ПОЛИТИКА

По долги преговори познати кандидатите за новата влада

ЦРВЕНКОВСКИ КОНЕЧНО ГО ЕКИПИРА ТИМОТ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Идни министри во новата влада од редовите на СДСМ се: Владо Бучковски за одбрана, Илинка Митрева за надворешни работи, Радмила Шекеринска - заменик-премиер задолжен за евроинтеграции, Хари Костов - министер за внатрешни работи, Александар Гештаковски - за локална самоуправа, Благоја Стефановски - за култура, Илија Филиповски - за економија и Љубомир Јанев - за животна средина и просторно планирање.
  • Од редовите на Либерално-демократската партија идни министри се: Петар Гошев - министер за финансии и заменик-премиер задолжен за економскиот сектор, Јован Манасиевски - министер за труд и социјална политика, Славко Петров - за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владо Поповски - министер без ресор.
  • Демократската унија за интеграција на Али Ахмети во новата влада ќе учествува со вицепремиерското место за политички систем кое ќе го пополни Муса Џафери. Министер за правда ќе биде Исмаил Дарлишта. Милаим Ајдини ќе го води Министерството за транспорт и врски. Хирургот од Липково и поранешен воен лекар на ОНА, Реџеп Селмани, ќе го води Министерството за здравство. Азис Положани ќе биде министер за образование.

Мандатарот Бранко Црвенковски по завршувањето на преговорите со коалиционите партнери, до Парламентот го достави предлог-списокот со министри и програмата за работа на владата. Претседателот на законодавниот дом, Никола Поповски, во рамките на деловничкиот термин, за 31 овој месец ја закажа седницата на Собранието на која ќе биде избрана новата извршна власт. Покрај изборот на новите министри, на собраниската седница мандатарот Црвенковски ќе ја претстави листата на кандидатите за новите заменици-министри.

Претседателот на Парламентот деловнички е обврзан предлогот за состав на владата и Програмата за работа да им ги достави на пратениците веднаш или најдоцна десет дена пред денот определен за изборната седница, а мандатарот да ја образложи. За владата се гласа во целина, јавно, а премиерот и министрите се избрани ако за неа се изјаснило мнозинството од вкупниот број народни избраници.

Новиот владин кабинет на Црвенковски ќе го сочинуваат 18 луѓе. Освен мандатарот, уште седум министри се од СДСМ, четири се од ДУИ, три од ЛДП. Во владата влегуваат и по еден вицепремиер од СДСМ, ЛДП и ДУИ.

МИНИСТРИ

Од редовите на СДСМ вицепремиерка за евроатлантски интеграции ќе биде потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, асистентка на Електротехничкиот факултет. Министерството за внатрешни работи ќе го раководи долгогодишниот генерален директор на "Комерцијална банка", Хари Костов. Министерка за надворешни работи ќе биде д-р Илинка Митрева, професорка на Филолошкиот факултет, а за одбрана доцентот по римско право на Правниот факултет, Владо Бучковски. Ресорот економија ќе го раководи Илија Филиповски, поранешен пратеник и приватен стопанственик. На чело на Министерството за локална самоуправа ќе биде пратеникот во сите три досегашни состави, правникот Александар Гештаковски. Министер за култура е Благоја Стефановски, директор на Битолскиот театар. Љубомир Јанев е министер за животна средина и просторно планирање.

И Либерално-демократската партија во новата Влада влегува со силна екипа. М-р Петар Гошев ќе раководи со финансиите и ќе биде вицепремиер за економски систем, Јован Манасиевски е идниот министер за труд и социјална политика, Владо Поповски е министер без ресор, а велешкиот адвокат Славко Петров ќе раководи со земјоделство, водостопанство и шумарство.

Бранко Црвенковски повторно во премиерската фотелја

Демократската унија за интеграција на Али Ахмети во новата влада ќе учествува со вицепремиерското место за политички систем, кое ќе го пополни Муса Џафери, во јавноста познат како поранешен координатор на комитетите на ОНА во Западна Европа. Министер за правда ќе биде Исмаил Дарлишта, актуелен заменик-директор на Агенцијата за државни службеници. Милаим Ајдини ќе го води Министерството за транспорт и врски. Хирургот од Липково и поранешен воен лекар на ОНА, Реџеп Селмани, ќе го води здравството. Тој е на специјализација во Клиничкиот центар во Скопје. Министер за образование ќе биде хирургот и поранешен пратеник на ПДП од Струга, Азис Положани.

Во новата влада, според шпекулациите, ДУИ ќе партиципира и со четири заменички министерски места и тоа во Министерството за одбрана, во МВР, во Министерството за економија и во Министерството за земјоделство. Ризван Сулејмани, поранешен пратеник на ПДП, ќе биде заменик-министер за одбрана, а Фатмир Дехари, професор по физичка култура, кој работел и како асистент на Факултетот за физичка култура на малоречанскиот парауниверзитет, ќе биде заменик-министер на МВР. Заменик-министер за земјоделство ќе биде Бесир Јашари, ветеринар во приватна ветеринарна амбуланта во с. Сенокос, Гостиварско. Џеладин Шатку, економист и еден од изготвувачите на економската програма на ДУИ, ќе биде заменик-министер за економија.

ДИЛЕМИ

Со оглед на тоа што мандатарот Црвенковски изјави дека во извршната власт нема да има место за луѓе што директно учествувале во војната, Муса Џафери и д-р Реџеп Селмани беа најспорни меѓу предложените министри од Демократска унија за интеграција. Џафери, според информациите обелоденети во јавноста, пред и во текот на војната бил координатор на комитетите на ОНА за Западна Европа, каде што се собирала материјална помош за активностите на ОНА. Тој бил на чело на фондот "Национална слобода" и шеф на фондовите на ОНА.

Во јавноста беше обелоденето и тоа дека не било спорно тоа што Муса Џафери речиси и не го знае македонскиот јазик, а треба да ја врши функцијата на вицепремиер задолжен за политички систем, бидејќи тој ветил дека ќе го надомести хендикепот, односно дека ќе го научи македонскиот јазик. Наскоро се очекува името на Муса Џафери да биде симнато од "црната листа" на ЕУ на личности на кои им се забранува движење по европските земји поради недозволените активности.

Долгогодишниот генерален директор на "Комерцијална банка", Хари Костов ќе раководи со МВР

Д-р Селмани беше еден од хирурзите што веднаш по почетокот на војната заминале од Клиниката за дигестивна хирургија во болницата во Липково, каде што се лекуваа ранетите припадници на ОНА. Според информациите објавени во медиумите, тој цела година не се појавувал на работа, поради што и добил отказ. Меѓутоа, по амнестијата тој бил вратен на работа каде што му биле исплатени сите заостанати плати.

Бранко Црвенковски решил да ги прифати Муса Џафери и Реџеп Селмани како вицепремиер и министер за здравство, бидејќи како што изјавил висок фунционер на СДСМ за "Дневник", тие не биле команданти на ОНА, ниту биле обвинети за воени злосторства. "Сега - како што изјавил функционерот - по амнестијата и усвојувањето на охридскиот договор, ние мораме да гледаме напред. Шансата мора да се даде, бидејќи без соработка со најсилната партија кај Албанците нема да успеат процесите на реинтеграција".

НЕСОГЛАСУВАЊА

Со исклучок на идниот вицепремиер од ДУИ, Муса Џафери, претставник на ОНА за западна Европа и Азис Положани, идниот министер за образование, другите тројца претставници од ДУИ, Дарлишта, Селмани и Ајдини, се политички анонимци. Ајдини, според она што беше обелоденето во јавноста, во последен момент станал кандидат за министер за транспорт и врски, заменувајќи го Абдулхалим Касами, со чија кандидатура не се согласувало поранешното воено крило во партијата. Според информациите на некои медиуми, она што ги

обединува петтемина кандидати на ДУИ е тоа што сите без исклучок завршиле високо образование на Приштинскиот универзитет.

Во јавноста проструи и информацијата дека на седницата на Централниот одбор на ЛДП биле искажани големи забелешки за тоа дека "мандатарот Црвенковски направил преголеми отстапки кон ДУИ". Незадоволството кај партијата на Пенов било зголемено поради тоа што Црвенковски го отстапил ресорот за здравство за кој веќе било договорено дека ќе го добие ЛДП и поради тоа што тој во пакет ги отстапил ресорите образование и здравство.

Според информациите кои проструија во јавноста, до неочекуваниот избор на Манасиевски за министер за труд и социјална политика и на Славко Петров за земјоделство дошло до големи внатрепартиски натегања. Во игра за вицепремиер за економски прашања бил бизнисменот Ѓорѓи Аврамчев, а советникот на градоначалникот Ристо Пенов, Зоран Васковски, бил во комбинација за министерствата за труд и социјала и економија. Професорот на Земјоделскиот факултет Зоран Поповски беше споменуван како кандидат за министер за земјоделство. Претходно, д-р Тихомир Крцкоски веќе ја одбил понудата да стане министер за труд и социјална политика. Понудата да станат министри без ресор ја одбиле Лиле Поповска, Зоран Шапуриќ и Ангелка Пеева. Најмалку дилеми имало со ресорот земјоделство, бидејќи Славко Петров ја прифатил кандидатурата. На крајот, сепак, било пресудно тоа што го барал мандатарот на владата Црвенковски во новата влада да влезат најпрепознатливи партиски имиња.


Со оглед на тоа што мандатарот Црвенковски изјави дека во извршната власт нема да има место за луѓе што директно учествувале во војната, Муса Џафери и д-р Реџеп Селмани беа најспорни меѓу предложените министри од Демократска унија за интеграција. Џафери, според информациите обелоденети во јавноста, пред и во текот на војната бил координатор на комитетите на ОНА за Западна Европа, каде што се собирала материјална помош за активностите на ОНА. Тој бил на чело на фондот "Национална слобода" и шеф на фондовите на ОНА.

Во јавноста беше обелоденето и тоа дека не било спорно тоа што Муса Џафери речиси и не го знае македонскиот јазик, а треба да ја врши функцијата на вицепремиер задолжен за политички систем, бидејќи тој ветил дека ќе го надомести хендикепот, односно дека ќе го научи македонскиот јазик.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"