СПОРТ

ФУДБАЛ: Сензација: Англија - Македонија 2:2

РЕМИ КАКО МЕВЛЕМ И ПОТТИК ЗА МАК-ФУДБАЛОТ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Средбата едноставно наликуваше на една волшебна ноќ за Македонија. Јунаци на средбата беа сите наши фудбалери, но со добрата игра мораме да го истакнеме Артим Шаќири кој имаше своја вечер и кој постигна еден маестрален гол од корнер со кој го замолкна целиот стадион во Сауттемптон.
  • Мерки за подобрување на работите во репрезентацијата треба да се преземат што побргу затоа што се докажа оти тие се нашите најголеми амбасадори во светот. Веднаш по тоа треба да се посвети внимание и на клупскиот фудбал.

Се случи чудо: Англија - Македонија 2:2, сензација која го возбуди светскиот фудбал, резултат кој покажа дека и ние знаеме да играме фудбал, дека и ние имаме потенцијали. Сензација која го крена на нозе и силно го возбуди македонскиот народ. Радувајте се!

Ваквиот резултат дојде во едно навистина тешко време за македонскиот фудбал, во време кога го потресуваат многу афери, кога се бојкотираат собранија и кога македонските селектори за првпат проговорија за сето она што се случува зад затворените врати на ФСМ. Поради сето тоа, а и поради тоа што македонската репрезентација оствари лоши резултати во претходните квалификациски средби, загрижени и полни со скепса ја испративме нашата селекција на мошне тешкото гостување во Англија, репрезентација која е петта на светската ранг-листа на ФИФА, земја светски првак. Згора на тоа, младиот состав на Македонија беше под голем притисок и поради изјавите на преплатените и препотентните англиски ѕвезди дека Македонија ќе им послужи само како топовска храна.

ЛАВОВСКИ

Меѓутоа, на теренот сликата беше сосема поинаква. Младите македонски фудбалери влегоа лавовски во борба со реномираниот противник. На теренот тие го оставија своето срце, едноставно изгинаа на теренот и со постигнатиот резултат на најубав можен начин покажаа дека не треба пред време да се отпишуваат. Средбата едноставно наликуваше на една волшебна ноќ за Македонија. Јунаци на средбата беа сите наши фудбалери, но со добрата игра мораме да го истакнеме Артим Шаќири кој имаше своја вечер и кој постигна еден маестрален гол од корнер со кој го замолкна целиот стадион во Сауттемптон и го понижи англискиот голман Дејвид Симан. Исто така, треба да се истакне и улогата на селекторот Илиевски кој успеа да ги мотивира фудбалерите, кој ја постави играта доста офанзивно и без никаков респект, така што човек понекогаш можеше со право да се запраша кој е фаворитот на натпреварот.

И додека пристигнуваат честитки од сите страни, додека сите се восхитуваат од нашиот успех, ние треба овој момент да го искористиме како поттик за конечно нашиот фудбал да тргне од една мртва точка каде што и се наоѓа еден подолг временски период. Во најкраток можен рок мораме да се консолидираме и да почнеме да работиме за издигнување на нашиот рејтинг. Но, основен предуслов за еден таков залет е ослободување на нашиот фудбал од секакво политичко влијание. Се покажа дека не е повеќе важно дали на чело на Сојузот е Ламбе или Бузле. Важно е дека се покажа оти имаме таленти и дека со нив треба да се работи. Како приоритети треба да бидат досега најгорливите проблеми. Треба веднаш и транспарентно да се реши статусот на селекторот и репрезентативците, а не како досега за тие работи да се решава инцидентно и според интересите само на одредена група на луѓе.

АМБАСАДОРИ

Мерки за подобрување на работите во репрезентацијата треба да се преземат што побргу затоа што се докажа оти тие се нашите најголеми амбасадори во светот. Веднаш по тоа треба да се посвети внимание и на клупскиот фудбал. Тема која е доста болна и околу која треба да се работи навистина многу. Прво и најважно што треба да се направи е да се заборави на една долго воведена практика во Македонија, а тоа е принципот "на ти - дај ми" со кој досега и не толку скришно се продаваа натпревери се со цел да се задоволат интересите на фудбалските локални моќници. Понатаму, треба под итно да се подобри состојбата со фудбалските терени во Македонија затоа што токму нивната лоша состојба и немањето на помошни игралишта е причина за најголемиот број повреди и откажувања на младите македонски таленти.

И на крајот, како една од итните мерки кои треба да се преземат, е создавање услови за стекнувања на што е можно поголем број на високообразувани тренери со кои ќе се подобри и самиот тренажен процес и многу побрзо ќе се создаваат нови таленти.

Уште еднаш да им честитаме на нашите фудбалери за храбрата и бескомпромисна игра како и за извонредниот резултат кој го постигнаа. Посакуваме да се исполни желбата на Артим Шаќири во следните пет средби да се остварат четири победи и да се најдеме барем во баражот за ЕП 2004 во Португалија. Тоа би било успех со кој навистина сите би се гордееле.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"