До кога со нерешено македонско прашање?

На вакви и слични прашања, не само по ослободувањето и формирањето на поранешна СФР Југославија во 1945 година, туку и пред тоа, од поединци и неформални организации, долго време се чека одговор. За значењето на македонската држава и народ и неговите нерешени состојби како овде, така и надвор, поранешната и сегашната власт во Република Македонија не изнајдоа време да дадат конкретен одговор, предлог или решение.

Што се подразбира под нерешени македонски прашања?

Тука мора да се има предвид широкиот поим кој ги опфаќа: државноста, националноста, јазикот и културата, кириличното писмо, образованието, сите белези: грбот, името, химната и ред други прашања сврзани со тие поими. Дека "големите риби" ги јадат малите не еднаш е докажано. Кај кого е големината, силата и секако власта со материјалната моќ, тој е главен фактор при разгледување и решавање на многу значајни државни и меѓудржавни прашања. Тука нема сомнение, без разлика на постоењето на законодавна, извршна или судска власт во една (која било) држава која е самостојна, суверена, со свој Устав, закони и слично. Горенаведените и не само тие велат: Каде е моќта - таму е власта. А дека е така, не еднаш на свој грб почувствувале малите народи и држави.

Ние како народ и држава си имаме породилни маки особено со нашите соседи - Бугарија, Србија, Грција и Албанија, не навлегувајќи во болките што ни ги нанесуваат и големите држави и сили. По распарчувањето (и не само пред тоа) со кобниот и проклет Букурешки договор од 1912/13 година, без наша волја и согласност делови од тогашната Македонија беа одземени и доделени на тие соседни држави. Од тој непромислен акт останаа многу прашања кои се уште се провлекуваат како нерешени. Се уште од одредени поединци, невладини и слични организации и групи се пуштаат гласови да се постават на маса и да се разгледаат овие прашања, со можност за нивно решавање не само пред соседните држави, но и пред многу меѓународни организации. Но, слепоста, кусогледоста и незаинтересираноста од нив е очевидна, а згора на тоа нашите и поранешни и сегашни македонски државни органи, уста имаат - јазик немаат. Што да кажеме за големиот последен егзодус од 1940 до 1949 година кога стотици илјади Македонци беа брутално и безмилосно протерани од своите родни огништа од Егејскиот дел на Македонија. Им беше одземен и конфискуван целокупниот подвижен и неподвижен имот, беа убивани, силувани, затворани и мачени, за потоа спасот да го бараат надвор од родните грутки по разноразните балкански, азиски, европски и прекуморски држави, формирајќи втори татковини за до ден-денешен се уште да не можат слободно да се вратат, да ги посетат своите таткови и дедови огништа, или пак да запалат свеќи на нивните гробови. Зарем не е обврска на Европа, зарем не е право на ООН и нејзините органи и тела, или пак задолжение и на сегашната македонска власт овие севкупни прашања да ги постават во своите програми за разгледување и решавање. Со тоа ќе се сторат взаемни услови за соживот, соработка и развој на повеќе полиња меѓу соседните држави, особено со Грција, на која отворено, јасно и гласно треба да и се каже дека има морална обврска да настојува овие и слични прашања да се решат и да не се замижува пред вистината која најмногу ги боли семејствата со потекло од Егејска Македонија. На овие лица не само што им се одземени и конфискувани целокупните имоти, туку им се одземени и државјанствата како и други права.

Поради ваквите несериозни сфаќања од досегашните државни органи, во Република Македонија се формирани десетина невладени здруженија на тие потомци, кои во повеќе наврати покрај своите дејности бараат од државните македонски органи и од меѓународните организации, особено од Владата на Република Македонија, МНР, МВР, Министерството за правда, како и соодветните органи и тела при ООН, ЕУ, ОБСЕ и други, да се посвети посериозен пристап за решавање, бидејќи времето одминува, но вистината, историјата и реалноста не застаруваат и не се забораваат лесно. Упатувам апел до горе повиканите институции во наредните нивни активности да ги вклопат и овие прашања за разгледување, ако сакаме меѓусоседските односи да бидат на висина, унапредувајќи ги и почитувајќи ги взаемно. Во спротивно, вештачките и обоените "добри" односи ќе лебдат, мирот и меѓусоседските односи ќе висат на конец, а загубите ќе бидат на штета на сите нас.

Ангел Радев, Радовиш


Македонски народе, освести се!

До кога Македонија ќе служи на експериментализмот на надворешните разнебитувачи, внатрешните ненародници, крчмари и предавници?

Македонски народе, по осамостојувањето на Р.Македонија четврти пат излегуваме на парламентарните собраниски избори, но до сега не успеавме да ги најдеме и избереме вистинските водачи (Македонци) кои би ја наследиле идејата за самостојна, суверена и обединета (етничка) Македонија. Но, за жал, на досегашните водачи тоа им беше туѓо и не сакаа на таа платформа ни да помислат, а не да размислуваат. Како потврда на таквата индиферентност, ќе конкретизирам еден пример. Кој од 1990 година па до денес го поставил прашањето за ревизија на Букурешкиот договор (каде на Македонија и на македонскиот народ му е направена голема неправда и нанесена голема штета)? Таа штета нанесена од страна на дедовците и прадедовците на сегашните наводни олеснувачи, вистински отежнувачи, е непроценлива.

Да се потсетиме дека во далечната 1913 година, кога е донесен и потпишан Букурешкиот договор, од никого во Македонија не е барана согласност. За сето ова што и се случува на Македонија и македонскиот народ, главни виновници се лидерите на СДСМ, Бранко Црвенковски, Киро Глигоров и ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, а потоа сите лидери на политичките партии, како и целиот прогресивен народ во Македонија. За да не бидеме во недоумица, мораме да се потсетиме на некои недоличности од горе споменатите личности.

Киро Глигоров, каков политичар (!?) кога како претседател на државата без некој да бара и инсистира, го менува уставното име на Р.Македонија, не размислувајќи за последиците што потоа ќе следат. Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, преку сите информативни средства и медиуми, ветува дека доколку ја добие довербата од граѓаните како и мандатарската доверба, воопшто нема да коалицира со Али Ахмети, дека нема место за ниеден терорист во извршната власт. Но, по завршувањето на изборите Бранко Црвенковски има друга стратегија - Али Ахмети не е терорист, тој е иден потенцијален кандидат со неговите блиски воени соработници, команданти за коалицирање. Образложението е следново: Али Ахмети од албанските партии доби најмногу гласови и според тоа СДСМ ќе ја почитува волјата на тој народ. Тие не сакаат да знаат кој е Али Ахмети и тие команданти околу него, кои до вчера убиваа и се уште убиваат, а сега им се делат ресори, како што е Министерството за правда. Дали вие господа од СДСМ сте свесни што правите со тој ресор и дали знаете дека законодавството го предавате на терористите. Господа од СДСМ, на чело со лидерот Бранко Црвенковски, што се однесува до распределбата на ресорите со Али Ахмети, одите по принципот на Љубчо Георгиевски. Немојте сами да се залажувате, немојте да мислите дека некој ќе ве оправда, со тоа се потврдува дека гласачите и целата јавност ја излажавте. СДСМ, на чело со лидерот Бранко Црвенковски, се главни виновници што инсистираа да се донесе таквиот документ (Рамковниот договор) што е можно најбрзо, и ден денес тој документ се поддржува и се брани.

ВМРО-ДПМНЕ со лидерот Љубчо Георгиевски до 1997 година водеше добра национална програма. Од 1997 година се изгуби дотогашната вистинска стратешка програма и по неа се направи раскол во партијата. Се направи многу погрешна стратешка програма поради која беше неопходна внатрешна партиска реконструкција.

Констатација е дека има уште недоследности и многу потхранителни причини што Македонија се наоѓа во многу тешка, дури и безизлезна ситуација. Несомнено е дека потписниците на Рамковниот договор се клучната стратегија за разнебитување на Македонија. Притоа СДСМ го потпиша, го брани и го оправдува Рамковниот договор, со помош на надворешните пристрасници на Али Ахмети. Што се однесува до македонскиот народ, тој ќе носи палта со по еден ракав, и по еднаш на ден ќе јаде.

Затоа браќа и сестри, Македонци и Македонки, заборавете ги партиските определби. Гледате дека досега сите не лажеа. Затоа да се приклучиме и да помогнеме на прогресивните и неуморните борци за спас и одбрана на Македонија и македонскиот народ.

Владо Николоски, Скопје


 

Како го читаме "Сонце", но и за неговата одговорност

Господинот Александар Донски во чијшто авторитет како научник и општественик никој не се посомнева, пред година време пишуваше критички и поучително по повод една тогашна антизападна и антинатовска демонстрација во Скопје. Тој тогаш во својот текст, признавајќи им го демократското право на граѓаните да протестираат по еден или друг повод, искажа мислење дека ние Македонците мора да бидеме поодмерени во своите противзападни активности, оти Западот ќе ја заземе страната на Албанците. Читајќи го нашето "Сонце" секогаш од почеток до крај со исклучок на "Хроника", дојдов да заклучок дека некои наши Македонци при тоа "наводни" патриоти не го читаат баш како што треба, органот на македонштината, посебно публицистичките текстови на господин Донски. За жал!

На минатогодишниот натпис на г. Донски се присетував секогаш за време на годинешната изборна кампања кога во "Македонско сонце" читав текстови со силно антизападно расположение што зачудува. Читајќи го, на пример, текстот на Тихомир Стојановски, чиишто заслуги кон Македонија и Македонците верувам дека историјата посебно ги забележува, во број 427, како и убаво напишаните текстови на Мишко Талески, ми се наметнува прашањето: Нам ли повеќе ни е потребен Западот или ние нему? Според нив, но и според некои други, испаѓа дека ние сме му повеќе потребни на Западот одошто тој нам, односно дека тој им е потребен на Албанците во Македонија, низ сиот Балкан и на нашите негатори од кај истокот и југот. Можеби, бидејќи тие имаат национална стратегија преку пишани национални програми и платформи, а во краен случај и си го знаат интересот! Небаре нам се ни е во ред и немаме никаков проблем и национални цели, што немаме ни волја, ни храброст дури да ги дефинираме. Ќе си ги решиме сами, или само со Бугарија, Украина и Грција!?

Верувам дека ни господинот Донски, ни јас самиот, ниту пак кој било друг сметаме дека политиката на Западот кон Македонија е беспрекорна. Овде повеќето Македонци, поаѓајќи од нивната политика во минатото, прават погрешни заклучоци, денес кога работите се од корен променети. Затоа, доколку го прекоруваме Западот, тоа мора да го правиме на фин и дипломатски начин! А, пред се, треба да ги побараме грешките кај нас и да престанеме да се правдаме со оние што си ги штитат своите интереси. САД, ЕУ и НАТО бараат пријатели на Балканот, па и низ целиот останат свет, и ги пронајдоа во лицето на Албанците, а ние и моќниот Запад сакаме да го претвориме во непријател. Затоа, наместо непринципиелни и неодмерени анатеми кон него, требаше да му ја соопштиме вистината онаква каква што беше и е. Наместо тоа, ние Македонците на чело со ванчомихајловистите од власта ова им го препуштивме на Албаниците, кои на светот му се претставија како целосно обесправен народ подложен на нечуена и невидена асимилација и поопасен геноцид од оној што го "правеле Србите во Косово". Притоа се соочивме, без соодветна реакција од наша страна, со платформата на ААН за решавање на албанското национално прашање. Го оставивме сам Коле Мангов во борба за правда!

Но, прашањето што го поставувам има и друга страна. Сите сакаме да бидеме разбрани, но како да не разберат? Другите како да се преправаат оти ова не важи за нас. Изгледа нашиве патриоти во изборната еуфорија наседнаа на задоцнетиот "патриотизам" на Љубчо Георгиевски кој бараше алиби и оправдување за својата уривачка, непринципиелна и предавничка антинационална политика. Затоа, најлесно беше за се да биде обвинет Западот, прескокнувајќи ги сопствените грешки.

Оттука и големата одговорност и долгот на нашиот неделник во иднина, пред Македонија и пред македонскиот народ во сите делови и низ светов.

Димитар Захов


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"