СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

АНТИЧКИ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ И ПЕСНИ (4)

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • И мотивот на Тројанска Елена останал забележан во македонска народна песна!
  • Митолошкиот лик на Пегаз - олицетворен преку коњот со крилја во македонските народни умотворби!

Да го спомнеме и мотивот за бог престорен како старец и жртвувањето на дете. Анализирајќи ги народните умотворби во кои е застапен овој мотив, македонскиот фолклорист д-р Кирил Пенушлиски пишува:

"Во овие легенди Господ шета по земјата, престорен во старец или сиромашец, посетува богати и сиромаси (контрастот е најчесто условен), барајќи од нив милостина или гостопримство. Зависно од одзивот Господ милостивите, чесните и набожните ги наградува, а другите - ги казнува". (Д-р Кирил Пенушлиски: "Митот и фолклорот", Скопје, 1996, стр. 94).

Освен наведените варијанти на овој мотив, постои и една екстремна варијанта во која бог (престорен како сиромашен старец) бара од родителите да си го убијат своето дете и да му го дадат да го изеде за да оздрави. Ваква приказна има запишано Кузман Шапкарев. Во неа бог му ја исполнил желбата на некој човек, а потоа отишол да го посети преправајќи се како болен старец. Домаќините убаво го пречекале, но бог им рекол дека е болен и дека ништо не може да му помогне. Само им рекол дека ќе оздрави ако касне малку од нивното машко дете што тие требало да го заколат и да го испечат. Родителите така и сториле. Бог каснал од машкото дете и веднаш оздравел. Но, потоа го благословил детето и тоа оживеало, а тој исчезнал. Така родителите сфатиле дека тоа е бог.

Паганскиот мотив во оваа приказна е повеќе од очигледен (токму затоа и зборот бог го ставив во курзив и со почетна мала буква). Имено, ваква епизода никаде не е забележана во записите од дејствувањето на Господ Исус Христос и невкусно е и да се помисли дека Тој - олицетворение на апсолутната љубов - можел да натера родители да си го отепаат сопственото дете. Исто така, Господ Исус Христос никогаш не се преправал како старец, кој оди по куќите и ги става луѓето во искушение. Па, од каде тогаш ваквиот морбиден и пагански мотив во оваа македонска приказна? Одговорот повторно го дава античката митологија.

Како прво, во оваа митологија постои приказна во која Зевс (заедно со Хермес) се престориле како старци и отишле во посета на маж и жена koi se vikale Filemon (Philemon) и Бавк (Baucis) и кои живееле во Фригија. Филемон и Бавк била стари и сиромашни луѓе, но убаво ги пречекале гостите. За да ги нагостат тие ја заклале својата единствена гуска со која ги послужиле гостите. Во знак на благодарност Зевс и Хермес ја престориле нивната колиба во раскошен храм во кој Филемон и Бавк посакале да служат до крајот на својот живот (Карлос Парада, цит. дело, наслов Philemon and Baucis). Гледаме дека дејството и на оваа приказна се одигрува во Фригија, т.е. среде Фригијците, кои додека живееле на Балканот биле познати под името Бригијци и претставувале значаен етно-културен сегмент од античките Македонци.

Во врска со престорувањето на Зевс, забележана е и приказната во која тој се престорил како овчар (Карлос Парада, цит. дело, наслов Muses), а познато е дека тој се престорувал и во други облици.

Во античката митологија се среќава и морбидниот мотив на родител што го убива своето дете за да им го послужи како јадење на боговите. Во приказната за Тантал (од чие име е изведен изразот танталови маки) го среќаваме токму овој мотив. За да им се додвори на боговите, Тантал ги поканил на гозба, а како јадење го подготвил својот син Пелопс кого претходно го убил и го сварил. Кога боговите разбрале за ова, го оживеале Пелопс, а Тантал го осудиле на вечни маки во подземниот свет (Карлос Парада, цит. дело, наслови: Pelops 1 i Tantalus). Веќе спомнавме дека (според една митолошка приказна) Тантал живеел во Пафлагонија (земјата на Венетите - предците на Словените).

Што се однесува до македонската народна приказна, гледаме дека најглавните сегменти во нејзиниот мотив ги има во античката митологија: преправањето на бог како старец, посетата на сиромашни маж и жена, жртвувањето на најскапото што го имале (во приказната детето, а во античката митологија - гуската) и оживувањето на убиеното дете од страна на бог. Ова значи дека и овој мотив во македонскиот фолклор е наследен од духовната култура на античките Македонци чиј составен дел била античката митологија.

МОТИВОТ НА ТРОЈАНСКА ЕЛЕНА ВО МАКЕДОНСКА НАРОДНА ПЕСНА

Нашиот познат литературен критичар и толкувач на тајниот говор на поезијата Душко Наневски го има откриено мотивот на тројанска Елена во една македонска народна песна. Но, пред да наведеме извадок од неговиот труд посветен на оваа тема, да се потсетиме најнапред на ликот на тројанска Елена.

Елена била најубавата жена во сиот тогашен познат свет. Таа била ќерка на Зевс и на Леда и уште како дете се истакнувала со својата убавина. Митскиот јунак Тезеј ја киднапирал кога била дете, надевајќи се дека ќе му биде жена кога ќе порасне, но нејзините браќа Кастор и Полукс ја спасиле. Подоцна Елена се омажила за Менелај (Menelaus), кралот на Спарта. Во врска со нејзината биографија во енциклопедијата Енкарта (цит. дело, наслов Helen of Troy), читаме:

"Убавината на Елена била директна причина за Тројанската војна. Овој десетгодишен судир почнал кога трите божици Хера, Атина и Афродита го замолиле тројанскиот принц Парис да ја одбере најубавата меѓу нив. Откако сите три се обиделе да влијаат врз неговата одлука, Парис ја избрал Афродита, која за возврат му ја ветила најубавата жена на светот. Не долго потоа Парис отпловил за Грција (не знам зошто овде е употребен терминот Грција, кога таква држава, па ни земја, тогаш не постоела, з.м.) каде бил љубезно примен од Елена и од нејзиниот сопруг Менелај, кралот на Спарта. Токму Елена, како најубава од сите жени, била ветената награда за Парис. Иако таа живеела среќно со Менелај, Елена потпаднала под влијание на Афродита, поради што Парис успеал да ја убеди да појде со него и да ја одведе во Троја".

Во продолжение читаме дека Менелај решил да си ја поврати својата преубава жена и затоа ги повикал своите сојузници, па со воена сила тргнале кон Троја. Така почнала Тројанската војна која се одвивала со променлив успех. По долгото војување, Парис и Менелај се согласиле да се сретнат во поединечен двобој. Елена била повикана да ја гледа нивната борба. Во двобојот Парис загубил, но Афродита го престорила во облак и го однела на сигурно место. По смртта на Парис и по падот на Троја, Менелај повторно се сретнал со Елена и ја вратил во Спарта, каде живееле до крајот на својот живот.

Мотивот на тројанска Елена е застапен во песната под наслов "Собрале се седумдесет кралеви" (објавена под реден број 341 во Зборникот на Миладиновци). Откако ја анализира содржината на оваа песна, Душко Наневски заклучува:

"Трагичниот мотив на тројанска Елена што предизвикува војна и човечки трагедии, во македонската песна "Собрале се седумдесет кралеви" (Милад. 341), пренесен е на животен план, со витална поента: кралот Богдан, по собор на 70 кралеви, бара сестра му Ангелина да се обеси зашто "за неа се земја не мирует", ќе пропадне кралството; но девојката со парите што ги зема, наместо јаже за бесилка, си избира најубав јунак: "што му игра видра на колено/ што му пее славеј во пазува", и побегнува со него. Така овој баладен мотив излегува од правот и чадот на историјата и во македонска верзија добива животворна функција. (Душко Наневски: "Раѓање на метафората", Скопје, 1982 год., стр. 126).

И навистина, содржината на оваа песна има многу допирни точки со митот за тројанска Елена. Во песната седумдесет кралеви тргнале да војуваат против кралот Богдан заради убавината на неговата сестра Ангелина:

Собрале се седумдес'т кралеви,

Меѓу себе тие зборувате:

"Колку имат од море до Дунав,

Седумдесет и седум градои,

Од Легена поголем град немат;

Стред Легена лична Ангелина,

Ангелина краљ Богдану сестра,

За неа се земја не мирует."

Краљ Богдану недобро паднало,

Оттува стана, дома си ојде,

Тога Богдан говорит сестре си:

"Ајти тебе сестро Ангелино!

Шчо те имам сестра, да те немам!

За тебе се земја не мирует.

И овде гледаме дека кралевите тргнале по море, исто како во случајот со тројанска Елена.

Да потсетиме дека "Илијадата" била мошне популарна среде античките Македонци. Оттаму нејзините мотиви стигнале и во фолклорот на Македонците од 19 век.

ЛИКОТ НА КРИЛЕСТИОТ КОЊ

Во неколку македонски народни умотворби се среќава коњ со крилја. Таква е приказната под наслов "Трите самовили, стариот слепец и ќелешот" (Марко К. Цепенков: "Светот на приказните", Скопје, 1982, стр. 158-166). Во оваа приказна читаме за еден коњ со крилја, кој му помогнал на момчето да побегне од непријатностите во кои се нашол. Притоа коњот го советувал момчето како полесно да избегаат. Значи, овде крилестиот коњ е персонализиран како човек. Тој зборува и му дава мудри совети на својот господар кому верно му служи.

Лик на умен коњ со крилја се среќава и во песните за Крали Марко. Веќе ја спомнавме песната за Марко и самовилата, во која самовилата му ги зела очите на Марко, а на неговиот коњ му ги зела крилјата. Постојат и други вакви песни.

Познато е дека коњот на Крали Марко се викал Шарец. Душко Наневски, преку анализите на песните во кои е спомнат овој крилест коњ, заклучува дека Шарец можел да лета од планина на планина, па дури и во облаци (Душко Наневски, цит. дело, стр. 78).

Аналогија на овој крилест коњ во античката митологија е митолошкото суштество пегаз (pegasus). Тоа бил крилест коњ кој живеел близу еден извор. Принцот Белерофон (Bellerophon) бил опседнат да го фати пегазот и во тоа му помогнала божицата Атина. Во врска со нивниот натамошен заеднички живот, во енциклопедијата Енкарта читаме:

"Подоцна пегазот се докажал како голем помагач на Белерофон. На овој јунак тој му помогнал во неговите борби против Амазонките и против Химера" (Encarta, цит. дело, наслов: Pegasus).

На крајот Белерофон посакал да се качи на врвот на Олимп и да им се придружи на боговите, но пегазот го отфрлил од својот грб и заминал сам на Олимп, каде бил чуван во тамошните стаи. И за пегазот се тврди дека бил "мудар коњ" (Енкарта, исто). Инаку, Химера било троглаво чудовиште со преден дел на лав и опаш на змеј. Од средната глава излегувал оган (Карлос Парада, цит. дело, наслов Bellerophon).

Заеднички сегменти помеѓу крилестиот коњ од македонските народни умотворби и пегазот има во нивниот физички изглед (коњ со крилја), а овде е и моќта умно да расудуваат и да им помагаат на своите господари во борба против чудовиштата. Ова е силен аргумент во полза на тврдењето дека крилестиот коњ во македонскиот фолклор исто така претставува наследство од античката митологија, која била практикувана од античките Македонци.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"