е е битно колку и кои
министерства ги добиваме затоа што секој ресор е сериозен и бара соодветен
пристап, посебно во овој период во кој се наоѓа Македонија" - на ваков начин
ќе ја изрази својата загриженост за државата првиот заменик на Ахмети, Агрон
Буџаку. И за да биде куриозитетот поголем, ваква реторика досега немаме
чуено од ниту една политичка фигура од македонскиот блок во последно време
што упатува на сериозна анализа околу одговорот на прашањето: Кој навистина
е загрижен за земјава?
Ноншалантните и подбивни изјави што по медиумите ги пласираат личности
кои посегнале по интегритетот на државата не претставуваат ништо друго освен
поигрување со чувствата на обичните граѓани кои минатата година на свој врат
ја почувствуваа тешкотијата на војната.

Каде беше загриженоста на Буџаку лани кога таа крвареше и се бореше за
својот опстој на балканските простори? Имаат ли право истите оние кои во
2001 година ги подбуцнуваа етничките страсти, оние кои вербално или со пушка
в рака го ширеа огнот на омразата и делбите, денес да организираат претстави
пред новинарите со фрази кои покажуваат наводна загриженост? За каков
оптимизам и надежи зборуваат екс-угнетувачите и узурпаторите на слободата и
соживотот, кога својата новостекната функција ќе ја искористуваат и
злоупотребуваат за остварување на само започнатите сценарија од минатата
година?
НА ПОТЕГ Е ЦРВЕНКОВСКИ!
И по соопштувањето на имињата за состав на новиот кабинет на македонската
влада опасностите по македонската држава се уште не се елиминирани. Многу е
веројатно дека процесот на рушење на виталните елементи на земјата ќе
продолжи од двете нивоа кои и досега беа користени за атак: институциите на
системот и теренот, односно кризните региони кои се уште се далеку од
потполна нормализација. И тоа би одело вака: едните ќе припукаат од Шемшево
или Слупчане, а другите од удобните фотелји на експресен начин ќе мораат во
името на мирот и безбедноста да ги задоволат фантазиите на своите сопартијци
и екс-колеги. Новите политички сили кои ги освоија институционалните зданија
ветуваат дека сето ова повеќе нема да се случува, дека сето тоа е минато и
доаѓа период кога страниците треба да се свртат и да се почне од некој нов
почеток. Илузорно е веќе прашањето дали веруваме во новите скромни ветувања
на коалиционерите. Македонските граѓани отсекогаш покажувале прекумерна доза
на оптимизам, верба и желба за подобра иднина и токму со таквата
предимензионираност на иднината дојдовме и се најдовме во една ваква
ситуација каква што имаме. Да престанеме веќе да ги бараме и да ги
посочуваме виновниците за сопствената трагедија. Тие се одамна најдени и
посочени, преостанува да бидат казнети. Да престанеме веќе вината за секој
ситен детал на нашето минато да ја префрламе секому, а самите да се
амнестираме. Самокритиката и самоодговорноста, одамна го загубиле своето
вистинско значење. Тајфата на Црвенковски ќе мора да се испоти и на голема
врата да ги врати угледот, честа и достоинството на македонските институции.
Македонците и сите преостанати покрај нив мора да почнат да веруваат во
нешто светло, здраво и искрено, зашто ја изгубија вербата во се, во
најближниот, во соседот, во земјава своја. Ја чувме загриженоста на Буџаку
за земјава која ја поганеше, па редно е сега кога западните структури го
наместија во власта, и практично да покаже и да докаже како изгледа сето тоа.
Својата загриженост за опстојувањето на државата најдобро ќе ја изрази кога
ресорот за образование кој по преговорите им беше доделено ним, без двоумење
ќе ја врати состојбата во Шемшево онака како што беше пред асимилирањето на
малубројниот етнос во селото од македонско потекло. Ќе има ли доблест новиот
министер за школство од редовите на ДУИ правдољубиво да ја реши ситуацијата
со училиштето "Даме Груев", ќе има ли барем трошка демократичност за да го
отстрани бронзениот балист од пред вратата на образовната установа? Тоа ќе
биде првиот тест за загриженост на Буџаку и нему блиските, тоа ќе биде
првиот пробен балон и за политичката корпорација на Црвенковски кој
веројатно уште на почетокот ќе мора да проголта многу кнедли во името на "мултиетничкиот
соживот" и под налетот на европските орли. Одлучно или по малку премолчено,
решително или рестриктивно ќе зависи од волјата, подготвеноста и кадровската
моќ на новите луѓе во државните ресори. Вакуум периодот од точно 45 дена без
нова власт и со делумна стара гарнитура, без право на крупни одлуки, но со
право да мести и да преместува свои луѓе онаму каде што сака и посакува,
создаде и се уште создава дополнителни проблеми со ненадоместлива штета по
сите сегметнти на државата. Проблемите кои постоеја и со години ги влечевме
со нас, небаре ни се миленичиња па не можеме да се одделиме од нив, ги
збогатија со нови арсенали девијации кои, ако ништо друго, треба да им
задаваат главоболки на Гошев и на Црвенковски како најзасегнати од
економската и стопанската катастрофа во која некој не доведе. Старо-новите
гарнитури без разлика дали денес се во власта или во опозицијата, без
разлика дали се во десницата или левицата, бидејќи таквите рува станаа
променливи, не можат или не сакаат за доброто на граѓаните да ја прифатат
цивилизациската реалност која одамна ја прифати Европа дека помина времето
на узурпација на народното богатство, дека помина периодот на поставување
сопки за противникот. Нашите избраници во законодавните асамблеи таквото
поттикнување на политичката моќ ја издигнуваат на највисок степен без оглед
на притисоците и реакциите кои стигнуваат од сите страни. Откако полека
успеавме да го истуркаме овој неповолен период од месец и половина за рокада
на власта, во наредните месеци се до новата 2003 година ќе мораме да се
навикнуваме на рокади, трансфери и преместувања во пониските слоеви на
управувањето (претпријатија, фирми и слично) со кои безмилосно ќе им се
покаже на претходните дека местото не им е таму и дека треба да се заменат
со нови управители со социјалдемократска или либерал-демократска идеологија.
Се додека не се средат ваквите поделби на моќта и влијанието меѓу партнерите
во обемната Коалиција, се дотогаш државата и граѓаните не ќе можат да се
надеваат на скорешно решавање на маките кои ги притискаат. Процесот ќе
потрае.
Практично, земјава речиси половина година со самиот старт на летниот
период, па се до крајот на годинава остана со една задача - да подготви и
спроведе избори, да формира нова власт која ќе постави свои експозитури на
владеење. И ништо повеќе. Половина година речиси ништо друго не се работеше.
А и тоа што беше преземено како активност (сечење ленти на цркви, крстови,
водоводи и улици) со должна почит кон сето тоа, беше во функција на
изборната трка за поуспешно додворување кон електоратот. Беше ли некој
загрижен во овој период? Се сомневаме. Вистинската загриженост за државата
отсуствува цели 12 години уште од самиот чин на стекнување на независноста
во деведесетипрвата. Доколку во изминатиот еднодецениски период некој беше
навистина на браникот на македонската кауза, немаше да доживееме ваков облик
на транзиција зачинет со мито, корупција, рекетарство, збогатен со војна,
масакри и предавства. Тоа ни го направија загрижените. Ниту една политичка
гарнитура досега не успеа да и го најде вистинскиот пат на оваа земја.
Секогаш на маргините, секогаш на аутсајдерската позиција во секоја област.
Одвреме навреме ќе не израдуваа со некој привиден и надуван раст на некоја
гранка, но преку ноќ се ќе се стопеше како воопшто и да не постоело. Важно е
што беа и се уште се загрижени. Додека другите околу нас и подалеку храбро
чекореа по патеките на европската интеграција, македонските естаблишмени
изродија и ни понудија поинаков модел на развој за општеството, од оној што
е применет и дава резултати во Европа.
КАДЕ Е СПАСЕНИЕТО?
Сејачите на магла повторно, по трет или четврти пат се обидуваат да му ги
замаглат мислите на обичниот граѓанин повикувајќи го на трпение, смиреност и
оптимизам. Некој ќе рече "трпение - спасение", но македонското трпение ги
надмина и премина сите временски бариери, а спасението ни оддалеку не се
гледа. Ривалството и мафијаштвото што во изминатите четириесетина дена се
покажа меѓу вечните опоненти на политичката сцена, јасно ја издиференцира
наводната загриженост за опстојувањето на ова мало парче земја. Едните
доограбуваат, другите рекетираат, третите убиваат и се закануваат со нови
крвопролевања, четвртите мака мачат да најдат соодветни кадри за да состават
нормален кабинет за наредната процедура.
Може ли вака да се оди напред? Уште најмалку половина година ќе се
казнуваат меѓу себе, ќе го одземаат откраденото, ќе тужат и поднесуваат
кривични пријави за злоупотреба на позицијата на која се наоѓале, уште
најмалку две години некого ќе разоружуваме, ќе го молиме да ја фрли пушката
и во името на соживотот и човековите права, а по моделот на позитивната
дискриминација ќе го интегрираме во дезориентираното општество. И додека
сето ова ќе го практикуваме некаде до 2004 година, ако не и понатаму,
другите веќе ќе бидат далеку пред нас, што би рекле астрономите и за неколку
светлосни години. Граѓаните на Македонија со право негуваат големи надежи во
нововостановениот состав на владиниот кабинет на Црвенковски, бидејќи
поминатите години во беда и сиромаштија, неизвесност и неслобода го натераа
да ја сврти страницата и да се обиде, па макар и за поседен пат "да ја земе
судбината во свои раце".
Но, судбината и на овој народ и на оваа држава сега е во рацете на оној
кој ја изговори таа реченица, нема право на отстапувањето од она што го
вети. А не вети ниту цифри, ниту проценти, ниту илјадарки. Вети иднина,
среќа, смеа, соживот што е многу повеќе од проклетите цифри и проценти.
Значи ли тоа дека повеќе не треба да бидеме загрижени? Далеку е тоа. Можеби
тешкото или најтешкото е зад нас, можеби помина, никој не знае што ни носи
времето, но предизвиците и натаму постојат и растат. Ни ги наметнуваат,
самите се изродуваат. Македонија направи доволно отстапки и кон националните
малцинства и кон т.н. меѓународна заедница.
Време е некој на Македонија да и излезе во пресрет, да ја застане на
здрави и стабилни нозе. Расколници имало, веројатно и натаму ќе има, но
одлучно да ги елиминираме, а не да ги интегрираме со што би им дале далеку
помоќна позиција од онаа што претходно ја имале. Ќе не доопустошат. Не смее
повеќе да се дозволи на секои спроведување на правен и законски акт,
државата и институциите да добиваат закани по интегритетот и опстојувањето,
затоа што тоа некому не му одговарало.
Имаме ли тогаш правна држава за каква што се бориме? Големината на нашите
новоизбрани владетели ќе ја согледаме токму тука, во подготвеноста да го
вратат вистинското лице на правната држава. Својата загриженост треба да ја
сконцентрираат токму тука. Знаеме дека некому му беа потребни и војни и
раселувања и крв и солзи за да добие нешто што е надвор и далеку од здравиот
разум. Газеа врз туѓите чувства, но и врз чувствата на своите. А велат биле
загрижени за оваа земја, за овој народ. Нон-сенс. Наседнавме? Не притиснаа
за да биде вака? Можеби и од двете по нешто? Досегашната неотпорност,
дезорганизираност и дефанзивност на оние кои требаше да го покажат сосема
спротивното како на безбедносен, така и на дипломатски план не заслужуваат
повеќе место во врвот на хиерархијата на македонската држава. Таквите
кукавички корпуси го омаловажија досегашниот степен и ниво на постигнатата
зрелост во водењето на државата, таквите нивни поставки со ништо, ама баш со
ништо не се оправдливи, туку напротив се за осудување. Македонија треба и
мора во своите раце цврсто да држи и да застапува агресивна политика во
смисла на офанзивна одбрана на својот интегритет, придобивки и настап пред
меѓународното семејство на народите. Спротивното само ќе се надоврзе на
досегашното, отуѓеното и веќе отцепеното.
Битката за Македонија на меѓународното поле штотуку претстои. Скорешната
интеграција во северноатлантската Алијанса и подготовките околу тоа,
реализацијата на задачите од спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ
се двете најкрупни задачи кои стојат пред избраниците на Црвенковски. Досега
не успеавме да се пофалиме многу на овие полиња. Напротив, само се
одвративме. Претстои и битката за Македонија на внатрешен план. Како ќе ја
уредиме самите, кои нишани ќе и ги дадеме за да ни биде убава, просперитетна
и бериќетна? Нашиот статус се уште не е потполно издиференциран. Треба
време, ум и разум, интелектуална моќ и сила, за да го поразиме злото и
црнилата кои над нас се надвиснале. И затоа нека размислат "загрижените" за
македонската земја. Ова е за некого втора, за некого трета, за некого прва
шанса, но и на сите нам последна шанса. Нејзиното неискористување или пак
злоупотреба ќе биде најтрагично нешто што само ќе ја засили и забрза
деструктивната машинерија во основите на државноста. Време е "загрижените"
да покажата вистинска грижа за она што досега го правеа да биде
загрижувачко.