ФОРУМ

ПРЕТСЕДАТЕЛЕ, КАДЕ ВИ СЕ МАКЕДОНЦИТЕ?

Трајко Крстевски, Велес

Со голема загриженост и јанѕа ги следиме настаните во државата, а особено она што се случува со народот наш исконски и со дел од исконската ни територија. Од каде и да се започне прашањето за овие случувања, неминовно е да се почне од врвот на нашата држава.

Го прашувам Претседателот на државата каде му се Македонците, кој му го даде правото да го менува Уставот на Р. Македонија? Зошто народот легитимен на својата територија, не беше ниту запознат со тоа што се случуваше, а уште помалку прашан за такви промени.

За жал, вакви нешта, но со уште подлабоки и трајни последици ни се случуваат по втор пат во нашата држава. Веќе одамна некои заборавија кога екс-претседателот направи големо предавство на народот на Македонија. Ги предаде деловите од Уставот, бидејќи немаше храброст да се бори за целосна самостојност на Р. Македонија. Тој со содржината на референдумското ливче од 91-та, и со декларацијата задоцнета од осум месеци доставена до ООН за признавање на Р. Македонија со уставно име, им даде на знаење на сите европски и светски асоцијации дека не сме способни, храбри, одлучни и дека не сакаме целосно да се отцепиме од постариот "брат".

Тоа не чини сите нас многу скапо. Народот со тешка тага и жалење ги прифати тогашните измени во Уставот, а со тоа и замената на државното знаме. Народот беше излажан, предаден од државниот врв. Со монтиран процес беше сменета и тогашната Влада. Предавството од тогашниот претседател дека името ПЈРМ има времен карактер, беше најголема измама и за сите граѓани во Р. Македонија. Со монтиран закон, истиот тој претседател, наместо 95-та, го ставија на избори 94-та за да ја доврши работата до крај, а последиците уште повеќе се продлабочија и се почувствуваа во годините што доаѓаа.

Кога веќе мислевме и очекувавме дека сепак ќе настојуваме да бидеме легитимен народ на својата територија, ни се случува нешто најстрашно што не се памети во претходните две илјади години. Сега кога ја направивте коалицијата со убијците на македонските чеда, за таква ли самостојност се залагавте? Вие ниту еднаш во изјавите не ги спомнавте водачите на терористите, нивните злодела што ги направија на нашите мили чеда. Исто така и најголемите подлизурковци на политичката сцена од СДСМ, за кој бевте само граѓанин, за потоа ве наречат претседател, умно ви влегоа под кожа. Тие се бореа за предвремени избри, а кога тоа не им успеа, избегаа од власта каде што повеќе одмогнаа, а не помогнаа. Во нивно време паднаа најголем број македонски бранители.

Сега кога и вам и ним со благослов на надворешните фактори им успеа да ја преземат власта, се случува најголемото предавство и измама во Р. Македонија. Истите тие некогаш како и Вие, не ги осудија по име водачите на терористите и нивните злодела. Тоа не смееја да го направат, бидејќи им беше ветено дека ако коалицираат со терористите, ќе ја добијат власта.

Ви успеа, но ајде прашајте ги тие што гласаа "ЗА Македонија" дали не се измамени, излажани, предадени. Се чувствуваат посрамотени, излажани, бегаат од одговорот!

И сега како понатаму? Најавуваниот министер за одбрана со каква совест и морално чувство ќе се обраќа на бранителите на Р.Македонија?

Што ќе им каже на родителите и пријателите на загинатите (за само два дена загинаа 18 бранители) за одбрана на државата? Дали ќе се случи да си го повика екс-началникот на ГШ кој побегна исто така "умно" од врвот, божем од морални причини, или пак генералот кој замина за Брисел, или пак другите генерали кои се вивнаа во врвот на АРМ, со ронка совест, тага и жал да се извинат за тоа што се случи кај Карпалак и Љуботен?

Претседателе, според Уставот имате таква надлежност и морате пред јавноста кога тогаш да ги оправдате паднатите жртви за одбраната на Р. Македонија. Според настаните што ни се случија, излегува дека тие наши синови, татковци, сопрузи и браќа загинаа за најсрамното предавство на македонскиот народ и Р. Македонија.

Претседателе, кога тогаш ќе морате да одговорите на која - на чија територија и на кое место загинаа нашите мили чеда, кој дозволи заземање на македонската територија. Вистината, сепак, излегува на виделина. Македонија е заложник, експеримент, лабораторија за проверка на нештата, а Вие де факто сте егзекутор на таквите настани. Вистината боли, а луѓето се прашуват кој и зошто го направи тоа? Доцна ќе биде да читаме мемоари од уште еден претседател, бидејќи во нив нема да се чита за вистината и за вината.

Македонија, со сиот народ, вера, религија, култура, историја, уметност, постојаност, суверенитет и уште многу нешта е ожалостена, навредена, понижена, фрлена во амбис и понатаму делена и давана во уста на крвожедните. Тоа го направивте Вие без причина, совест и патриотизам, тоа го направи претходникот со неговите "дечки" од поранешната, но за жал веќе и сегашна власт.

Дали вакво нешто заслужи македонскиот народ?

Претседателе, каде ви се Македонците, за загинатите нешто и знаеме, но што е со киднапираните? Киднаперите со ваш благослов ("амнестија") седнаа во државниот дом до Вас, до Бранко.

Зарем не Ви е срам пред народот!?


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"