еатарот "Скрб и утеха" години
наназад континуирано "се бори" со проблемот наречен "фи-нансиски средства"
кои го доведоа во прашање неговото опстојување. Меѓутоа, и покрај тешкотиите
на кои наидува, овој културен центар успешно реализира бројни проекти кои се
од голема важност за македонската култура.
На театарот "Скрб и утеха" му се придружуваат едицијата "Лицеум" и
филмската продукција "Дион". Зад него има веќе петнаесет театарски премиери,
сега веќе се изготвува десеттата книга, а во рамките на филмската продукција
снимен е третиот филм "Бакни го сонцето" во копродукција со МТВ. Претходните
два филма се "Утеха или скрб" и "Илјада години како денот од вчера".
ФИНАНСИИ
Во времето кога министер за култура беше Слободан Унковски, нашиот
културен центар доби едно работно место врз основа на минатиот труд. Зошто
не беа повеќе работни места не би можел да одговорам, едноставно таков беше
ставот на Министерството, вели директорот на "Скрб и утеха", Игор
Стојановски. Во тој период имаше едно отворање кон тие институции кои во
меѓувреме се пробиваа со својата работа, меѓутоа таа поддршка од
Министерството траеше до 2001 година. Оттогаш културниот центар "Скрб и
утеха", не знам од кои причини, премина во оној пакет на "Здружение на
граѓани" кога практично заради рестрикција во рамките на јавната
администрацијата нашето работно место беше укинато. Оттогаш па наваму
едноставно не оставија да функционираме преку изработка на проекти и со
средствата од тие проекти да се обидеме да издвоиме средства и за
функционирање на нашиот центар. Морам да кажам дека на "Скрб и утеха"
никогаш не му недостигале идеи за проекти, меѓутоа проблемот се сведува на
тоа кога ќе се поднесе еден Проект и кога се обидуваме тој Проект да го
изработиме професионално, тогаш се потребни и средства. А кога се ставаме во
една позиција да треба да се биде задоволен со тоа што ќе го добиеме,
практично немаме многу шанса да се жалиме ако добиеме многу помалку. Тоа е
затворен круг. Кога се добивате средства за еден Проект коишто се минимални,
тогаш логично се обидувате да го изработите тој Проект и да одделите од тие
средства за да може да фунционира самиот центар. Тоа е на штета на
таканаречено украсување на Проектот. Со малку средства може да се направи
нешто скромно, без оглед на тоа колкав е вашиот потенцијал. Тоа е нешто од
кое не може да се избега.
Работното место беше укинато кога министер за култура беше Ганка
Самоиловска - Цветанова поради притисокот којшто го вршеше ММФ и Светската
банка за редукција на јавната администрација. Меѓутоа, сметам дека од аспект
на тоа што работи "Скрб и утеха", која се разликува од работата на другите
државни институции, тој факт требаше да биде доволна причина некој да се
стави во позиција да размисли и да заклучи дека со едно работно место "Скрб
и утеха" успеваше да направи многу работи коишто се значајни за оваа држава
и дека сепак требаше тоа место да се задржи, додава директорот
Стојановски. "Скрб и утеха" со едно работно место, без свои простории,
без вработен актер, успеваше да работи на професионално ниво, успеваше да
издава книги, успеваше да преведува странска литература која е поврзана со
театарот... нешта што ниту правеле, ниту прават ниту пак ќе прават државните
театри. Ние како "помала институција" далеку полесно успеавме да се снајдеме,
да се адаптираме на промените, да се адаптираме на условите на работа. И
ден денес средствата што ги добива "Скрб и утеха" од Министерството се
помали во споредба со средствата што им се даваат на државните театри за
една премиера. Проблемот не потекнува од една индивидуа, туку од
двоењето на она што е приоритетно и она што не е приоритетно. Од
Министерството добивме образложение дека односот кон нас како приватна
институција е поинаков и ние треба да бидеме задоволни дека сме делумно
финансирани за разлика од државните институции. Според суштината на
работите, по некое непишано правило, на државните институции им се даваат
средства за плати, а со тоа автоматски тие си го регулираат правото да
добијат добри пари за проекти.
Според сознанијата на директорот Стојановски, во западните земји тоа не е
така, бидејќи не постои поделба на приватни и државни институции. Таму се
применува принципот на минат труд. Доколку сте одработиле нешто претходно и
доколку сте дошле до некое ниво каде што имате одреден квалитет и кога во
текот на годината успевате да реализирате неколку активности кои сами по
себе одат во прилог на подигање на нивото на културата, секако тогаш за вас
има пари. Се поставува прашањето дали кај нас мора да се биде под државна
капа за да може да се добијат доволно средства за да се работи?!
УСПЕХ
Театарот "Скрб и утеха" е возобновен во 1988 година затоа што ги
продолжил истите принципи на коишто работел неговиот претходник, првиот
македонски театар на Војдан Поп Георгиев - Чернодрински, формиран во 1901
година. Овој културен центар во основа продолжи да го работи она што го
работеше Чернодрински, односно да ја шири македонската култура кај
Македонците не само во Македонија, туку и надвор од неа.
Без оглед на тоа што "Скрб и утеха" располага со многу мали средства,
успеа да направи нешто што е многу значајно. Театарот успеа, во времето кога
никој и не помислуваше, да тргне во Албанија, да гостува токму таму и тоа во
областите каде што живеат Македонци.
За сето ова време како културен центар успеавме да оствариме многу
културни мисии коишто верувам дека ниту една друга институција не ги правеше.
Досега имаме реализирано три турнеи и при едно гостување успеавме да го
снимиме и документарно-играниот филм "Бакни го сонцето" којшто говори за
правата на Македонците кои живеат во областа Мала Преспа во Албанија,
објаснува директорот Стојановски. Би рекол дека најголемата награда за
таков вид гостување е кога ќе се види радоста на тие луѓе дека ете некој се
сетил од нивната матична држава да ги посети. Такво нешто слично доживеавме
и при двете гостувања во Република Бугарија кај нашите Македонци каде што
одигравме театарски претстави пред луѓе коишто можеби за првпат во животот
гледаат театарска претстава. Со тоа "Скрб и утеха" е еден од ретките коишто
врши такви културни мисии, бидејќи на некој начин со многу мали средства
успеавме да гостуваме во соседните земји и во странство каде што има
Македонци.
Филмот "Бакни го сонцето" како и претходните два филма е работен во
коопродукција со Македонската телевизија. Меѓутоа, идејата за негова
реализација долго време тлеела, се чекало само погоден момент да се добијат
средства.
Успеавме да присобереме парични средства за основните трошоци, а и МТВ
прифати да биде коопродуцент и да ни обезбеди екипа за да можеме да го
снимиме овој филм, додава директорот Стојановски. Самата реализација
на снимањето одеше малку потешко, меѓутоа во 1999 година успеавме за пет
работни дена да го снимиме на локации во мала Преспа во Албанија. Филмот
говори за правата на Македонците во Албанија, но говори и пошироко за еден
млад човек кој сонува својата земја да ја види повторно застаната цврсто на
нозе, да може да живее како другите слободни луѓе и да ги оствари своите
мечти. Во филмот се појавуваат историски личности - апостол Павле,
Александар Македонски, а исто така во него за првпат е снимен јуришот на
Фалангата од македонски актер. Идејата беше да се направи филм којшто ќе го
задржи вниманието на гледачот и којшто ќе биде краток и јасен. По
2000 година кога завршивме со продукцијата, се наметна прашањето за тоа дека
треба да се обидеме филмот да го пласираме во светот. Театарската премиера
беше во Сараево 2001 година каде што учествувавме на Интернационалниот
фестивал на документарни филмови, потоа оттаму беше претставен во Будва.
Учеството во Солун беше неочекувано поради содржината на филмот, но на наше
големо изненадување тој беше прифатен и претставен и на Четвртиот независен
фестивал во Солун.
"Скрб и утеха" немаше да дојде во состојба да бара финансиска помош
доколку неколку предуслови беа создадени пред да се укине работното место.
Апелот што го упатуваме преку вашиот весник тлееше веќе подолго време. Долго
време размислувавме дали да го упатиме овој апел, нешто што најмалку сакавме
да го сториме и којшто во основа остава горчлив вкус во устата. За жал,
бевме принудени затоа што последниве два месеца се обидувавме со сите сили
да прикрпиме средства за да може да опстане нашиот културен центар.
АПЕЛ