Случајот "киднапирани Македонци" на Суд

Полицијата, како што изјави портпаролот на МВР, Воислав Зафировски, имала информации дека Џемалудин Нухиу, алијас командант Џими, и Даут Реџепи, самопрогласениот командант Лека, се киднапери на дел од дванаесетте киднапирани Македонци. Тој потенцирал дека МВР го комплетирала случајот за дванаесетте киднапирани Македонци и го предала во скопскиот Основен суд 1.

Како што неофицијално дознава "Дневник", полицијата пред две недели уапсила четворица Албанци, двајца од Македонија и двајца од Косово, осомничени за случајот "киднапирани Македонци".

Телевизијата "Сител", повикувајќи се на изјава што ја дал еден од уапсените, објави дека пет од дванаесетте киднапирани Македонци биле убиени во август минатата година.

Претседателот на Основниот суд 1 во Скопје, Боро Тасевски, вели дека се проверува изјавата на осомничениот, но не го обелоденува неговиот идентитет.

Македонците и Александар Македонски

"Не сум генетичар, туку патеписец и се обидувам да напишам книга и да одговорам на прашањето: дали светлокожите Авганистанци и Македонците потекнуваат од Александар Македонски" - изјави Метју Лиминг.

Од повеќе причини и мотиви, МАНУ му понуди соработка на Британецот кој една недела ќе собира примероци од ДНК од мажи, Македонци.

Центарот за генетика и антропологија во Лондон ќе склучи договор со македонските научници за соработка со научникот Марк Томас за да се утврди потеклото на наследниците на Александар Македонски.

Сепак, некои работи се нејасни, како на пример зошто нема официјален Проект од Лондон, од каде Лиминг би требало да е испратен и кој е официјален собирач на примероците.

Финансирањето на оваа идеја, според Лиминг, е независно, од доброволни прилози. Собрани се околу дваесет илјади фунти.

Тетовските мајки кај Трајковски

Снежана Стојановска, тетка на убиениот средношколец Ванчо Јосифовски и мајка на ранетиот Небојша Стојановски, со уште две жени од улицата "Благоја Тоска", на која мината недела се случи убиството во Тетово, се сретнаа со Борис Трајковски. Тетовските мајки на Трајковски му дадоа писмо од семејството на загинатиот Јосифовски и слика за спомен, на која Ванчо е со баскет во рацете. Тие ја пренесоа пораката од семејството Јосифовски дека сакаат мир за сите деца во државата и побараа од Трајковски таа порака да ја пренесе до Солана, Буш и Робертсон.

Обвинетиот за "Маврово" бара амнестија

Обвинетиот Ф.Ф. кој се наоѓа во притвор и против кого се води судска постапка поради учество во киднапирањето и малтретирањето на градежните работници на "Маврово", го обжалил решението со кое Основниот суд Скопје 2 го одбил предметот да го амнестира. Ова решение Судот го донел на трети октомври.

Бранителот на обвинетиот, адвокатот Нуман Лимани, во образложението на жалбата вели дека Судот погрешно ги толкувал одредбите на Законот за амнестија.

На Милениумскиот крст му се заканува темница

Потрошената струја за Милениумскиот крст за два месеца, откако е осветен, никој не ја плаќа. Крстот свети секој ден, навремено и без прекини, благодарение на добрата волја и интерен договор меѓу МПЦ и ЕСМ.

Свештените лица од МПЦ, под чии ингеренции се наоѓа Крстот, велат дека досега не ја плаќале струјата за Милениумскиот крст, а според можностите на црковната каса, сметаат дека ќе немаат пари да ги плаќаат и сметките кои ќе пристигнат во иднина. Спасот МПЦ ќе го бара во преговори со властите на Скопје и на државата од кои ќе бара понатамошните трошоци околу светењето на Крстот, кои не се мали, да се префрлат на Буџетот на Градот или државата.

НИП-от се продава во делови

Новите газди на НИП "Нова Македонија" продаваат дел по дел од имотот и од основните средства на новинската куќа. Во петокот, Управниот одбор на "Нова Македонија" донел одлука со која ги огласил за продажба малата четирикатна зграда во која беше сместен маркетингот и една машина "пламак".

Акционерите потенцираат дека за продажба на толку вреден дел од НИП-от, сепак, треба да се консултира и Акционерското собрание кои е свикано дури за 19 ноември, а дотогаш стравуваат дека сето тоа ќе биде продадено.

Трговија со човечки черепи

Бруцоши на Медицинскиот и на Стоматолошкиот факултет тврдат дека поради тоа што на факултетите немало доволно коски, односно вежбовен материјал да се научи испитот по анатомија, секоја година биле принудени да купуваат човечки коски и черепи. Иако знаат дека таквата трговија е забранета, тие објаснуваат дека човечките остатоци ги купуваат од гробари по цена од 25 до 50 евра за череп и по 1.000 денари за која било коска од човечкото тело.

Во Институтот по анатомија на Медицинскиот факултет велат дека остеолошките сали се добро опремени со коски и оти нема потреба студентите да влегуваат во такви незаконски зделки, зашто факултетите редовно купуваат коски од странски држави.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"