| |
ЕКОНОМИЈА
Непроценливи штети од врнежите во државава
НИ СЕ ЗАКАНУВА ГЛАДНА ГОДИНА!
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Есенската сеидба се уште се пролонгира поради обилните врнежи (просек
над 300 литри на квадратен метар), со што се доцни со нејзината
реализација повеќе од месец дена. Влажната почва не дозволува влез на
земјоделската механизација во нивите, а тоа ги одлага сеидбените
активности. Врнежите ја доведуваат во прашање сеидбата на 120.000 хектари
пченица и јачмен, што в година може да предизвика глад во земјава, но
ништо подобра не е ситуацијата и со бербата на културите што останаа на
полињата.
- Направените штети се огромни и непроценливи. За надминување на оваа
најтешка година бараме од надлежното Министерство 2002 година да биде
прогласена за година на елементарна непогода. Есенската сеидба доцни, а од
Владата исто така бараме да бидеме ослободени од давачките за државата,
изјави Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.
- Свесни сме за штетите и презедовме мерки нашите служби да ја проценат
штетата од врнежите. Колкави се штетите ќе биде познато откако ќе се
направат проценките. По сумирање на штетите ќе биде произнесен конкретниот
став на Министерството, истакна заменик-министерот за Земјоделство,
шумарство и водостопанство, Јован Дамчевски.
В рнежите што ја зафатија Република
Македонија предизвикаа хаос и штети во земјоделството. Како ќе се надоместат
направените штети на земјоделците, колкави впрочем се штетите во
градинарството, лозарството и други гранки, засега останува непознато.
Врнежливата есен им зададе многу главоболки на земјоделците чии земјоделски
култури скапуваат на нивите. Во Битолско гнијат сончогледот и добиточната
храна, во Тетовско и Ресенско е одложена бербата на јаболката, во Гевгелиско
преработувачите останаа без пиперки, а грозјето гние во лозјата, во
Тиквешијата времето исто така негативно се одразува на бербата на грозјето,
земјоделците од Овчеполието се закануваа со штрајк и така натаму.

Штетите на тутунот во Прилепско се проценуваат на 300
милиони денари
Одговор за овој горлив проблем се очекува од надлежното Министерство за
земјоделство, шумарство и водостопанство. А одговорот со нетрпение го
очекуваат и најдиректно засегнатите во случајот, се разбира земјоделците,
кои не можат да го соберат својот посеан труд по нивите.
ПРИНОСИ
"Поради постојаните врнежи постои можност проблемот со собирање на
културите да се провлекува и понатаму. Најтежок е проблемот со жетвата на
оризот, бидејќи е многу зголемено нивото на вода на оризовите полиња, па се
заканува опасност од намалување на приносите на оризот, а и она што ќе се
собере нема да биде со многу добар квалитет", истакнуваат во агрослужбата на
Управата за хидрометеоролошки работи. Според одговорните во Службата,
најголема штета ќе претрпат лозарите и винарите кои ќе треба да
преработуваат грозје со низок квалитет, поради пониската шеќерност и поради
присуството на штетници, гниење на грозјето во лозовите насади. Другите
видови земјоделски култури, како што се овошките и градинарските култури,
полесно ќе се соберат, бидејќи нивната неинтензивна обработка остава повеќе
простор да се влезе во нивите и тие да се соберат.
Земјоделците, но и агростручњаците, предупредуваат дека во прашање е
доведена и есенската сеидба што поради интензивните врнежи од дожд се одлага
за неопределено време. Најголема пречка за есенската сеидба е преголемата
влага во почвата која го оневозможува нормалното одвивање на сеидбените
активности. Сите подготовки за сеидба се направени, односно подготвени се и
земјоделците и комбинатите, но се чека дождовите да престанат и земјата
малку да се исцеди од вода за да може да се влезе во нивите и да се почне со
примена на агротехнички мерки за посејување на површините.
ШТЕТА
Во источна Македонија не можат да се соберат градинарските култури, што
ќе ја остави конзервната индустрија без суровини за работа, а во Кочанско е
прекината жетвата на оризот. Во Свети Николе не е собрана луцерката, а во
Тетовско остана несобран гравот од нивите. Во Пелагонија не е собрана
шеќерната репка, грозјето во Кавадаречко остана на лозите, а тешко се
изведува и бербата на јаболката.
Сето ова според неофицијални оценки ќе ја чини земјава повеќе од
милијарда денари. Од Министерството за земјоделство има најава за формирање
тимови што би требало да ја оценат состојбата на теренот, за да се изнајдат
и мерки за надминување на сегашните состојби, вели Вељо Тантаров,
претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.

Над 10.000 тони десертно грозје во Гевгелиско ќе остане на
нивите
Кај тутунарите во Прилепско половина род е уништен, а штетите се
проценуваат на 300 милиони денари. Во Струмичкиот регион е отежната бербата
на пиперките. Во винарската визба "Тиквеш" каде што досега се откупени само
18 милиони килограми грозје, истакнуваат дека на лозјата скапуваат уште
околу 4-5 милиони, за кои е мошне неизвесно дали ќе се приберат ако не се
подобрат временските услови. Бербата се одвива во мошне тешки услови, така
што дневниот прилив е 150-200 тони, со што станува сосема извесно дека оваа
ќе биде една од најнеродните години. Во винарската визба "Бовин" во Неготино
веќе е завршен откупот на грозјето. Поради лошиот квалитет откупени се само
250 тони, а биле планирани 500. Над 10.000 тони десертно грозје во
Гевгелиско ќе остане на нивите и наместо на пазар ќе заврши во винарските
визби. Врнежливото и студено време во овој крај не само што ја прекина
бербата, туку и го забрза гниењето на "килибарот", "хамбургот" и
италијанскиот "мускат", кои се најзастапени. Од очекуваните 15.000 тони во
овој крај, проценето е дека досега не е собрано и пласирано на пазарот ниту
една третина.
ЕПИЛОГ
Со ваквиот епилог на собирањето на плодовите на земјоделските култури се
заканува опасност од добивање катастрофални резултати од годинешното
земјоделско производство. Влажниот и студен бран, регистриран последниве
месеци битно влијаеше и врз квалитетот на тоа што е собрано, кое е исто така
во намален обем. Потфрлувањето на грозјето, поради ниските зимски
температури забележани во минатата година, ја заокружија целината на намален
род со лош квалитет. Имено, врнежливото време го намали процентот на шеќер
во грозјето, а земјоделците, поради страв од целосно скапување на тоа што е
останато на лозовите насади, предвреме собраа најголем дел од родот.
Остатокот од грозјето, посебно во Гевгелискиот регион, остана во лозјата, па
и тоа што се очекува дека ќе биде собрано, ќе оди во винарските визби,
наместо на пазарот.

Дождот зема данок во храна
Огромните штети во земјоделството предизвикани од обилните дождови можно
е да ја спречат и пролетната сеидба, затоа што земјоделците ќе останат без
пари, предупредуваат стручњаците. Екипи на Министерството за земјоделство,
шумарство и водостопанство интензивно работат на терен и се уште ги
проценуваат штетите. Надлежните во Министерството велат дека е погодено
целото земјоделство, но најкритично е во струмичкиот регион.
Поради лошите временски прилики нема да може да се надополни загубеното
во поглед на сеидбата на есенските култури. И она што беше изорано е
обраснато со трева, што значи дека нивите повторно ќе мора да се заоруваат,
а тоа ќе значи поголеми трошоци за добивање на идната реколта на житните
култури, констатира Тантаров.
На нива остана да гние половина од родот, а дождот е виновник на
пролонгираната есенска сеидба која според планот требаше да почне на 20
октомври и да се реализира на 180 илјади хектари.
Според Алексо Михаилов, началник на Подрачната единица за земјоделство во
Струмица, најмногу настрадале земјоделците во Општината Куклиш, потоа во
селата Градско, Балдовци, Сачево и во Муртино.
Според него, во Струмичко се уништени околу 10.000 тони индустриски пипер,
120 хектари шеќерна репка, 100 хектари кикиритки.
Доматите скапаа од водата и од влагата. Оштетени се околу 5.000 хектари
пченка. Пропадна и есенската сеидба за житните култури оти земјоделците
посеаја само 10 отсто од 7.000 хектари земја, вели Михаилов.
Тој предупредува дека во Струмичко пролетната сеидба е многу поскапа од
есенската и дека ако не се обезбеди помош за земјоделците, тие нема да можат
да ја реализираат.
Огромните штети во земјоделството предизвикани од обилните дождови можно
е да ја спречат и пролетната сеидба, затоа што земјоделците ќе останат без
пари, предупредуваат стручњаците. Екипи на Министерството за земјоделство,
шумарство и водостопанство интензивно работат на терен и се уште ги
проценуваат штетите. Надлежните во Министерството велат дека е погодено
целото земјоделство, но најкритично е во струмичкиот регион.
|