КОМЕНТАР

Сито и Решето

РАМКОВНИОТ ДОГОВОР НА ДЕЛО

Од Редакцијата

Во Тетово се молчи и се ползи со поднаведната глава оти соседите Албанци делат своја правда. Впрочем, одамна ја делат својата правда - делат сребрени куршуми. Вежбаат со вистински куршуми, а трофеи има се помалку.

Се помалку има и Македонци, а оние што останаа не знаат дали се на своја земја, или се под земја. Во Липково се вее албанското знаме, а македонскиот "жолт вентилатор" никогаш повеќе нема да дува. Тој е расипан. Нема кој да го поправи. Но, реалноста тропа и на други порти: во Скопје, во Куманово, во Гостивар, во Кичево и во Струга. За Дебар да не зборуваме, одамна е заборавен. Република Македонија не владее со Македонија. Со неа си играат јамб. Со неа, ако нешто остана од неа, си играат, си играат, си играат....

Жалиме што ова е тавтологија, но полоша и погрозна судбина никогаш не сме доживеале. И во пусто турско сме имале мака, ама се знаело што е македонско национално чувство. Тоа се бранело со пушка или со комитлак. Но, ова денес што се прави со малкутемина преостанати Македонци во Тетово е полошо од лошото. Луѓето не смеат да излезат од дома. Не смеат да го преминат куќниот праг. Не смеат да се движат, а уште малку ќе им забранат да зборуваат на македонски јазик. Но, дали сме се запрашале кога за последен пат во Тетовско се чул македонски збор. Кога за последен пат се запеала македонска песна? Кога за последен пат се занункало Македонче? Кога за последен пат.... кога... кога? Не се памети! Кога?

НИ ТРОНКА СВЕСТ И САМОСВЕСТ

Остана неодговорено прашањето. Остана недоречено, оти ни скисна македонштината. Ни се скисели судбината. Сите го гледаме и го забележуваме сеирот што им го прават на Македонците во Тетово, а притоа се молиме тој да не тропне и на наша врата. Но, тропорат душманите. Се прекројува и се преорува земјата македонска, а ние не реагираме. Имаме ли ние Македонци во Парламентот!? Имаме ли ние достојни политичари да не претставуваат? Или молчат и премолчуваат за да не газат. Секаде е молк. Молчешкум ги премолчуваме грозоморните слики во Тетово. А, ние онака понижени голтаме, голтаме... Пред да не голтнат. Пред да не лапнат. Пред да не лапне ноќта.

Зарем за тоа се договоривте!? Зарем за тоа го потпишавте Рамковниот договор!? Еве ви го Договорот. Еве ви го... на дело. Тој многу добро заживеа. Пострашни сцени немаме видено. Полоши резултати немаме доживеано. Што размислувавте за време на воениот распуст? Дали барем малку имавте "акал"? Дали некој ви се закануваше? Отворено сега кажете. Нели сте победници, односно губитници. Дали се тресевте кога бевте на одмор во Охрид, во 2001 година? Вие, господа потписници на Рамковниот договор, никогаш не сте имале храброст. Вие никогаш не сте биле Македонци. Ве прашуваме што сте по националност? Вонземјани?! Ако барем малку имавте ум ќе бевте дојдени од оној свет. Вака без вина виновни, без ни тронка свест и самосвест, не испраќате на оној свет. Но, сепак, ако тука не ви можеме ништо, оти ви ја дадовме власта, ви ја подадовме раката, можеби на оној свет ќе се најдеме. Па, таму ние ќе владееме и ќе судиме. Ќе бидете понижени и навредени онака како што Македонците во Тетово се чувствуваат: ем навредени, ем понижени, ем предадени.

ОБЕЗГЛАВЕНИ

Делото на Рамковниот договор тука не завршува. Всушност, терористичките дела нема лесно да завршат. Крајот не им се наѕира. Тие дури сега се затуфкаа. Тука не станува збор за класично младешко самодокажување - улични тепачки, туку за показалецот. Тој никогаш не затреперува на чкрапецот од пушката. Тој само се одгласува. Потоа како класје паѓаат Македончињата. Во цутот на младоста.

Премногу се измешани лончињата и затоа имаме национална и физичка поделеност. Умот е загаден од национализам и шовинизам, а егоистите и циничните водачи ја туркаат работава. Рамковниот договор оди во пропаст. Тој и воопшто не заживеа. Но, поопасно станува што младите генерации се вовлечени во политиката. Тие се инструмент во рацете на политичарите. Тие им ја ускратуваат младоста. Сакаат предвреме да ги нурнат во реалниот и суров свет во кој не цветаат рози. Меѓутоа, патот кој го одбраа нема ниту Македонците ниту Албанците да ги одведе во Европа. Нашето општество назадува, бидејќи полицијата не може да си ја врши својата работа. На полицајците политичарите им забранија да влезат во Порој, во Дреновец 2, во Непроштено, во Мала Речица, во Шемшево и во други села. Сепак, полицијата и не е толку виновна. Таа е разнебитена. Внатре се уништени професионалните структури. За нејзиното обезглавување се виновни македонските политичари. Тие не дозволуваат нашите државни органи задолжени за редот, мирот и слободата на движењето на граѓаните да одат во кризните села и соодветно да реагираат. Да ги уапсат сомнителните лица, па макар тоа биле и Албанци. Тие не смеат да живеат на воените ловорики и меѓународната поддршка. Тие не се над законот и не треба да спроведуваат свој закон. Револверашките закони можат да се спроведуваат на Дивиот Запад, или можеби на Блискиот Исток. Сепак, и овие територии се одблесок на погрешната политика и вообичаената поддршка.

Ако нашата реалност го допира дното, тогаш навистина се наоѓаме пред портите на хаосот. Ништо во Македонија не функционира. И владата во заминување и владата во доаѓање не можат да мрднат со прстот. Затоа сите по малку стануваме "мрднати", а можеби и налудничави. Секој против секого зборува. Секој против секого пука. Пука и оној што не заслужува, а пукна и Рамковниот договор. Како дојде, по се изгледа и така ќе си замине. Нели со куршуми и сила беше наметнат, со куршуми си заминува во историјата. Само таа во Македонија се повторува: Букурешт, Берлин, Јалта, Охрид и .... ќе видиме кој град ќе следува.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"