| |
ОБРАЗОВАНИЕ
Егзодусот на децата бегалци - 55 години
ТРЕТАТА СРЕДБА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА!
Пишува: Жаклина МИТЕВСКА
- Во 2003 година се навршуваат 55 години од напуштањето на родните
огништа на децата - бегалци од Егејскиот дел на Македонија. По тој повод
одборите на децата - бегалци од Република Македонија, Канада, Австралија,
Америка, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија и Ташкент, се
договорија Третата светска средба да се одржи во 2003 година во Егејскиот
дел на Македонија.
- Основната порака и цел на средбата е хумана и општочовечка. Таа треба
да овозможи меѓусебно видување на децата - бегалци по изминати цели 55
години, како и посети на значајни места и обележја од историјата и
културата, а особено посета на нивните родни огништа, вели господинот
Ѓорѓи Доневски, извршен секретар на Организациониот одбор на Третата
светска средба на децата - бегалци од Егејскиот дел на Македонија.
Г раѓанската војна во Грција го
создаде и проблемот на децата - бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Во
договорот со владите на поранешна Југославија и на поранешните
социјалистички земји, привремената демократска Влада на Грција донесе Одлука
за организирано заминување и прифаќање на малолетни деца од Егејскиот дел на
Македонија што најмногу беа загрозени од воените дејствија. Околу 20.000
деца од македонско потекло на возраст од две до 14 години, во 1948 година
организирано беа прифатени и сместени во НР Македонија и во други делови на
поранешна Југославија, односно денешна Хрватска, Словенија и Србија, потоа
во Романија, Унгарија, поранешна Чехословачка и Полска. Поголемиот дел од
нив денес живеат во Македонија, а дел и во Канада, САД, Австралија и во
други држави.
Првата светска средба на децата - бегалци од Егејскиот дел на Македонија
се одржа во Скопје во 1988 година. По десет години, во1998 година, исто така
во Скопје се одржа Втората светска средба. Во 2003 година се навршуваат 55
години од напуштањето на родните огништа на децата - бегалци од Егејскиот
дел на Македонија. По тој повод одборите на децата - бегалци од Република
Македонија, Канада, Австралија, Америка, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија,
Романија и Ташкент, се договорија Третата светска средба да се одржи во 2003
година во Егејскиот дел на Македонија.

"Во 2003 година ќе ги посетиме родните огништа во Егеј",
Ѓорѓи Доневски
Основната порака и цел на средбата е хумана и општочовечка. На оваа
порака и цел ќе бидат подредени сите програмски содржини кои ќе и дадат
карактер на меѓународна средба со учество на поединци и организации, како
што се УНЕСКО, Меѓународниот црвен крст, Хелсиншкиот комитет за човекови
права и други. Средбата треба да овозможи меѓусебно видување на децата -
бегалци по изминати цели 55 години, како и посети на значајни места и
обележја од историјата и културата, а особено посета на нивните родни
огништа, вели господинот Ѓорѓи Доневски, извршен секретар на
Организациониот одбор на Третата светска средба на децата - бегалци од
Егејскиот дел на Македонија.
Третата светска средба, за која е подготвена програма, вели
господинот Доневски, за разлика од двете претходни кои се одржаа на тлото
на Македонија, ќе ја одржиме во нашите родни огништа, во Костур, Лерин,
Соботско, Воден итн. Значењето е уште поголемо бидејќи се совпаѓа со
100-годишнината од Илинденското востание и 100-годишнината од излегувањето
на книгата " За македонцките работи" од Крсте Петков Мисирков.
ТУЖБА
Потсетувајќи се на големиот егзодус на децата - бегалци од Егејскиот дел
на Македонија, господинот Доневски објаснува дека Одлуката на привремената
Влада на Демократското движење во Грција за организирано заминување и
прифаќање на малолетни деца од Егејскиот дел на Македонија, подоцна се
покажала како измама, односно македонските дечиња да заминат и никогаш
повеќе да не се вратат.
Јас, вели господинот Доневски, сум едно од тие деца од село Бапчор.
Заминав од селото и до ден денес не можам да го посетам моето родно огниште.
Во Егејска Македонија почнувајќи од 1913 година наваму се имаат
случено неколку егзодуси. Последниот егзодус 1948-1949 година за сите
нас Македонци од тој дел на Македонија беше катастрофален и последиците од
него до ден денес ги трпиме. Сакајќи да најдаме утеха, да ја намалиме
болката, ние организиравме повеќе средби. Со голем ентузијазам очекуваме да
ја одржиме третата средба, бидејќи станува збор за посета на нашите родни
огништа во Костур, Лерин, Соботско, Воден итн. Од 28.000 деца - бегалци,
8.000 беа грчки дечиња, кои подоцна се вратија во Грција. 20.000 Македончиња
до ден денес останаа распрскани низ светот.
Грчката Влада, ја продолжува приказната господинот Доневски, по
заминувањето на децата - бегалци донесе повеќе прописи со кои ни ги
конфискува имотите и нив ги доделе на други граѓани на Грција кои доаѓаа од
Мала Азија, Блискиот Исток. Македонците од Егејскиот дел на Македонија се
соочуваат со проблемот на државјанствата. Според силата на меѓународните
прописи, таму каде што сте родени сте државјани на таа земја. Во овој случај
сите ние, освен македонско, треба да имаме и грчко државјанство. Но, грчкото
државјанство ни е одземено. Трето прашање, можеби и најважно, е
репатријацијата која не ни е дозволена. Доколку се декларирате дека сте Грк,
иако и тогаш ќе бидете под надзор и прашање е дали ќе ви дозволат,
можностите да се вратите во своето родно огниште ви се поголеми. Меѓутоа, со
оглед на тоа што имотите ви се конфискувани, прашање е дали ќе ве вратат во
родното или во некое друго место. Четвртиот проблем е проблемот на слободно
движење. Верувајте, денес најголемиот број од Македонците од Егејскиот дел
на Македонија не се во состојба и не можат да отидат да ги посетат своите
родни огништа, да запалат свеќа на гробовите на своите предци. Никој во
Европа не може да го разбере ова, но и никој пак од Европа не успеа да
влијае врз Грција да ги укине тие закони, со кои ние по сите основи сме
дискриминирани. Нервите ни се при крај.

Гласило на Сојузот на Здруженијата на Македонците од
Егејскиот дел на Македонија
Господинот Доневски потенцира дека тие ќе бараат од македонскиот
Парламентот и македонската Влада, како и од македонскиот Претседател, да се
изјаснат за нивните барања. Истото ќе го бараат и од грчката Влада,
Европскиот суд, Европскиот совет, а од сите повлијателни држави како што се
САД, Кина, Русија, Англија, Германија, ќе бараат да извршат притисок врз
Грција да ги укине законите со кои се дискриминираат Македонците.
Во спротивно, ако македонската Влада не ги разгледа нашите барања и не
заземе став, ние ќе поднесеме тужба против неа до судот во Стразбург за
молчење, вели господинот Доневски. И ние можеме да правиме
демонстрации, но не сакаме да се закануваме. Постојат меѓународни права и
прописи. Зошто Грција да се прави глува и слепа, зошто таа тие конвенции не
ги применува?
Многу малку луѓе, објаснува господинот Доневски, ми веруваат дека
третата средба ќе биде во Егејскиот дел на Македонија. Јас сум оптимист и
сигурен сум дека ќе ја одржиме во Егеј. Ние не правиме политичка,
туку хуманитарна средба. Ние организираме средба на сите, не само на децата
- бегалци, туку на сите Македонци кај и да се.
Оваа средба, како што објаснува господинот Доневски, како и сите
досегашни, ќе ја финансираат Македонците - бегалци од Австралија, Канада,
Америка, а од државата бараат само минимални средства (за каталози за
изложбите што ќе треба да бидат поставени на третата светска средба, потоа
средства за хоровите кои ќе ја збогатат програмата на средбата итн). Тие се
убедени дека РМ ќе помогне да се одржи средбата на која ќе дојдат македонски
здруженија од сите претходно споменати земји во кои живеат нашите иселеници.
ПРАВА
Македонците во Грција се уште се без основните права. Немаат училиште,
немаат богослужба на црковномакедонски јазик во црквите. Тие се уште се
плашат да се изјаснат дека се Македонци. Тоа е основната причина да не може
да се прецизира точната бројка, односно колку Македонци живеат во Егејска
Македонија. Единствено што е постигнато, како што објаснува господинот
Доневски, е разбивањето на стравот на Македонците да зборуваат на македонски
јазик. Пред неколку години во Грција било дозволено да се слуша само
мелодијата на македонските песни, а сега било дозволено да се слушаат и
зборовите. Партијата "Виножито" која постои во Република Грција е партија со
европски манири во која членуваат и Македонци и Грци. "Виножито" се бори за
правата на граѓаните во Грција, со особен акцент на Македонците кои живеат
во Грција.
Добро е што "Виножито" дејствува во Грција. Но, за мене поважни се
здруженијата и невладините организации кои се борат за човековите права.
Тука е Движењето за човекови права на Македонците во Егејскиот дел на
Македонија со архимандритот Никодин Царкњас и Христос Сидеропулос. Царкњас
имаше настап на грчката телевизија каде што со факти се бореше против
десетина грчки научници и претставници на грчката црква и мислам дека се
избори. Движењето за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на
Македонија ќе ни помогне да си ги вратиме имотите и да ја одржиме третата
светска средба.
Иако по првата светска средба почнаа да се формираат здруженија на
бегалците од Егејскиот дел на Македонија, тие конечно се соединија во Сојуз
на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Здруженијата
си остануват автохтони, но проблемите како што се враќањето на имотот,
репатријацијата итн. ќе се решаваат на ниво на Сојузот. Сојузот на
здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија основа и клуб "Незаборав",
а издава и весник под истото име.
Клубот ќе биде издавач на многу изданија, објаснува господинот
Доневски, во кои ќе пишуваме за сето тоа што нас не засега, а што не
можеме да го најдеме во македонската издавачка дејност. Преку весникот ќе ги
стимулираме селските одбори во Македонија. Денес "Незаборав" без
проблеми се дистрибуира кај Македонците во Воден, Соботско, Костур, Лерин
итн.
Сојузот остварува контакти со Македонците од Хрватска, Словенија и Србија
каде што како деца биле по домовите, како и со Македонците од Пирин и Мала
Преспа.
Господинот Доневски го потенцираше и тоа дека во борбата за
остварување на човековите права, поднеле многу акти, декларации.
Но, мора да истакнаме, вели тој, дека немаме повратни информации,
како од нашата, така и од грчката Влада, а и од европските институции. Во
последно време иницијативи за решавање на нашите проблеми постојат барем од
педини европски парламентарци.
|