Тројца повредени на средношколските протести

Потресени од свирепото убиство на нивниот другар, соученик, врсник и сограѓанин Ванчо Јосифовски и поради предлогот идниот министер за образование да биде од редовите на ДУИ, Средношколската унија на Македонија и тетовските средношколци, на 23 октомври пред Собранието на РМ одржаа протест.

Средношколците не смеат да бидат предмет на политичка, верска, етничка, или каква било друга злоупотреба, порачаа тие.

И покрај најавата дека ќе се одржи мирен протест, сепак тројца случајни минувачи се повредени од кои едниот е хоспитализиран, а шест учесници на протестот се приведени на информативен разговор во полицијата. Повредените се припадници на албанската етничка заедница во Македонија. Учесниците на протестот во Скопје особено насилно се однесуваа пред амбасадите на Германија и Италија.

Проект за намалување на стравот од војната

Повеќе од 3.200 деца од тетовскиот регион имале пречки во психофизичкиот развој поради минатогодишните војувања во тој дел од Македонија, се вели во истражувањата на невладината организација Хуманитарен македонски национален центар (ХМНЦ). Истражувањата се дел од четиримесечниот Проект за посттрауматска рехабилитација "Враќање на личноста", кој се спроведувал во Шипковица и во прифатилиштата за бегалци во Скопје.

Во ХМНЦ велат дека целта на Проектот, за кој УНХЦР донирал околу 14 илјади долари, е кај децата од Тетовско да се "уништи" стравот од војна.

Македонија на врвот според трговскиот дефицит

Според податоците изнесени во транзицискиот извештај на Европската банка за обнова и развој од 15 земји во транзиција, Македонија, БиХ и СРЈ се наоѓаат на врвот на листата на земјите со најголем трговски дефицит. Учеството на дефицитот во домашниот бруто-производ минатата година, достигнал 9,4 отсто, показател кој говори за постојаниот пад на извозот и за растечката немоќ на македонското стопанство.

Последните статистички показатели посочуваат дека минусот во надворешната трговија е речиси 400 милиони долари, со што тој претставува една третина од реализираната вкупна размена за првата половина од оваа година.

Мултиетнички партии во Македонија!

Политичките партии во Македонија се поделени според етничка основа, па затоа предизборната кампања не придонесе за надминување на меѓунационалната поделба, туку напротив само ги зголеми тензиите. Ова е ставот на Советот на Европа што беше презентиран неодамна во Стразбур во извештајот посветен за Македонија. Оттаму произлегоа и препораките во иднина мултиетничноста на партиите да биде основен услов и критериум за нивна регистрација, нешто што првпат како категоричен став се провлекува во една меѓународна институција.

Кучма во Македонија

Македонија и Украина не разговараат исклучиво за воено-техничката соработка, како што мислат некои. Приоритетна е економската соработка, и лани и сега, а доказ за тоа е и фактот што Македонија е единствената земја од Европа со која Украина има потпишано Договор за слободна трговија, рече претседателот Борис Трајковски на заедничката прес-конференција во Скопје, со својот украински колега, Леонид Кучма.

Трајковски додаде дека Македонија и Украина делат исти надворешно-политички интереси: и двете земји се кандидати за членство во НАТО, и двете партиципираат во Партнерството за мир со јасни намери да ја остварат и целта за интеграција во Европската унија.

Георгиевски останува на Водно

За станот во новата зграда на ул. "Ацо Караманов" број 33, во елитниот дел на Водно, во непосредното соседство на резиденцијата на американскиот амбасадор, како што беше обелоденето во јавноста, бившиот премиер Љубчо Георгиевски платил по 680 евра за квадратен метар. За вкупно 215 квадрати, колку што е простран станот, вклучувајќи ги тука и околу 40 квадрати тераси, Георгиевски преку штедна книшка од "Македонска банка" на сопственикот на зградата, бизнисменот Зоран Азманов, му изброил повеќе од 145.000 евра. Во истата зграда, во која има вкупно осум стана по иста цена, засега е продаден само уште еден стан, и тоа на претседателот на Фондацијата "Милениумски крст", Благоја Дојчиновски, кој за 113 квадрати платил околу 80.000 евра.

Мала поправка на црквите во Матејче

Во понеделник ќе почне превентивна санација на манастирската црква "Успение на Света Богородица", оддалечена девет километри од Матејче, и на црквата "Свети Ѓорѓи" што се наоѓа во ова кумановско село. Ќе работат конзерватори од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Неофицијално се дознава дека во ОБСЕ инсистирале да бидат вклучени и Албанците од Матејче како услов да почне санацијата на црквите. Трошоците ќе бидат платени со 20.000 евра кои за таа намена лани ги додели холандската Амбасада.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"