на света војна" за конечно ослободување од неколкувековниот турски јарем.

Балканот пред Балканските војни

Нивните вистински цели најдобро се согледуваат преку тајниот анекс на договорот меѓу Србија и Бугарија во кој се предвидуваше поделба на Македонија. Со тајниот анекс од 13 март 1912 година беше запечатена судбината на македонскиот народ за подолг период. Исто така, изјавата на претседателот на српската влада, Милован Миловановиќ: "Ние сме готови на се, и ќе влеземе во секаква комбинација, со бога или со ѓаволот ако притреба, за да го спречиме решавањето на македонското прашање на штета на нашите животни интереси", или изјавата на претседателот на бугарското Народно собрание, Стојан Данев: "Бугарија ја објави војната, зашто македонските Бугари беа изгубени за нејзината кауза, бидејќи тргнаа по својот пат", ги разоткриваат завојувачките цели на балканските сојузници уште пред почетокот на Балканските војни.

ПРВА БАЛКАНСКА ВОЈНА

Од Турција најнапред беше побарано да спроведе реформи во областа и провинциите под нејзина власт, а откако ова барање беше одбиено, балканските сојузници во октомври 1912 година и објавија војна. Војната ја започна Црна Гора на 9 октомври 1912 година, а потоа на 18 октомври се приклучија и преостанатите сојузници, што всушност се смета и за почеток на Првата балканска војна. Добро подготвените сојузнички војски за релативно кратко време ја скршија воената моќ на Турција која беше победена на сите фронтови и беше принудена набргу да побара мир.

Воените операции главно се водеа во Тракија и Македонија, со забележително учество на македонски доброволци. Балканските сојузници успеаја да го исползуваат ентузијазмот и воодушевувањето на Македонците да се борат за слободата на својата земја.

Најмногу македонски доброволци беа регрутирани во бугарската армија. На тракискиот фронт учествуваа 14.000 Македонци организирани во Македонско-одринско ополчение (доброволци). Тие не беа праќани во Македонија поради стравот да не побараат создавање на независна македонска држава.

Македонски доброволци беа регрутирани и во српската и во грчката војска. Тие на некој начин водеа братоубиствена војна и обично дејствуваа како претходница, пред да настапат редовните сојузнички војски.

Посебна улога одигра самостојниот одред на Јане Сандански од 500 четници, составен од реонските чети на Александар Бујнов, Тодор Паница, Таската Серски, Чудомир Кантарџиев и други.

Тие дејствувајќи самостојно прво го освоија градот Мелник со околните места. Во реонот на Мелник и Свети Врач покрај споменативе самостојни чети, под нивна команда се наоѓаа околу 400 мелничани, триста лица од Свети Врач и околу седумдесет востаници од околните села.

Откако ја пробија Рупелиската Теснина, Седмата рилска бугарска девизија и четите под команда на Сандански со 300 востаници, во придружба на четите на Стојо Хаџиев, Димитар Арнаудов, Александар Бујнов и други, како претходница на бугарската коњаница, влегоа во Солун пред настапувањето на бугарските единици. По заземањето на тој важен стратегиски град од грчко-бугарската војска и по влегувањето на одредот на Јане Сандански, за време на една прослава, Сандански ќе се обиде да одржи здравица во чест на слободата и идната автономија на Македонија. Но, при тој свечен момент, брутално беше нападнат од еден бугарски офицер. Во оваа прилика Сандански, а и македонскиот народ, се уверија дека се само искористени од страна на освојувачката политика на соседните балкански држави. Иако Македонија беше ослободена од Турците со големо учество на свои доброволци кои се бореа за автономна држава, нејзината судбина беше решена на Лондонската конференција, односно таа остана окупирана од Србија, Бугарија и Грција.

ВТОРА БАЛКАНСКА ВОЈНА

По завршувањето на Првата балканска војна довчерашните сојузници започнаа да се прегрупираат поради незадоволството од поделбата на териториите. Србија бараше компензација за загубените територии во Албанија која во 1912 година ја доби својата автономија, а Грција пак бараше делови од Источна Македонија и специјално признание за нејзиното право на Солун.

Бугарија не сакаше да се откаже од македонските територии, туку сакаше да ја приграби цела Македонија за себе. По одбивањето на Бугарија да им отстапи делови од Македонија на Србија и Грција, тие склучија таен договор на први јули 1913 година. Кон договорот се приклучи и Романија која пројави желба да ја поврати од Бугарија провинцијата Јужна Добруџа.

Новото прегрупирање на балканските држави најмногу им одеше во прилог на Австро-Унгарија и Германија кои сакаа да продрат на Балканот и подалеку на Исток. Надевајќи се на помошта од Австро-Унгарија и од Германија, на 29 јуни 1913 година, Бугарија ги нападна српските и грчките војски во Македонија, со што всушност започна Втората балканска војна која исклучиво беше водена на македонска територија.

Во текот на војната Романија и Турција ја искористија поволната можност за успех и на 14 јули од грб ја нападнаа Бугарија, за да ги повратат од неа териториите на Добруџа и Тракија. Нападната од четири страни Бугарија ќе претрпи катастрофален пораз. Војната заврши со Букурешкиот мировен договор од август 1913 година, на кој беше ревидирана поделбата на Македонија повторно на нејзина штета. Според решенијата на Договорот, поголем дел од територијата на Македонија, што за време на Првата балканска војна и беше дадена Бугарија, со мирот во Букурешт беше приклучен кон Србија и Грција. Бугарија го задржа Пиринскиот дел на Македонија и дел од Струмичката околија.

Ако имаме предвид дека во тоа време еден дел од Западна Македонија, градот Подградец со околните села, влезе во состав на новосоздадената албанска држава по Балканските војни, Македонија иако ослободедена од турското владеење, ја доживеа четвртата поделба меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија. А последиците беа катастрофални.

Македонскиот народ го доживеа своето национално разединување. Тој беше подложен на асимилаторските политики на своите соседи - поробувачи. Употребата на македонскиот јазик беше строго забранета, дојде дури и до менување на нивните имиња и презимиња со додавање на соодветните додавки.


Македонското иселеништво во САД, Канада, Швајцарија, а особено во Русија, поставени во далеку поповолни услови од македонскиот народ во земјата, реагираа против постојната поделба на нивната татковина од страна на балканските сојузници.

Од дејноста на целокупната македонска родољубива интелигенција и емиграција во ова време, за истакнување е активноста на петроградската македонска колонија собрана околу списанието "Македонски глас", на чело со Димитрија Чуповски и неговите истомисленици. Чуповски допатува во својата татковина зимата 1912-13 година, обидувајќи се да го организира отпорот против заграбувањето и поделбата на Македонија. Тој оствари средби со видни македонски револуционери, меѓу кои беше и Петар Поп Арсов. Протеран од окупаторите, на враќање во Петроград Чуповски и македонската колонија испратија меморандум до Конференцијата на големите сили за време на Лондонскиот мировен договор, во кој побараа правилно решавање на македонското прашање.

На 20 јули 1913 година е испратен втор меморандум до владите на балканските држави и до Балканскиот комитет во Лондон. Во двата меморандуми се бараше автономија за Македонија и воспоставување на старата Охридска архиепископија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"