Нова албанска биста во Тетово

Бистата на албанскиот поет "Наим Фрашери" изработена во бронза пред неколку дена "никна" пред Домот на културата "Илија Антевски - Смок" во центарот на Тетово. Сите законски постапки се изземени во случајот со споменикот на Фрашери кој е изграден со пари од Владата.

ДПМНЕ и ДПА ќе го вршат пописот

Државниот завод за статистика речиси целосно ги заврши техничките подготовки за претстојниот Попис на населението, становите и домаќинствата. Околу изборот на попишувачите и инструкторите за претстојната пописна акција постојат реакции низ целава земја во врска со изборот на лица кои се блиски на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА.

Три детонации кај "Илинден"

Во кругот на скопската касарна "Илинден" во непосредна близина на патниот правец Скопје - Блаце експлодирале три непознати експлозивни направи. И покрај силните детонации, за среќа никој не бил повреден, само е предизвикана мала материјална штета.

Ново име за тетовската гимназија!?

Средношколците - Албанци од тетовската гимназија "Кирил Пејчиновиќ" поднеле барање да се смени името на училиштето и во иднина да го носи името на албанскиот писател Ѓон Бузуку. Процедурата за сменување на името е во тек. Училиштето има 2.400 ученици од кои 226 се Македонци кои од безбедносни причини наставата ја посетуваат во ОУ "Гоце Делчев".

Штрајкот на железничарите продолжува

Штрајкот на 600 вработени во "Македонски железници" продолжува и покрај тоа што менаџерскиот тим со исплата на августовската плата и материјалните трошоци исполнил две од шесте барања. Дел вработени го обвинија менаџерскиот тим дека ги оставил без резервни делови и заштитна опрема, поради што во изминативе три години загинале неколку вработени.

Арсовски прв човек на Комерцијална?

По предлогот на Црвенковски министер за внатрешни работи да биде Хари Костов, првиот човек на "Комерцијална банка", во јавноста се појави шпекулација дека можен наследник на Костов би бил Драгољуб Арсовски. Арсовски во моментов е на функцијата советник во работоводниот орган на "Комерцијална банка". Како можна варијанта се споменува и опцијата генерален на "Комерцијална банка" да биде сегашниот втор директор, Лазар Цветковски.

Дрвокрадците ја продаваат Шара

Дрвокрадците од тетовскиот регион масовно уништуваат огромни шумски површини на Шар Планина. Црниот бизнис со дрва е толку голем што ги надминува можностите на шумската полиција која се обидува да ги спречи.

Тоа се организирани криминални банди што врз нас пукаат и по неколкупати дневно, тврди Александар Кочовски, раководител на тетовската шумска полиција.

Во МАТ пилоти и од ЈАТ

Македонските пилоти побарале народниот правобранител да го испита спроведувањето на Законот за цивилна воздушна пловидба, по што ќе ја тужат Управата за цивилна воздушна пловидба за тоа што признава дозволи на странски пилоти на авионите на "МАТ". Според Здружението на професионалните пилоти на Македонија, МАТ прифатил да прими шест македонски пилоти, но нема да се откаже од соработката со ЈАТ.

Шеснаесетзрачно сонце во "Св. Никола" во Штип

Неодамна заврши реконструкцијата на подот на големата штипска соборна црква "Свети Никола". Стариот под е заменет со квалитетен мермер. Пријатно изненадување кај штипјани предизвика вградувањето на големото шеснаесетзрачно античкомакедонско сонце во мермерот пред самиот олтар, што се случи по иницијатива на владиката Агатангел.

Девизна сметка за велешкиот храм

Средствата од донацијата на Трифун Костовски за црквата "Св. Пантелејмон" конечно ќе си го најдат своето место. Деновиве се очекува тие да бидат ставени на девизната сметка на храмот која ќе биде отворена од страна на Повардарската епархија во Велес.

Кинески компјутери во училиштата

По донацијата од Пекинг, средните училишта во Македонија ќе го добијат подарокот во компјутери веднаш откако новата влада и Министерството за образование ќе се изјаснат за Проектот што го подготвиле надлежните во Кабинетот на шефот на државата. По изјаснувањето на Министерството, кинеската страна веднаш ќе ги испорача компјутерите.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"