МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Во Сиднеј достојно одбележан Денот на востанието на македонскиот народ

ЧУВАРИ НА МАКЕДОНСКИОТ ДУХ

Пишува: Кире ЦИРЕВСКИ

  • Покрај настапот на учениците интонирани беа австралиската и македонската химна, беше оддадена почит кон сите втемелувачи за слободна и независна Македонија како и за последните бранители од качачките банди.

На 12 октомври оваа година во Сиднеј свечено беше одбележан 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ и патрон празник на македонското етничко училиште "11 Октомври" од Јагуна. Вечерта пред преполнетата сала се претставија учениците на ова етничко училиште кое го одбележува 26 годишниот јубилеј од постоењето и ширењето на македонскиот јазик. Училиштето е основано, односно почнало да работи на 26 јули 1976 година.

Насмеани лица покрај богатата македонска трпеза

Идејата за отворање на училиште каде децата ќе го изучуваат македонскиот јазик се наметнала како потреба, бидејќи бројот на нашинците во овој дел на Сиднеј се зголемил. Првите иницијатори за организирање на училиштето биле Петре Јанкуловски, Вангел Настевски, Димко Стојчев, Симе Наумовски, Миле Николовски - Караков, Ацо Хрстиќ, Веле Карабелевски како и други. Првите учители биле Васка Тодоровска и Апостол Апостоловски. Веднаш по објавувањето на денот за запишување на ученици кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик се запишуваат дури 137 ученици.

Уште од мали нозе се негува фолклорот

Познатата македонска носија и во Сиднеј

Училиштето од тогаш до денес бележи плодна образовна дејност. Според наставничката Лилјана Двојакова секоја година се запишуваат нова генерација на ученици, но за жал бројот опаѓа. Истовремено таа апелираше до родителите да земат поголема обврска да бидат упорни во она што се, да го пренесуваат духот на своите деца, да не се заборава дека тие се нашите идни градители на македонскиот јазик, култура, традиција, со еден збор на Македонија.

Лилјана Двојакова беше и водител на програмата каде одлично со стихотворби и песнички се претставија учениците: Пеце Стојановски, Ребека Бојковска, Џенифа Ристевска, Наташа Миленковска, Каролина Пикуловска, Саманта Ристевска, Филип Стојковски, Дарко Зафировски, Пеце Блажевски, Никола Симоновски, Александар Војдановски, Стефани Симоновска, Наташа Бојковска, Сузи Недановска, Николина Бојковска, Стивен Танушоски, Ребека Чкламовска, Мануела Јадровска, Дана Блажевска, Никола Јошевски, Кристијан Блажевски, Натали Димитриевска, а рециталот "Расти и цветај земјо сакана" го рецитираа Гонче и Кристина Катранџиеви како и Мануела Јадровска.

Облечени во црвени маички со шеснаесетзрачното сонце учениците пееја македонски песни

Покрај настапот на учениците интонирани беа австралиската и македонската химна, оддадена почит кон сите втемелувачи за слободна и независна Македонија како и за последните бранители од качачките банди. За востанието и неговиот највисок дострел на АСНОМСКА Македонија беше прочитан краток, но мошне содржаен реферат.

Вечерта пред присутните се претставија трите групи на македонското културно и уметничко друштво "Вардар" од Бенкстеон. За одличната изведба фолклористите беа наградувани со ракоплескања. Вриеше како во кошница. За добро расположение на присутните се погрижи младиот, но мошне талентиран состав "Импресија".

Домаќините подготвија старокрајски специјалитети за да се покажат како вистински гурмани, а домаќинките подготвија торти. На песната и орото им немаше крај до раните утрински часови.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"