ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

"СО ЛУЃЕТО ВНИМАТЕЛНО, СО ДРЖАВАТА - НАПРЕД!"

Гог ма Гог

Има една многу ветва фраза како помошно оружје на секоја свежа власт: "Ние ќе се трудиме на вистинските места да ги донесеме вистинските луѓе!" Оваа пријатна реченичка мелодија за ушите, не е од вчера, ниту од завчера. Во неа има "илјада пораки" за "илјада причини". Една од најважните е нашата претензија за членство во Унијата од Брисел... Како дотаму и - понатаму?

Нема Македонец што не ја сака Европа цела и во неа среќен и слободен човек. Ама за да се стаса до Европа потребни се вистински реформи што можат да ги изведат само вистински и одважни стручни луѓе со јасна визија откако ќе тргнат, а ние по нив, да знаат кај одат и што бараат.

Експериментот со ВМРО-ДПМНЕ, по избор на народот, видовме кај не одведе, односно кај не не - одведе... Нема потреба од силна елаборација за сите трауми што ги доживеа оваа земја, но има потреба од еден заклучок: "... Да кажат тие што не знаат, колку ќе ги чекаат тие што знаат!?".

ВМРО-ДПМНЕ имаше само една цел: по секоја цена да дојде на власт, а како ќе ја употреби власта и за што, ќе видите. И видовме. Сполај им!

Што цел има сега СДСМ? Само да ја врати власта, или со помош на владеењето да ја спаси оваа држава од - небиднина. Ако Бранко мисли дека единствено со луѓето од "неговото село" ќе ја препороди Македонија, многу се лаже. Во Македонија има многу "ничии села" кај што виреат добри, способни и умни луѓе, со ништо неизвалкани, стручни и нескршливи.

Во тунелот кај што сме сега, сите крави изгледаат црни: немаме пазар од капиталистички тип, а веќе влеговме во СТО и некој не не чешла, ниту не мазни, дали сме конкурентни или не сме конкурентни; линијата на стопанскиот развој оди и натаму надолу, наместо нагоре; потпрени сме само на помош и донации, а малку на сопствената нова вредност... Највредното што го имавме го продадовме (Окта, Телекомот...), остана уште ЕСМ-от!

Никој не сака се уште да излезе јавно и да каже колку млади, умни, стручни и учени Македонци сосе семејства заминаа по светот да ја најдат сатисфакцијата на своите знаења. Нивната татковина од нив се "ослободи" како од "вишок работна рака и - ум!".

Апсурд на апсурдите. И никој за тоа не жали, никој не се кае, никој не го моли Господ тие "деца" да ни се вратат, оти без нив ќе не "јади мечката".

Во Аргентина, таа Италија на Јужна Америка, гладни граѓани запираа камиони со жива стока, ја колеа, ја пржеа и на пат ја јадеа... По улиците веќе ни шетаат премногу отпуштени од работа, и додека има да се делат "октански" и "телекомски" денари, ќе има некаков мир во куќата. Потоа, да не биде - затоа!?

Ако некој во оваа земја треба најдобро што може да биде "вооружен" со трактори и друга модерна механизација е македонскиот земјоделец, а не "Лавовите", "Тигрите", "Поскоците" и другите кои не дека не ни требаат, туку ни требаат толку колку што се и потребни на државата, со оној арсенал што со векови го имаат и англиските Боби, смислата за комуникација и - палката.

Како партија која доблесно ги призна своите грешки, СДСМ стаса до нужната катарза на - самочистење... И христијански дух дека кога "грешникот ја признава грешката, може и знае да им помогне на тие што му простуваат!".

Премиерот и новата влада мора да сфатат дека умните и стручните не треба да се "чистат" затоа што им "служеле" на оние од "другата партија", туку да се впрегнат во уште посилни екипи кај што ќе може да им се додаде товар да го влечат општеството напред. Оти во право беше Вили Брант: "... Со луѓето внимателно, со државата без пардон - напред!".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"