Конечно некој од внатре, некој кој секој ден има работа со големците од
ФСМ, прозборе за тоа за што сите молчеа, прозборе за она што медиумите
одамна го алармираат. Но, некако кога тоа го слушаме од селекторите на
македонските фудбалски репрезентации сето тоа изгледа многу пострашно, многу
посериозно, многу поалармантно.
ВИСТИНАТА НА ВИДЕЛИНА
Мерки треба да се преземат и тоа што побргу затоа што ако остане како што
е сега имаме најава дека селекторот ќе ја напушти функцијата, а општата
атмосфера во репрезентацијата ќе се наруши и ќе почне да наликува како на
оној период кога репрезентацијата беше бојкотирана од самите фудбалери.
Селекторот Илиевски доста жолчно и доста отворено го нападна
претседателот на Сојузот, Ламбе Арнаудов, поради неговата никаква
кооперативност и постојаното оглушување на потребите на репрезентацијата.
Исто така, на споменатата прес-конференција Ламбе Арнаудов беше обвинет дека
од таквата негова лежерност најмногу трпи репрезентацијата и воопшто
македонскиот фудбал во целина. Неговата улога на заштитена и недопирлива
личност кој е "алфа и омега" во ФСМ ги иритира и самите фудбалери кои за
време на подготовките не биле никогаш посетени и охрабрени, туку постојано
работеле под притисок дека нема да ги добијат потребните премии.
Она што посебно загрижува во изјавата на селекторот е тоа што тој
отворено се нафрли и на работата на една фудбалска легенда како што е Илија
Најдоски. Тој рече дека џабе е тоа што Илија Најдоски е фудбалска легенда
кога со самото седнување во меката фотелја на Сојузот ги заборавил сите оние
работи кои го оптоваруваат еден фудбалер и ги погазил сите оние принципи за
кои тој се залагал кога бил фудбалер. Џиџи спомна дека досега Најдоски само
еднаш се појавил меѓу фудбалерите и тоа не да ги стимулира и со своето
реноме да ги охрабри, туку едноставно да им соопшти дека ќе бидат намалени
нивните премии и едноставно да си замине.
Навистина зачудуваат ваквите квалификации упатени кон една таква легенда
и спортски работник и уште еднаш покажуваат дека се додека се овие луѓе во
ФСМ, Сојузот континуирано ќе пропаѓа. Но, она што ги вознемирило играчите и
стручниот штаб на репрезентацијата е тоа што веднаш по завршувањето на
натпреварот кога сите играчи го тешеле нашиот голман кој прими кикс гол,
некои лица од Сојузот со насмеани лица се шетале пред играчите како да им
било помило што сме изгубиле.
МЛАДИНСКАТА СЕЛЕКЦИЈА ВО КОЛАПС
Селекторот, пак, на младата селекција некако во исто време се огласи за
тоа како стојат работите во младата репрезентација. И според тоа што тој го
изнесе, може да се заклучи дека и таму е се црно, ако не и поцрно од
состојбите во сениорската репрезентација. Селекторот Оџаков јавно ги посочи
Пановски и Таковски како личности кои му ја опструирале работата. Тој
истакна дека од Пановски добивал инструкции со кои луѓе во Сојузот може да
се контактира, а со кои не, затоа што биле државни непријатели и работеле
против интересите на ФСМ? Од неизбежниот Таковски, пак, добивал инструкции
за тоа кои играчи треба да играат, а кои треба да седат кога игра
македонската репрезентација затоа што, според зборовите на Оџаков, на
Таковски важно му било само да има успех со "Беласица", а за
репрезентацијата не го болело!
По ваквите изјави на селекторите како коментар и нема што да се додаде
затоа што самите изјави зборуваат многу за хаосот и лошите состојби кои
владеат во македонскиот фудбал. Навистина не е убаво кога ќе се слушне дека
некого го интересираат само клупските интереси и дека "не го боли" за
репрезентацијата. Не е убаво да се видат насмеани и презриви лица кај луѓето
од Сојузот во моменти кога нашата репрезентација губи. Исто така, лошо
влијае и фактот што директно се обвинети и македонски фудбалски легенди. Се
плашиме на крајот да не излезе онака како што кажа Џиџи дека тој секогаш
може да биде тренер во друг клуб, а Најдоски може да биде директор само на
оваа репрезентација и дека Ламбе не може да биде ни претседател на некоја
селска задруга.
На крајот само можеме да се надеваме дека во иднина нема да бидеме
омаловажувани и по организација да бидеме споредувани со некаков просечен
клуб.
Селекторот Илиевски доста жолчно и доста отворено го нападна
претседателот на Сојузот, Ламбе Арнаудов, поради негова никаква
кооперативност и постојано оглушување на потребите на репрезентацијата. Исто
така, на споменатата прес-конференција Ламбе Арнаудов беше обвинет дека од
таквата негова лежерност најмногу трпи репрезентацијата и воопшто
македонскиот фудбал во целина. Неговата улога на заштитена и недопирлива
личност кој е "алфа и омега" во ФСМ ги иритира и самите фудбалери кои за
време на подготовките не биле никогаш посетени и охрабрени, туку постојано
работеле под притисок дека нема да ги добијат потребните премии.