Инспектори на АРМ во Лерин
Инспекторскиот тим од Генералштабот на АРМ изврши посета за оценување на
единицата на грчката Армија, лоцирана во поширокиот реон на Лерин. Посетата
е врз основа на правата и обврските од Виенскиот документ од 1999 година,
како и Програмата за билатерална воена соработка меѓу Република Македонија и
Република Грција. Иста ваква посета ќе биде возвратена од страна на Армијата
на Република Грција.
Целта на посетата за оценување е спроведување на Виенскиот документ, како
и градење мерки на доверба помеѓу двете армии.
За Македонија нема место во НАТО
Според генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, земјите членки на
НАТО во брзо време ќе решат колку нови членки ќе примат во пактот на самитот
во Прага во декември. Дипломатите на Запад се убедени дека ќе бидат поканети
сите кандидати, освен Македонија и Албанија.
Македонско-турска соработка
На Симпозиумот во Битола на кој учествуваа четириесетина универзитетски
експерти од Македонија и Турција беше потенцирано дека овие две земји треба
да ја продолжат долгогодишната соработка. Од дискусиите на симпозиумот ќе
биде издаден зборник на научните трудови на македонски, турски и англиски
јазик кој ќе претставува основа на едно научно продлабочено мислење за
понатамошната соработка на двете земји.
Скандинавска поука за Балканот
На неодамнешниот семинар на Шведскиот институт чија тема беше "Нордиската
соработка - практични активности за заеднички придобивки" еден од
заклучоците беше дека Република Македонија и нејзините соседи не можат да го
копираат скандинавскиот модел на соработка. Меѓутоа, од него можат да научат
многу позитивни лекции.
Според професорот од Економскиот факултет во Скопје, Владимир Поповски,
нордискиот регион е интересен пример, бидејќи воспоставил цврста соработка,
иако односите меѓу народите во него во историјата биле обременети со
недоразбирања.
Балканските земји во Унијата?
Претседателот на Европската комисија, Романо Проди, за италијанскиот
дневен весник "Ла стампа" истакнал дека сите балкански земји еден ден ќе
станат членки на ЕУ. Претседателот Проди потврдил дека заговара полноправно
членство на балканските земји, а тоа е според него ставот што доминира во
европските одлучувачки кругови.
Албанија охрабрена од ЕУ
Шефовите на дипломатиите на Европската унија на состанокот во Луксембург
се согласиле да ги започнат преговорите со Албанија за да ја охрабрат да
спроведува политички и економски реформи. ЕУ која потпиша слични договори со
Македонија и Хрватска неодамна ја пофали Албанија за нејзината политичка
стабилност.
Друмско разбојништво во Бугарија
Во Бугарија раширено е друмското разбојништво чии жртви не се само
турските имигранти, туку и Македонците, Србите и Албанците и сите други
транзитни патници кои крадците ги сметаат за "лесен и добар плен".
Министерството за внатрешни работи на Бугарија им советува на транзитните
патници да патуваат во конвои и да не застануваат дури и во случаи кога ќе
забележат униформирани полицајци, бидејќи чести се случаите разбојниците да
се маскираат како полицајци или цариници.
"Скопски саем" член на ЦЕФА
Скопски саем стана член на асоцијацијата на саеми од Централна Европа (ЦЕФА),
во која членуваат 15 компании - организатори на саеми. Ова е шанса за
промоција на македонските мали и средни претпријатија во земјите каде што
саеми организираат членките на ЦЕФА, затоа што 50 отсто од договорите се
склучуваат токму на тие саеми.
Во Елбасан епидемија на тифус
Поради појава на епидемија на абдоминален тифус, најмалку 14 лица се
задржани во болницата во Елбасан, јавуваат албански зравствени институции.
Најголем број од заболените се деца, а како причина за епидемијата се
посочува загадената вода за пиење. Според медиумите, во населбата каде што
се појавила еподемијата, водата за пиење подолг период е загадена како
последица од поплавите што неодамна ја зафатија Албанија.
Мегалитска опсерваторија на Балканот
Во Планетариумот при Младинскиот културен центар во Скопје на 22 октомври
беа презентирани доказите за откривање на единствената Мегалитска
опсерваторија на Балканот, лоцирана на планината Татиќев Камен, кај
кумановското село Кокино.
Со научни истражувања и мерења прецизно е утврдено дека опсерваторијата е
изградена пред 38 века, во 1815 година пред Христа. Мегалитската
опсерваторија, како што изјави Ѓоре Цанев, раководител на Планетариумот и
еден од истражувачите на локалитетот, најверојатно имала астрономска намена
и е од рангот на познатиот Стоунхенџ во Англија. Според Цанев, таа по многу
карактеристики е единствена во светот.
|