ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Свети апостол Тома

"БЛАЖЕНИ СЕ ОНИЕ КОИ НЕ ВИДЕЛЕ, А ПОВЕРУВАЛЕ"

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Св. апостол Тома го видел воскреснатиот Христос, ги пипнал животодавните Негови ребра, лично се уверил дека Христос воскреснал и е жив, и радосно извикал: "Господ мој и Бог мој!".
  • Царот го предал Тома на своите пет војници и им заповедал да го одведат на гората и со копја да го избодат. Петте војници го прободеле апостолот со пет копја. Св. апостол Тома, како и Христос, на телото доби пет лути (жестоки, остри) рани и душата ја предаде во рацете на својот Господ.

Во спомен на Свети апостол Тома, Светата Православна Црква го востановила празникот што се празнува на 6/19.10. Бог го удостоил да биде еден од дванаесетте Христови апостоли, голем сведок за вистините на Божјите дела и вечен чувар на Христовата наука.

Св. апостол Тома се допира до Христовото ребро по Воскресението

Тома е еврејски збор и значи "близнак". Се родил во галилејскиот град Панеада. Го проповедал Светото Евангелие во Индија, а потоа во Мелиапор (град во Индостан). Со името Божјо вршел необични чуда. Св. евангелист Јован не известува дека Господ Исус Христос по Своето Воскресение и се јавил на Марија Магдалина, па на единаесетте ученици. Застанал среде нив и им рекол: "Мир вам!". Им ги покажал рацете, нозете и ребрата Свои, и пак им рекол: "Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам... Примете Дух Свети!". Но, Тома не бил со нив кога дошол Христос. Кога тие му рекле: "Го видовме Господа", тој им рекол: "Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам".

СПАСЕНИЕ

По осум дена Христовите ученици пак биле собрани, и Тома со нив. Тогаш дошол Исус, застанал помеѓу нив и рекол: "Мир вам!". Потоа му рекол на Тома: "Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; Дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; И не биди неверлив, но верлив!". Св. апостол Тома го видел воскреснатиот Христос, ги пипнал животодавните Негови ребра, лично се уверил дека Христос воскреснал и е жив, и радосно извикал: "Господ мој и Бог мој!". А Исус Му рекол: "Тома, Ти поверува, оти Ме виде; Блажени се оние кои не виделе, а поверувале". Преку сомневањето на Св. ап. Тома за воскресението Христово, се доби потврда за тој најнеобичен и најспасоносен настан во историјата на човештвото. "Христос навистина воскресна и им се јави на учениците не како привидување и не во некое друго тело, туку во она истото во кое пострада заради нашето спасение". И по Христовото вознесение и симнување на Светиот Дух над апостолите, Господ му се јавил на Тома за да го проповеда Евангелието во Индија. Тогаш настанало Успение на Пресвета Богородица. Сите апостоли, од разни страни на светот, биле пренесени во Ерусалим, кон одарот на Богородица. Но, Тома не стигнал на самиот ден на погребот на Богопрославеното тело на Преблагословената и Пречиста Богородица. Стигнал третиот ден по Нејзиното Успение. За да и се поклони Тома, апостолите решиле да го отворат гробот. Меѓутоа, "Кога го отворија гробот тие не го најдоа телото, туку само една плаштеница...". Значи, Мајката Божја, како и Нејзиниот Син, во третиот ден воскреснала, и со телото била вознесена на небото. Тома, со своето задоцнување на погребот на Мајката Божја, пред светот "го откри чудесното прославување на Мајката Божја". Тој во Индија основал Црква и многу луѓе поверувале во Бога.

ЧУДЕСА

Тома го проповедал Христа во Каламидските краеви, каде владеел цар Муздиј. Поверувала во Христа царицата Тертијана, сопруга на цар Муздиј, како и нејзината сестра Мигдонија. Апостолот ги крстил. Во Христа поверувал и Азан, царскиот син, и бил крстен. Но, цар Муздиј дознал за сето тоа и Тома го фрлил во затвор. Потоа бил изведен пред царот на суд. Царот го прашал: "Кој си ти, роб или слободен?". Тома му одговорил: "Роб сум на Оној над кој ти немаш власт... Мој господар е Господ на небото и земјата, Бог и Создател на секое творение... Тој ме испрати да го проповедам Неговото свето Име и да ги обраќам луѓето од заблуда... По наредба на царот, апостолот со боси нозе го поставиле на вжештени железа, па во вжештена печка, но останал жив и неповреден. Во присуство на апостолот, идолот се растопил. Царот го предал Тома на своите пет војници и им заповедал да го одведат на гората и со копја да го избодат. Петте војници го прободеле апостолот со пет копја. Св. апостол Тома, како и Христос, на телото доби пет лути (жестоки, остри) рани и душата ја предаде во рацете на својот Господ. Царскиот син Азан - ѓаконон, и свештеникот Сифор, чесно го сохраниле неговото свето тело. По неколку години се разболел царскиот син и бил излечен по молитвите на царот кон Господ и Св. Тома. Царот поверувал и бил крстен. На местото каде било сохрането телото на апостолот, настануват чудеса.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"