| |
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
АНТИЧКИ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ И ПЕСНИ (5)
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Фениксот и чумата - мотиви од античката митологија!
- Од античката митологија се и метаморфозите во македонскиот фолклор!
Д а го спомнеме и мотивот на
фениксот. Според античката митологија, фениксот живеел во Арабија. На секои
500 години тој горел и повторно се раѓал од својата пепел. Во митологијата
на антички Египет фениксот го претставувал сонцето, кое симболично ноќе
умирало, а дење повторно се раѓало. Подоцна фениксот бил
прифатен и во митологијата на други народи.
Мотивот на фениксот е застапен и во македонскиот фолклор. За ова пишува
Душко Наневски, кој мотивот на фениксот го препознава во македонската балада
"Заљубиле се две луди млади". Во оваа потресна балада една злобна
маќеа ги отепала двете деца на својот маж и кришум ги закопала. Но, на
местото каде биле закопани никнале лозница и трендафил. Тоа всушност биле
убиените деца. Лошата маќеа сфатила дека тоа се децата и ги исекла и
изгорела лозницата и трендафилот, а пепелта ја истурила во градината.
Но, градината зазеленила и таму никнал
босилек што подоцна децата го береле. (Душко Наневски: "Раѓање на
метафората", Скопје, 1982, стр. 132).
Очигледно дека Наневски со полно право констатира дека во оваа балада и
навистина провејува мотивот на фениксот и неговиот постојан натпревар
со смртта (овде олицетворена преку маќеата). И овој мотив до Македонците -
творци на баладата стигнал преку античките Македонци, на кои добро им бил
познат митот за фениксот.
МОТИВОТ НА ЧУМАТА
Во македонскиот фолклор чумата не е третирана само како болест од
медицински аспект, туку многу пошироко - таа е олицетворение на поголемо зло
кое се случува или се заканува над поширок простор кој опфаќа повеќе луѓе,
па дури и цел народ. И чумата е персонализирана. Таа има човечки
карактеристики, комуницира со луѓето, им се заканува и слично.
Постојат повеќе македонски народни умотворби (главно песни и приказни) во
кои се среќава чумата.
Марко Цепенков запишал неколку вакви умотворби. Тој исто така оставил
опис и на некои нејзини особини. Така, на пример, тој пишува дека чумата
потекнувала од реката Нил. Цепенков дури запишал сведоштво од неговиот татко
Коста кој тврдел дека лично ја видел чумата додека минувал еден караван во
кој таа одела последна. Коста ја опишал чумата како "жена, вкачена во
седалје со лице страшно, косата растурена преку плеќи, рацете долзи, едно
чудо..." (Марко Цепенков, Скопје 1972, стр. 129, цит. според д-р Кирил
Пенушлиски, цит. дело).
Д-р Марко Китевски пренесува информација дека Иван Шишманов, анализирајќи
фолклорни мотиви со чумата, дошол до заклучок дека таа имала заеднички
атрибути со митолошкото сушество Харон. Во врска со ова Марко Китевски
пишува:
"Харон е силен старец со растресена коса и бела брада. Тој е демон на
Подземјето кој преку реките Ахеронт, Стига и Кокита ги превезува со чун
душите на мртвите до вратите на Хад" (Марко Китевски: "Прилози за
македонскиот фолклор", Култура, Скопје, 1989 год. стр. 40).
МОТИВОТ НА МЕТАМОРФОЗИТЕ
Во македонскиот фолклор еден од честите мотиви е и мотивот на
метаморфозите. И овој мотив најчесто се среќава во народните песни, приказни,
преданија и легенди. Метаморфозите можат да бидат привремени и трајни, а во
однос на нивната содржина тие можат да бидат: анимални (луѓе што се
престоруваат во животни), минерални (луѓе што се престоруваат во камења),
флорални (луѓе што се престоруваат во растенија) итн.
Познато е дека метаморфозите играат важна улога и во античката митологија
и не е спорно дека токму од оваа митологија, преку културата на античките
Македонци, метаморфозите стигнале и до македонските фолклорни творби
запишани во 19 и 20 век. Впрочем, за ова сведочи и сличноста на античките
мотиви со оние во творбите запишани во 19 и 20 век. На места оваа сличност е
сосема очигледна, т.е. мотивот е директно превземен, а некаде е само
симболична.
Како илустрација за речиси идентичен мотив на метаморфоза помеѓу античка
приказна и македонско предание запишано во 19 век, е мотивот во преданието
за настанокот на сончогледот (слнцогрева). Содржината на ова предание
гласи:
"Та китка слнцогрев била мома многу гиздава и умна, огодила се за слнцето
и една година ходили огодени и се љубили и миловали, а сетне та оставила
слнцето и се огодила за зорницата. Слнцето се чудело што да прави и отишло
на една магесница. Казал и че огодница го оставила и и се молил да стори маг
штото да му се моли пак да го земе. Магесницата сторила маг и завчас и се
обрнало срцето и отишла да се моли на слнцето да и прости и пак да се зема.
Слнцето си греело и се правило че не гледа. Та се вртела по него и од много
вртење около слнцето пожлтела та станала китка слнцогрева" (Стефан
Верковиќ: "Македонски народни умотворби", Книга 4, Скопје, 1985,
предание 124).
Ова предание го содржи истиот мотив од античката легенда за настанокот на
сончогледот. Станува збор за љубовта помеѓу богот на сонцето Хелиос и
ќерката на персискиот владетел Орхам, по име Левкотеја. Нимфата Клитија исто
така била вљубена во Хелиос и заради љубомора му кажала на Орхам за тајната
љубов помеѓу неговата ќерка и Хелиос. Кога слушнал Орхам дека неговата ќерка
го сака богот на сонцето Хелиос, жива ја закопал в земја.
Тогаш Хелиос уште повеќе ја замразил
Клитија, која од љубов по него се престорила во сончоглед и постојано
гледала по него.
Според една друга легенда, некоја водена нимфа била вљубена во Аполон (богот
на сонцето). Таа била толку вљубена во него што излегла на копното само за
да остане што подолго на сонце. Но, Аполон не ја ни забележал. Поради тоа
боговите ја престориле во сончоглед и таа до денес постојано гледа по својот
сакан Аполон. За врската помеѓу македонското предание за настанокот на
сончогледот и античката легенда прв има пишувано д-р Кирил Пенушлиски ("Митот
и фолклорот", Скопје, 1996, стр. 79) од чие истражување ги пренесовме
овие сознанија.
И Душко Наневски го открива античкиот мотив на метаморфоза во
македонскиот фолклор. Во врска со песната што ја спомнавме кај мотивот за
фениксот (во која злобната маќеа ги убива двете деца, а тие пак оживуваат во
друга форма) тој пишува:
"Така, со симболиката на босилекот, со длабоки анимистички и пагански
верувања во неговата сила и неуништивост, оваа македонска балада ги опфаќа и
метаморфозите на Овидие: во трагичните мотиви на љубовта, пак се отвораат
големите кругови на битката на животот со смртта. (Душко Наневски: "Раѓање
на метафората", Скопје, 1982 год., стр. 132).
Во продолжение ќе наведеме и други примери за метаморфози во македонските
умотворби запишани во 19 и 20 век. Во продолжение ќе се повикаме на
истражувањата на д-р Кирил Пенушлиски (цит. дело).
Марко К. Цепенков наведува творба со анимална метаморфоза. Птиците Сиве и
Чуле биле брат и сестра, кои биле проколнати од мајка си да се сторат пилци
(д-р Кирил Пенушлиски: "Митот и фолклорот", Скопје, 1996, стр. 75).
Цепенков пишува и за гулабите за кои вели дека прво биле
поповски деца, кои биле престорени во
птици, та затоа многу пееле.
Анимална метаморфоза во песна запишал и Стефан Верковиќ. Станува збор за
песна во која некоја лоша мајка го проколнала својот син да се престори во
елен. Подоцна синот (еленот) бил во шумата и и помогнал на мајка си да
набере дрвја, но таа им кажала на ловците да го отепаат. Има и други песни
во кои е опеано престорувањето на човек во елен. Таква е баладата "Стојан
и Тодора". Мајка му на Стојан не дозволувала тој да се ожени за Елена,
поради што Стојан го замолил Бога да го престори во елен, а Тодора во кошута.
Така и се случило. Во Зборникот на Миладиновци (песна 199), некој Јован бил
проколнат од својата мајка да се стори во елен, но само во одреден период. (Подетално
за сето ова кај д-р Кирил Пенушлиски: "Митот и фолклорот", Скопје,
1996, с. 104 и 105).
Да ја спомнеме и метаморфозата на жена во гугутка. Тоа всушност била
мајка што жалела по својот син Гуго и затоа се престорила во гугутка. Потоа
овде е познатата приказна за попскиот син кој се престорил во крт, како и
приказната за една малтретирана паштерка, која се престорила во мечка и ја
отепала својата лоша маќеа. Има и други вакви примери. Сепак, од сите
анимални метаморфози најчести биле престорувањата во птици (д-р Кирил
Пенушлиски, цит. дело стр. 78 и 79 и 105).
МИНЕРОЛОШКИ МЕТАМОРФОЗИ
Освен анималните, постојат и и минеролошки метаморфози. Како илустрација
ќе ги спомнеме преданијата под наслов "Зарезаната стена во Зрноско" и
"Зарезана стена", регистрирани во фолклорот на Македонците кои живеат
под Албанија. Обете преданија претставуваат варијанти на ист мотив во кој
жената носела зелник за ручек на мажите, кои работеле во полето. На жената
ова и било тешко и таа по патот посакала да биде скаменета од бога. Така и
се случило. Во првото предание: "Госпо а скамна. И денес се гледа жената
скамната на п'то за Зрноско", а во второто: "Бог е чул жената заш
тогај тој барал по земја, и а напраил камен" (Д-р Стојан Ристески: "Преспа
под Албанија", Ѓурѓа, Охрид, 1993 год., стр. 140). Истиот овој
мотив се среќава и во познатото предание за бабите кои биле скаменети затоа
што му се потсмевале на месецот Сечко. Ова предание е познато во повеќе
краеви на Македонија.
Има примери и на метаморфози во обратна насока, кога предмети се
престоруваат во живи суштества. Во една песна Јана немала деца и постојано
носела мермерна плоча околу стомакот со надеж дека ќе се престори во дете.
Толку плачела што бог ја чул и испратил два ангели за да ја престорат
плочата во живо дете (д-р Кирил Пенушлиски: "Митот и фолклорот",
Скопје, 1996, стр. 111).
Кога сме кај спомнувањето на бог во македонските фолклорни
умотворби во кои е застапен мотивот на метаморфозите, да потсетиме и во оваа
прилика дека неговото спомнување е уште еден доказ за античкото потекло на
овие мотиви. Познато е дека вистинскиот Бог (Исус Христос) никогаш не
скаменувал луѓе, ниту пак ги престорувал во животни. Такво нешто не треба ни
да се помисли. Но, во античката митологија постојат бројни примери на
метаморфози, во кои токму античките богови вршеле престорување на луѓето од
еден облик во друг. Ова е силен доказ во прилог на античкото потекло на
мотивот за метаморфозите во македонскиот фолклор.
Во продолжение ќе споменеме некои од поинтересните метаморфози од
античката митологија, преземени од споменатата книга на Карлос Парада, а кои
ги има и во македонските народни умотворби запишани во 19 и 20 век.
Најнапред ќе кажеме дека и во античката митологија најчести се
престорувањата во птици.
Во врска со променливите метаморфози, карактеристична е приказната за
јунакот Пелеј, кој требало да се ожени за нереидата Тетис
(Thetis).
Додека тој ја бркал, таа се престорувала
во разни нешта (птица, дрво, тигрица) за да му избега, но тој не дозволил да
му побегне.
Постои и приказна за престорување на маж во елен. Тоа му се случило на
ловецот Актеон (Actaeon)
затоа што кришум ја видел Артемида како
се капи (Карлос Парада, цит. дело, наслов
Actaeon).
Позната е и приказната за Анаксарета
(Anaxerete)
која го исмеала Ифис
(Iphis)
и заради тоа била престорена во камен.
Овде практично е истиот мотив како кај преданието за бабите, кои биле
скаменети затоа што му се потсмевале на Сечко.
Во врска со престорувањето на мртва материја во човек, во митологијата е
позната приказната за Пигмалион кој толку се вљубил во својата статуа од
слонова коска што Афродита ја оживеала и тој се оженил за статуата.
Воопшто, во античката митологија е забележано престорување на личност во:
птица, бик, змија, река, елен, растение, славеј, мршојад, делфин, риба,
птица-нуркач, дрво, црн камен, царче, стап, камен, водомер, вино, ѕвезда,
извор, штрк, желка, гавран, лебед, овчар, стара жена, пајак, извор вода,
срна, мачка, сова, препелица, дрво, пчела, мечка, личност од спротивниот
пол, мајмун, растение, цвеќе, карпа, коњ, голуб, лебед, сокол, лав, леопард,
коза, пантер, гром, крава, елен, гавран, планина, кучка, вол, клукајдрвец,
глушец, свиња, гуска орел, остров, вода, кит, волк, змеј, мравка и друго
(Карлос Парада, цит. дело, наслов Methamorphoses).
Сигурно дека некои од овие метаморфози, во поголема или во помала мера,
дошле и до фолклорот на Македонците од 19 и 20 век.
(Продолжува)
|