ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Македонската Светителка Злата Мегленска и Преподобна Параскева

ВЕРНАТА ХРИСТОВА НЕВЕСТА И МИЛОСРДНАТА ДЕВОЈКА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Залудни се солзите на нејзините родители и сестри. Злата не заплака, ниту се поколеба во својата прадедовска вера. Се вивна благородната душа на Злата над солзите родителски во прегратките на Господ Исус Христос.
  • Вооружувајќи се храбро, со силна вера и со крсниот знак, одејќи по пустинскиот песок со боси нозе, со искината облека, не плашејќи се од ѕверовите, студот, жештините, гладот, чувствувајќи ја Божјата благодат, Преподобна Параскева се украсила со доблести и го победила ѓаволот.

Света Великомаченица Злата Мегленска! Стројна убава македонска девојка! Кротка, мудра, со мудроста Христова и златна не само по името, но и со срцето златно и богобојажливо.

Св. Великомаченица Злата Мегленска

Родена е во селото Слатина, Мегленско. Нејзината необична убавина била "повод нејзиниот живот да се украси со страдања на Великомаченица". Тамошниот турски великодостојник кога ја видел ретко убавата Злата, решил да ја присвои и да ја потурчи. Дознал дека отишла во планина со некои жени да набере дрва и веднаш со аскерот заминал да ја грабне и да ја одведе во својата куќа. Ја убедувал да премине во исламската вера, ветувајќи и дека ќе се ожени со неа, а во спротивно ќе биде изложена на тешки мачења. Верната Христова Невеста, верна на својата татковината Македонија и на својот народ, храбро го одбила со зборовите: "Јас верувам во Христос и Нему Му се поклонувам и единствено Него го знам за Женик мој; Од Него никогаш нема да се одречам, и да ме ставите на илјада мачења и да ме исечете на ситни парчиња".

МАЧЕНИЦА

Залудни се солзите на нејзините родители и сестри. Злата не заплака, ниту се поколеба во својата прадедовска вера. Се вивна благородната душа на Злата над солзите родителски во прегратките на Господ Исус Христос. Турчинот наредил да ја фрлат в затвор. Три месеци, секој ден, со камшик го ранувале нејзиното тело кое ја натопувало земјата со крв. Од нејзиниот грб ја излупиле кожата во вид на ремени и ги закачиле пред нејзините очи, да ги гледа и да се исплаши. Усвителе железна шипка, па со неа ја прободеле Злата од едното уво до другото. "Чад излегуваше низ носот и устата на Светата Великомаченица", но и силна молитва кон Бога: "Господи Исусе Христе не ме оставај во рацете на нечестивиот и не допуштај да ме совладаат телесните страдања". Турците се изморија изнаоѓајќи разни начини на мачења, но Злата не се измори. Ја обесиле наопаку, со главата надолу, а под неа ложеле оган, за да се загуши од димот. На крај, телото на Злата го обесиле на дрво и го исекле на ситни парчиња. Парчињата од нејзините свети мошти христијаните тајно ги собрале и ги сохраниле на чесно место. Св. Злата пострада за верата православна и за својата татковина во октомври 1795 година. Се слави на 26.10/13.10.

ПОДВИЗИ

Света преподобна Параскева - Петка е родена во градот Епиват во Тракија (родена е во петок и затоа го добила тоа име). Милосрдната девојка поверувала во Христа и се заветила да живее во девство. Заминала на аџилак во Светата Земја каде гледајќи ги Божјите бесмртни дела, решила да живее строг подвижнички живот. Останала во Јорданската пустина каде со молитви кон Бога и пост го истоштила своето тело и го потчинила на духот. "Со испоснички подвизи, постот и молитвите и солзните капки си го изгаснала жарот на страстите, достојнославна Параскево" (дел од тропарот). Вооружувајќи се храбро, со силна вера и со крсниот знак, одејќи по пустинскиот песок со боси нозе, со искината облека, не плашејќи се од ѕверовите, студот, жештините, гладот, чувствувајќи ја Божјата благодат, се украсила со доблести и го победила ѓаволот. "Христос се вселил во неа со Отецот и Светиот Дух и пребивале во неа како во Света Своја Црква". Пред смртта и се јавил Божји ангел и и рекол да се врати во татковината каде ќе го предаде своето тело на земјата, а со душата ќе се пресели кај Господа. Се вратила во Епиват и се упокоила во 11 век. Нејзиното тело било погребано во близина на морскиот брег. Но, подоцна жителите на Епиват на истото место го погребале и распаднатото тело на еден морнар. Св. Петка на сон му се јавила на Христољубивиот Георгие: "Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги изложиш на достојно место, не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп". Со торжествена свеченост, светите мошти на Св. Петка биле откопани и свечено положени во Црквата на Св. апостоли Петар и Павле во Епиват. Во 1238 година биле пренесени во Трново, а подоцна во Романија, Србија и Цариград. Во 1641 година, по барање на молдавскиот војвода Василие Лупул биле пренесени во градот Јаш. И денес чесните мошти на Преп. Петка се наоѓаат во градот Јаш во Романија и се положени во Црквата "Три Свети Ерарси". Илјадници луѓе од целиот свет и низ сите векови се поклонуват на светите, нераспадливи и чудотворни мошти на достојнославната Света Петка.

Нераспадливите мошти на Св. Петка


Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"