дделението главно ги имаше
следниве задачи: да го следи македонскиот национализам и сепаратизам, да ги
следи и да ја открива дејноста на агентите на југословенските известителни
служби чија дејност се состои во собирањето на податоци за бројот на воените
сили на двете завојувани страни за вооружувањето, позициите, дислокацијата и
плановите, да организираат дезертерства на борци од редовите на ДАГ, да го
рушат единството меѓу грчкиот и македонскиот народ, да шират недоверба и
сомневање по однос на исходот на борбата, да пропагираат за присоединување
на егејскиот дел кон вардарскиот дел на Македонија.
Одделението, исто така, имаше задача да ја следи работата на македонските
организации и институции, односот на македонскиот раководен фактор кон
лидерот на КПЈ и Информбирото, положбата, стремежите и активноста на
македонската емиграција во Југославија и односот на југословенските власти
кон неа, пропагандната дејност на Титовите агенти меѓу децата во
источноевропските земји и друго.
Одделението во остварувањето на својата задача организира мрежа на
известители во единиците на ДАГ, во организациите и институциите и во
населените места и насекаде каде имаше Македонци и Македонки. Секој
известител добиваше и посебна шифра. Беше создаден режим секој Македонец да
е под контрола. Трагедијата ја прави пострашна фактот што Македонците што им
служеа на двете спротивставени известителни служби, беа убедени дека тоа што
го прават е во интерес на македонскиот народ и на револуцијата.
МАКЕДОНЦИТЕ - "ТИТОВИ АГЕНТИ"?
Одделението за безбедност својата активност ја почна со собирање на
податоци за минатото на Македонците, особено за оние што учествуваа во
македонското национално-ослободително движење, во егејската бригада, оние
што престојуваа во НР Македонија и слично. Податоците беа искористени во
пресметката со Македонците кои беа осомничени за "Титови агенти", борци,
активисти добија задача да пишуваат изјави за својот соборец, за својот
другар од кои беа создадени досиеја за голем број Македонци. Оваа акција се
практикуваше низ целиот период на Граѓанската војна и во неа и во
емиграцијата. Досиејата беа искористени во хајката на ловење на Титови
агенти од редовите на македонската емиграција во источноевропските земји.
Прво финале од работата на споменатото одделение беше апсењето и судењето
на група Македонци борци на ДАГ на Грамос.
КПГ со цел да неутрализира и осуети евентуална реакција на Македонците
под влијание на Резолуцијата на Информбирото, покрај политички, презеде
репресивни мерки. Меѓутоа, огромните тешкотии што ги создаваше борбата и
сомневањата за победоносен исход на истата, како и несоодветниот статус на
Македонците во ДАГ и другите институции на борбата беа повод на дискусија
меѓу група Македонци борци на ДАГ. Тоа беше повод шефот на Одделението на
воената безбедност при 670 единица на ДАГ, Такис Гастис, на 5 јуни 1948
година да издаде налог за апсење на Македониците борци Никола Љасов, Петре
Димулев, Ставре Темелков, Ставре Ралев, Ѓорѓи Младенов, Ѓорѓи Слупков,
Христо Попов и Јане Кипровски. Сите борци на 105 бригада на ДАГ која се
бореше на Грамос.
Апсените Македонци беа младинци од Леринска Преспа. Монтираното обвинение
ги товареше дека наводно ширеа пропаганда дека Грците комунисти немаат
правилен став и однос кон Македонците, дека Македонците треба да се отцепат
од ДАГ или да бегаат во Југославија, или да се борат во планинита Вичо, во
Леринско Поле и слично. За постигнување на таа цел наводно формираа тајна
организација со автономистички цели, дека имаа план да убиваат грчки
раководители, дури веќе и убиле еден Грк итн.
Гастис, употребувајќи ги своите добро испробани методи и средства на
притисок и мачење, изнуди такво признание од тие голобради Македончиња.
Обвинетите Македонци беа изведени пред Прекиот воен суд на ДАГ. Од осум
обвинети Никола Љасов и Петре Димулев ги осуди на смрт, а другите шест беа
на казна затвор. Молбата за помилување до претседателот на привремената
демократска Влада и командант на ГШ на ДАГ, Маркос Вафијадис, на 23 јули
1948 година беше одбиена и смртната пресуда извршена.
Со сочуваното досие од таа афера, кое имавме можност да го проучиме,
констатиравме дека наводите содржани во обвинението беа целосно
исфабрикувани. Единствена нивна "вина" е таа што тие изразија извесни
резерви кон односот на грчките комунисти кон Македонците и изразија мислење
дека ако тоа не се измени, може да се повторат настаните од октомври 1944
година кога македонските баталјони се отцепија од ЕЛАС и преминаа во
вардарскиот дел на Македонија. Никаква тајна организација или некоја друга
акција тие не презедоа и ниту имаа намера и ниту можеа да преземат. Во 1956
година тие беа рехабилитирани од самата КПГ.
Во јули 1948 година органите за безбедност на ДАГ уапсија 20 Македонци од
с. Долно Пожарско, Воденско, обвинети за соработка со монархофашистите и
Југославија. Обвинението ги товареше за давање информации на непријателот за
силите, позициите и движењето на единиците на ДАГ, за организирање на
дезертерството на борци на ДАГ и друго.
Истрагата траеше од јуни до ноември 1948 година. И покрај немилосрдното
измачување од иследниците, фатените Македонци ги одбиваа обвиненијата.
Прекиот воен суд на ДАГ осуди на смрт девет од кои и една жена. Смртната
казна беше извршена во ноември 1948 година.
Од суденото досие и од изјавата на командантот на националната милиција
за Воденскиот округ, Атанас Каровски, констатиравме дека и тие Македонци
невино настрадаа.
За Резолуцијата на Информбирото и прифаќањето на истата од страна на КПГ
најбрзо беа информирани Македонците од Костурско и Леринско каде од познати
причини влијанието на Југославија беше најсилно. Кај еден поголем дел на
Македонците Резолуцијата предизвикува разочарување и губење верба во
победата на ДАГ. Се појавија тенденции на напуштање на борбата и бегање во
Југославија. По објавувањето на Резолуцијата, односно во средината на јули
1948 година, една група Македонци ги напуштија единиците на ДАГ на Вичо и
преминаа во НР Македонија. Југословенските власти не им одобрија престој и
им ги предадоа на ДАГ. Веднаш беа изведени на суд и стрелани. Судењето и
стрелањето беше извршено во месноста Превал, Леринско.
ЗАОСТРУВАЊЕ НА ОДНОСИТЕ МЕЃУ КПЈ И КПГ
Под притисок на руското и бугарското раководство и од свои причини и
интереси, Захаријадис не го одржува ветувањето дека КПГ ќе настојува да држи
неутрален став кон судирот меѓу КПЈ и Информбирото. Бугарите во август 1948
година го предупредија Захаријадис дека Русите нема да толерираат уште еден
Тито на Балканот. По тоа КПГ почна јавно да ја напаѓа КПЈ, да се
организираат антијугословенски манифестации, како што е кинењето на
фотографиите на Тито, судење и суспендирање на Македонци поради
пројугословенска ориентација и слично. Како резултат на тоа односите меѓу
двете партии беа заладени и се појавија тешкотии и проблеми во снабдувањето
на ДАГ со оружје, муниција и други материјали. Меѓутоа, до прекин на
односите не дојде и дотурот на помошта не беше прекинат. Тоа се должи на
фактот што КПГ се уште немаше пронајден друг фактор кој ќе ја заменеше
улогата на Југославија околу снабдувањето на ДАГ, а КПЈ од друга страна не
сакаше да им даде повод на нејзините критичари да ја напаѓаат и слично.
Меѓутоа, есента 1948 година работите се изменија. Имено, при посетата на
Захаријадис во Москва во септември 1948 година од Сталин му беше ветена
значајна помош која ќе беше транспортирана со бродови до албанските
пристаништа и од таму со камиони во Грамос и Вичо. Помошта беше условена со
активно вклучување на КПГ во антијугословенската кампања.
Режимот на Тито успешно се спротивстави на Сталиновиот притисок и се
зацврсти, но се соочи со економски тешкотии за чие решавање се ориентира кон
западните земји. За позитивно решавање на барањата за кредит и помош, КПЈ
презеде мерки да се ослободи од обврската што ја имаше околу снабдувањето на
ДАГ и други обврски и активности во полза на грчките комунисти. Тоа имаше за
резултат натамошно заострување на односите меѓу двете партии. Апаратот и
радиостаницата "Слободна Грција" во ноември 1948 година беа дислоцирани во
Букурешт.
Меѓутоа, ветената помош од Москва не пристигна во договорениот термин
поради што ДАГ се соочи со недостиг на оружје и слично. Поради тоа
раководството на КПГ се обиде времено да ги надмине појавените проблеми во
односите меѓу двете партии и за натамошно породолжување на снабдувањето на
ДАГ. За таа цел на први октомври 1948 година меѓу Александар Ранковиќ и
грчкиот партиски функционер П. Русос во Белград се водени разговори. Русос
имаше добиено цврста задача од ПБ на ЦК на КПГ да обезбеди добри односи и
соработка со КПЈ со цел да продолжи помошта од страна на Југославија.
На состанокот беа поставени проблемите на каналите за префрлување на
материјали, прифаќање и лекување на ранети борци на ДАГ, транспортирање на
децата од Албанија во другите источноевропски земји, транспортот на
материјалите и слично.
Александар Ранковиќ во разговорот со Русос уште еднаш го повтори ставот
дека Југославија со денешната нејзина изолација не може да ја поднесе сета
тежина на помошта кон ДАГ и побара дел од таа тежина да преземат и другите
партии. Во продолжение Ранковиќ констатира влошување на односите меѓу двете
партии префрлувајќи ја вината за тоа врз раководството на КПГ поради тоа што
се солидаризира со Информбирото. Ранковиќ изнесе официјален став дека
Југославија сака да ја продолжи соработката со КПГ, но под услов грчките
комунисти да останат надвор од антијугословенската хајка, поради што
средбата заврши неуспешно.
Петрос Русос својот извештај од средбата го завршува со следното: "...Пракитичниот
заклучок од разговорите е дека суштинската работа е завршена околу
радиостаницата (нејзина дислокација во Букурешт), а за другите работи и
прашања, нула. Политички заклучок е дека Југославија чувствува потреба да
одржува добри односи со нас, под условите што ги поставуваат и не
предупредија за последиците ако работите се развијат во спротивна насока (имам
впечаток дека веруваат оти имаме утврден политички став)".
(Продолжува)
За Резолуцијата на Информбирото и прифаќањето на истата од страна на КПГ
најбрзо беа информирани Македонците од Костурско и Леринско каде од познати
причини влијанието на Југославија беше најсилно. Кај еден поголем дел на
Македонците Резолуцијата предизвикува разочарување и губење верба во
победата на ДАГ. Се појавија тенденции на напуштање на борбата и бегање во
Југославија. По објавувањето на Резолуцијата, односно во средината на јули
1948 година, една група Македонци ги напуштија единиците на ДАГ на Вичо и
преминаа во НР Македонија. Југословенските власти не им одобрија престој и
им ги предадоа на ДАГ. Веднаш беа изведени на суд и стрелани. Судењето и
стрелањето беше извршено во месноста Превал, Леринско.