| |
Изложби
Вистината помеѓу двајца
Париз, 17 октомври.
Во Париз беше отворена заедничка изложба на македонскиот сликар Сергеј
Андреевски и на Дик Робертс од САД, со наслов "Вистината помеѓу двајца".
Изложбата ќе трае до крајот на месецов, а изложени се петнаесет слики
работени во акрил-техника.
Графики
Скопје, 17 октомври.
Во Салонот 2 при Културно-информативниот центар беше отворена изложба на
Ричард Милошевски. На својата втора самостојна изложба Милошевски се
претстави со слики и графики.
Слики со порака
Неготино, 17 октомври.
Во Изложбениот салон во Музејот во Неготино во тек е изложба на Ѓуро
Варга. Во најавата за изложбата Владимир Величковски пишува: "Сликовните
претстави на Варга се комбинирани со обликувани букви на англиски составени
зборови со кои се нагласува значењето на темата и на пораката во овие слики.
Зголемените букви формираат зборови кои во превод значат 'мир', 'живот', 'деца',
'љубов'..."
Симпозиум за сликарство
Патра, Грција, 21 октомври.
Зоран Јакимовски, декан на скопскиот Факултет за ликовна уметност,
учествуваше на првиот интернационален Симпозиум за сликарство, кој се одржа
во грчкиот град Патра. Уметниците - директори и професори од 22 земји од
светот - создаваа големи слики (еден ипол на три метри) на тема "Олимписки
дух и Олимписките игри низ вековите".
Книги
Балканис
Љубљана, 21 октомври.
Еденствениот магазин целосно посветен на културите на балканските земји,
"Балканис", деновиве излезе во Љубљана, Словенија. Во него на неколку
страници има текстови посветени на Скопје и на македонската култура.
Саем на книгата
Белград, 22 октомври.
На 47-от Меѓународен саем на книгата во Белград македонските издавачи се
претставуваат на заеднички штанд со своите заеднички наслови. Комесар на
Саемот е м-р Павле Петров, претседател на Здружението на издавачите и
книжарите на Р. Македонија и генерален директор на "Просветно дело".
Во чест на Стале Попов
Скопје, 22 октомври.
Во Друштвото на писателите на Македонија беше одбележана стогодишнината
од раѓањето на познатиот македонски писател Стале Попов. За неговото
творештво и личност зборуваа д-р Томислав Тодоровски и Георги Сталев, а
фрагменти од опусот читаа Лилјана Стоилковска и Симон Беличанец.
Петтомно дело
Скопје, 23 октомври.
Книгоиздателството "Матица македонска" од Скопје деновиве го објави
петтомното дело посветено на македонската народна митологија од д-р Танас
Вражиновски. Во ова издание, кое е од фундаментално значење за македонската
наука и култура, поместени се следниве наслови: "Народна митологија на
Македонците", "Фолклорни и етнографски материјали", "Народна демонологија на
Македонците", "Народна традиција, религија, култура" и како круна на овие
четири книги е "Речникот на народната митологија на Македонците".
Театар
Јерма
Битола, 18 октомври.
Во Народниот театар од Битола, премиерно беше изведена претставата "Јерма"
од Лорка, во режија на Багријана Попова. Во неа настапија Валентина Грамосли,
Петар Горко, Огнен Дранговски, Габриела Петрушевска, Јоана Поповска, Лилјана
Илиевска, Соња Ошавкова, Јулијана Стефанова, Менка Бојаџиева, Ратка
Радмановиќ, Радојка Димеска и Зоран Талевски.
Фестивал на монодрама
Битола, 24 октомври.
На четвртиот фестивал на монодрамата кој се одржува во Битола, изведени
се осум монодрами од повеќе земји. Фестивалот го отвори "Верица меѓу сливите",
на белградската актерка Светлана Бојковиќ, во режија на Тања Мандиќ -
Ригонат.
Музика
Концерт со руска гостинка
Скопје, 17 октомври.
На концертот на Македонската филхармонија, во Домот на АРМ, гостуваше
виолинистката Ирина Бачкова од Русија. Со концертот диригираше Леонид
Николаев, а на програмата беа увертирата "Светол празник" од Римски -
Корсаков, Концерт за виолина и оркестар од Хачатурјан, а за прв пат во
Македонија беше изведена "Виулица" од Свиридов.
Овации за Симон
Сиетл, 18 октомври.
На четирите концерти што македонскиот пијанист Симон Трпчески ги одржа во
Сиетл, САД, минатата недела пред вкупно 10 илјадна публика, буквално бил
поздравен со овации и неколкупати враќан на сцената. Трпчевски настапил со
Симфонискиот оркестар на Сиетл под диригентство на маестро Лоренс Ренес од
Холандија. Го извел Концертот бр. 2 на Рахмањинов. Сите концерти биле
распродадени во рекордно време.
Настап на Пејсахови
Скопје, 22 октомври.
Во Салонот 19,19 на Културно-информативниот центар, концерт одржа
виолинистот Леонид Пејсахов во пијано придружба на Надежда Пожарицкаја -
Пејсахова. На програмата се дела од Бах, Шуберт, Леклер и Дебиси.
Биоритам
Скопје, 22 октомври.
На почетокот на идниот месец фолк-групата "Биоритам" ќе замине за
Германија. Тие во германскиот град Дизелдорф ќе одржат концерт по повод
25-годишнината од постоењето на македонскиот клуб "Гоце Делчев".
Веднаш по враќањето од Германија "Биоритам", трет пат оваа година, ќе
замине на голема турнеја за САД. Во Детроит ќе имаат повеќе настапи поврзани
со католичкиот и православниот Божиќ, а таму ќе ги минат и новогодишните
празници.
Филм
Радост на животот
Калифорнија, 17 октомври.
Документарецот "Радост на животот" во режија на Светозар Ристовски ја
доби наградата за најдобар документарен филм од странско производство на
филмскиот Фестивал "Земјата на виното" во Калифорнија.
Фестивалот "Земјата на виното" е еден од најзначајните фестивали во САД.

Огледало
Скопје, 18 октомври.
Во "Холидеј Ин" свечено беше промовиран филмот "Огледало" кој е посветен
на уметноста на Тања Вујисиќ - Тодоровска. Балерината Тодоровска, првенка на
балетот, во текот на својата кариера добитник е на повеќе професионални и
државни признанија.
Конкурс за "Фолк-фест" Валандово
Домот на културата "25 мај" од Валандово распиша конкурс за нови песни на
Фестивалот на новосоздадени македонски песни "Фолк-фест" - Валандово 2003
година. Сите заинтересирани автори песните за овој Фестивал треба да им
бидат напишани во духот на современата македонска мелоритмика и да не се
обработувани порано. Истите треба да бидат со нотен запис во два примерока
или на ЦД. Заедно со нив да бидат доставени и по три примерока и од
текстовите на песните. Авторите немаат право на повлекување на примените
композиции од страна на селекционата комисија. Секој автор може да биде
застапен најмногу со две композиции од кои за една може да го предложи
интерпретаторот.
Конкурсот трае до 15 декември 2002 година. Композициите може да се
достават на адреса: Дом на културата "25 Мај" - Валандово со назнака за "Фолк
- фест" - Валандово 2003 година.
|