Јас имам решение од Министерството за образование и наука за вишокот
паралелки што се примени во "Зеф Љуш Марку". Тие одлучија да бидат примени
повеќе ученици, не јас. Прво нека си ги решат односите во Министерството за
образование, па потоа да даваат оценки за состојбите, изјави директорот
на ова училиште, Џемалудин Идризи, одговарајќи на обвинувањата на
републичкиот координатор за образование, Ѓорѓи Илиевски.
Покрај протестите, се случија и киднапирања, тепања на средношколци -
Албанци како и идејни разидувања на трите средношколски унии. Средношколците
демантираа дека протестите се организирани, потенцирајќи дека станува збор
за спонтан протест.
Делегација на средношколците беше примена и од претседателот на државава,
Борис Трајковски, кој според нивните зборови им ветил дека ќе се средат сите
работи преку формирање единствена унија на средношколци на Македонија. Сепак,
крајниот епилог е - средношколците ќе одат на настава, а во нивните училишта
ќе се организираат мирни протести се додека не се реши проблемот.
ТЕПАЧКИ
За жал, децата не само што политички се искористиваат, туку се и жртви на
тепачки, чиј сторител не е познат.
Неколку средношколци се жртви на последните случувања во ДСУ "Цветан
Димов" од Скопје. Фатон Круези, кој се изјасни како претседател на Унијата
на средношколци - Албанци на Македонија, беше претепан и се здобил со
телесни повреди. На неговото тело се видливи траги во форма на буквата "Л"
на стомакот, а има и исеченици на левата рака и на вратот. Круези беше
неодлучен во изјавата за тоа кој му ги нанел повредите на телото и по
подолго размислување кажа дека тепачите му се обратиле на македонски и му
пренеле дека "ова е најмалата работа што може да го снајде".

Втората жртва настрадала во тепачка меѓу Македонци од ДСУ "Лазар Танев" и
Албанци од Средното медицинско училиште "Панче Караѓозов". Во тепачката
учествувале стотина средношколци, а еден бил потешко повреден. Портпаролот
на МВР, Воислав Зафировски, кажа дека немаат информации за овој случај.
Непознати грабнувачи кои зборувале на лош албански јазик, со повремена
употреба на македонски зборови, го киднапирале и тепале средношколецот Агим
Исмаили. Исмаили бил исечен на градите, стомакот, грбот, рацете и нозете во
форма на букви од кириличната азбука. МВР се уште трага по сторителите.
ПРОТЕСТ
Скопските средношколци протестот го почнаа пред Собранието на Република
Македонија, потоа застанаа пред Министерството за образование и наука, па
продолжија кон италијанската амбасада, каде што на Албанците кои чекаа визи
им се обратија со погрдни зборови. Некои од средношколците маваа со клоци на
околните возила. Долгата колона потоа се упати кон зградата на Владата, како
и кон американската Амбасада, но дотаму не стасаа поради тоа што беа
спречени од полицијата. Затоа, повторно се вратија пред Министерството за
образование и наука. Средношколците, меѓу кои имаше и основци, цел ден се
движеа низ скопските улици, а преку напишаните пароли порачаа: "Ако
немате култура, не уништувајте ја нашата!"; "Јумни Јонузи е балист, не
заслужува биста"; "Што е многу, многу е".
Нема да дозволиме етничка поделба на Скопје, да го делиме на два дела,
порача од митингот Александар Николоски, претседател на една од униите на
средношколците на Македонија.
Ова е сценарио за етничко чистење на бастионот на македонското население
во тетовско - гостиварскиот регион. На тој начин се крши законот и основните
постулати на Рамковниот договор, така што наместо мирен заеднички живот, се
туркаме во беззаконие, дивјаштво и етнички конфликти. Сакаат да се
гетоизираме и да станеме како Америка, изјави Златко Јанковски од ДСУ "Орце
Николов".
Се протестираше и во Штип, Велес, Струмица, Прилеп... Од страна на
средношколците во Велес беше потпишана петиција која ја упатија до
надлежните и побараа да биде вратено старото име на училиштето "Даме Груев",
да биде тргната бистата и спомен-плочата на кое е напишано името на
контроверзниот Јонузи.
РАЗГОВОРИ
Трите унии на средношколците во Македонија имаа различни гледишта за
можноста да почнат разговори за обединување под покровителство на
претседателот Борис Трајковски. Во најстарата Унија на средношколците велат
дека се подготвени да разговараат со новоформираната Унија на средношколците
- Албанци наречена "Лехтесими". Но, во УСМ имаат резерви кон ривалската
Средношколска унија на Македонија предводена од Александар Николоски, која
ги организираше протестите.
Ние разговаравме со "Лехтесими" пред се за надминување на проблемите во
скопската гимназија "Цветан Димов". Сакаме и понатаму да контактираме. Но,
потешко ќе соработуваме со средношколците од СУМ, кои ја пропуштија првата
лекција за соживот, што го видовме и на уличните протести. Тие поттикнуваат
меѓуетнички раздор и национализам меѓу средношколците, вели Јована
Базерковска, претседателка на УСМ.
Таа потсетува дека протестите на албанските ученици пред "Цветан Димов"
престанале благодарение на договорот меѓу "Лехтесими" и УСМ. Но, по
претепувањето на водачот на "Лехтесими", Фатон Круези, повторно се јавува
незадоволство кај албанската Унија. Средношколската унија на Македонија која
ги организираше протестите низ земјава, соопшти дека нема да преговара со
ниту една друга унија на средношколците.
Ја извадивме цела Македонија на улица. Се покажа кој има легитимитет кај
средношколците. Унијата на Базерковска може сама со себе да си
преговара. Што се однесува до албанската Унија, ние нема да дозволиме партии
што вршат геноцид врз Македонците да формираат паралелни институции и да ги
манипулираат учениците - Албанци, вели Александар Николовски,
претседател на СУМ.
Претепаниот Фатон Круези, водачот на "Лехтесими", вели дека неговата
организација ќе почека да се формира новата влада, а ако и потоа не се реши
проблемот со "Цветан Димов", тој најавува бојкот на наставата и други,
посериозни активности.
Средбата кај Трајковски, судејќи според се, беше јалова. Во име на
Националната комисија, републичкиот координатор за образование, Илиевски,
апелираше децата да се остават надвор од политиката, да се развива
меѓуетничка толеранција, а проблемите да се решаваат низ институциите на
системот.
Топката останува во рацете на новиот министер за образование од кого се
очекува да воведе ред и да ја отстрани политиката од образовниот процес.
Пресметките меѓу средношколците го поттикнаа Кабинетот на претседателот
Трајковски да организира средба меѓу нив. Трајковски ги прими Круези и
Јована Базерковска, претседателка на Унијата на средношколците на Македонија.
Тие се договориле да се чека проблемите со албанските паралелки од скопското
Средно училиште "Зеф Љуш Марку" да ги реши новата влада, а тие дотогаш да не
се собираат. Александар Николовски, претседател на Средношколската унија на
Македонија, која е ривалска организација на УСМ, не дошол на средбата кај
претседателот, велејќи дека со тоа Трајковски ја потврдува етничката поделба
на Македонија.