ИСТОРИЈА

Петте страшни години - Егејска Македонија (25)

МАКЕДОНЦИТЕ РАЗОчАРАНИ ОД НОФ!

Пишува: д-р Ристо КИРЈАЗОВСКИ

  • Поради значењето што го имаше Југославија за снабдувањето на ДАГ со оружје, муниција и друго, во текот на битката на Грамос, Пленумот одлучи резолуцијата во врска со судирот меѓу Информбирото и КПЈ времено да не ја објави.
  • Една од главните мерки што ги презеде Захаријадис беше мерката за освојување на организацијата НОФ од внатре, односно да ја стави под своја целосна контрола.

Никос Захаријадис во текот на својот престој во Белград од 10 до 12 јуни 1948 година се сретна со раководството на КПЈ. Тој го запозна југословенското раководство дека КПГ во врска со разногласијата во принцип е на страната на КПСС, но поради ситуацијата во која се наоѓа ќе остане неутрална. Југословенското раководство го прифати таквиот став на грчкото раководство и вети дека и натаму ќе продолжи да ја помага ДАГ.

Захаријадис на 13 јуни 1948 година пристигна во Москва каде остана до 15 јуни истата година. Во Москва разговараше со членови на советското раководство, покрај другото, и околу разногласијата со југословенските комунисти и се запозна со преписката меѓу КПЈ и КПСС и други материјали што му беа дадени на располагање.

Захаријадис не го испочитува своето ветување дека ќе остане надвор, односно ќе следи неутрална позиција по однос на судирот меѓу КПСС и КПЈ. На 15 јуни 1948 година на ЦК на КПСС му достави строго доверлив извештај во кој го обвинува југословенското раководство за неправилен став и однос кон КПГ. Имено, Захаријадис наведува дека КПЈ повеќе години не ја сметаше КПГ за комунистичка партија, дека КПГ во текот на Втората светска војна во основа водела погрешна, дури и предавничка политика, дека со писмото на Захаријадис од 31 октомври 1940 година со кое го повикува народот безрезервно се стави на страната на Владата на Метаксас во војната против италијанската агресија, претставува предавство, дека во редовите на КПГ има многу кадри предавници и агенти, меѓу нив и Захаријадис, дека југословените прават разни пречки во контролата на транспортот на помошта за ДАГ што доаѓа од странство, дека кај дел од Македонците од егејскиот дел на Македонија култивира дух на недоверба кон КПГ и друго.

РЕЗОЛУЦИЈАТА НА ИНФОРМБИРОТО

Захаријадис во својата изјава наведува дека ја смета за целосно правилна критиката на ЦК на КПСС кон КПЈ и нејзиното раководство. "Југословенските другари се должни, без резерва и целосно да ја признаат оправданоста на таа критика, ако не сакаат сериозно да им нанесат штета, како на интересите на југословенскиот народ, така и на комунистичкото движење", пишува Захаријадис.

Со оваа изјава Захаријадис не само што се солидаризира со советското раководство во судирот со КПЈ, туку и активно се вклучи во него.

Захаријадис по враќањето од Москва, копии од горната изјава достави до членовите на ЦК на КПГ, а врз основа на информациите и директивите што ги доби од Москва, подготви и достави до раководството на КПГ соодветна информација за "положбата на КПЈ".

На 28 јуни 1948 година беше објавена Резолуцијата на Информбирото. Два дена потоа, на 30 јуни Политбирото на ЦК на КПГ одржа специјална седница во која во целост ја прифати Резолуцијата на Информбирото.

За Резолуцијата на Информбирото и за својот став по истата прифатена на 30 јуни, ПБ на ЦК на КПГ истиот ден телеграфски го извести делот на ПБ во Атина, а со циркуларно писмо членовите на Партијата и борците на ДАГ.

Во телеграмата и во циркуларното писмо целата вина за судирот се префрла врз КПЈ и дека нејзината политика создава сериозни опасности за опстанокот на народната демократија во Југославија и се изразува уверување дека Резолуцијата не само што ќе нема негативни последици врз борбата за ДАГ, туку напротив ќе има позитивен одраз врз борбата на ДАГ.

Четвртиот пленум на ЦК на КПГ што се одржа на 28 - 29 јули 1948 година, посветена главно на големата битка на Грамос, на дневен ред ја имаше за разгледување и Резолуцијата на Информбирото. Пленумот во врска со Резолуцијата донесе посебна Резолуција со која наполно се солидаризира со истата и прифати мерки за нејзино реализирање во практика.

Поради значењето што го имаше Југославија за снабдувањето на ДАГ со оружје, муниција и друго во текот на битката на Грамос, Пленумот одлучи Резолуцијата во врска со судирот меѓу Информбирото и КПЈ времено да не ја објави.

Лидерот на КПГ свесен дека пресметката меѓу Сталин и Тито ќе биде остра, непоштедна и долгорочна, изгради цела стратегија за да ја искористи за свои цели. Веројатно во подготовката за стратегијата учествуваа и стратези на Информбирото. Главна цел на таа стратегија беше да се обвини Југославија како еден од решавачките фактори за поразот на ДАГ што се наѕираше, односно вината за таквиот исход на борбата од себе да ја префрли врз други. Прашањето за одговорноста за поразот на вооружената борба во која се дадени толку жртви, катастрофи и страдања, беше прашање на опстанок на Захаријадис на чело на КПГ. Судирот меѓу Тито и Сталин беше многу погодна прилика да ја избегне одговорноста и да ја префрли врз Југославија. Требаше да се убеди внатрешната и меѓународната јавност дека југословенските комунисти како агенти на англоамериканските империјалисти уште од времето на Втората светска војна дејствуваа за поткопување и пораз на народноослободителното движење во Грција. Во таа нивна дејност наводно беа инволвирани и Македонци од егејскиот дел на Македонија, од чии редови југословенските известителни служби регрутираа агенти за организирање агентурска мрежа која ја покриваше територијата на егејскиот дел на Македонија. Таквите обвинувања на адреса на КПЈ му одговараа на Информбирото во кампањата што ја водеше против југословенските комунисти. Симпатиите на меѓународната демократска јавност кон вооружената борба во Грција, нападите против југословенските комунисти беа во прилог на информбировската кампања против југословенските комунисти. Што значи, целокупната дејност на Југословените против народноослободителното движење ја спроведуваа преку Македонците.

Како покритие и мотив за горните тврдења на Захаријадис му послужи известителната активност на југословенските служби кои навистина ја развија во егејскиот дел на Македонија по 1945 година. Требаше со примена на разни средства и методи да се создаде и исфабрикува доказен материјал со цел одговорноста за поразот на ДАГ до КПГ да се префрли врз надворешен фактор и што е и најтрагично и врз Македонците од егејскиот дел на Македонија, што имаше трагични последици по нив.

НОФ ПОД РАКОВОДСТВО НА КПГ

Покрај тоа, планот на Захаријадис имаше за цел да истисне секакво политичко и друго влијание на Југославија врз Македонците и да оневозможи секаква духовна и друга врска меѓу егејските и вардарските Македонци.

За постигнување на таа цел, КПГ презеде политички, административни, правни и други мерки.

Една од главните мерки што ги презеде Захаријадис беше мерката за освојување на организацијата НОФ од внатре, односно да ја стави под своја целосна контрола. Да ја расформира немаше интерес од две причини:

1) Поради авторитетот што го уживаше НОФ меѓу Македонците и

2) Сакаше и понатаму да ја користи за мобилизирање на Македонците во борбата.

И покрај тоа што во ноември 1946 година организацијата НОФ помина под раководство на КПГ, нејзиното раководство поставено од КПЈ-КПМ, и натаму остана на нејзино чело. Поголемиот дел од тоа раководство се наоѓаше под силно влијание на Југославија и одржуваше илегална врска со југословенски политички институции и известителни служби. Таквите состојби беа прилика во раководството на НОФ да избие судир и расцеп, ривалство и слично.

Лидерот на КПГ, користејќи го неединството во НОФ и судирот меѓу КПЈ и Информбирото, презеде активности НОФ да се претвори во инструмент на негова политика. Тоа можеше да го постигне со инфилтрирање на свои луѓе во раководството на НОФ. Захаријадис тоа го постигна со наметнување свој човек за раководител на партиската организација на НОФ во март 1948 година, со отстранување на претседателот и секретарот на НОФ и поставување на нивно место свои луѓе во август 1948 година и со формирањето на комунистичката организација во Егејска Македонија во март 1949 година. Кадровската промена што го зафати сиот кадровски актив на НОФ, предизвика разочарување, сомневање и реагирање кај Македонците. Основачите на НОФ и ветераните на македонското ослободително движење беа мобилизирани и поставени во многу ниски раководни функции во ДАГ. Бараната помош од југословенските и вардарските комунисти изостана. Тие сметаа дека се измамени и изиграни. Се појавија случаи стари и докажани борци и активисти да ја напуштат борбата.

Со кадровската промена на НОФ, македонското националноослободително движење целосно ја изгуби својата самостојност и се претвори во инструмент за реализација на националната политика на КПГ, за вклучување на Македонците во вооружената борба што ја водеше ДАГ и во пресметката меѓу КПЈ и Информбирото.

Наредната мерка што ја презеде раководството на КПГ во рамките на планот да го "докаже" виновникот за поразот на ДАГ, беше откривањето и ликвидирањето на агентурската дејност на југословенските известителни служби во егејскиот дел на Македонија и на истиснувањето на секакво влијание на КПЈ-КПМ врз егејските Македонци. Реализацијата на горната задача му беше доверена на "Одделението за борба против Титовата агентура" формирано при Управата за Воена служба за безбедност во ДАГ во почетокот на јуни 1948 година. Слична служба КПГ формира есента 1944 година со задача да се бори против дејноста на Македонците што во октомври 1944 година се отцепија од ЕЛАС и се префрлија во вардарскиот дел на Македонија. Активисти од тие Македонци илегално се префрлуваа во егејскиот дел на Македонија каде ги обновуваа старите или формираа нови организации кои дејствуваа спротивно на политиката на КПГ по македонското национално прашање. По договорот во Варкиза тоа одделение беше расформирано.

Одделението за борба против Титовата агентура се развива и проширува во зависност од нивото и развојт на односите меѓу КПЈ и КПГ. Кога Југославија и по Резолуцијата на Информбирото продолжи да ја помага ДАГ и односите меѓу двете партии донекаде беа толерирани, Одделението беше внимателно. Неговата работа главно се состоеше во собирање податоци, организирање на мрежа на информатори и слично, а кога односите беа заострени Одделението пристапи кон реализирање на својата главна задача - собирање и јавно презентирање на "докази", "непријателски материјал", преку изјави по задача, признание на апсени Македонци, судски процеси и слично.

Задачите на Одделението произлегуваа од ставот прифатен од КПГ дека Југославија е агент на империјализмот и како таква дејствува против КПГ и народноослободителното движење во Грција. Целата операција беше наречена "Титово предавство и негова агентура во Грција".

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"