евме првата поранешна
југословенска република која го избегна крвавиот виор на војната во
последната деценија од минатиот век, бевме првата држава на Балканот која
доби позитивни оценки од меѓународната заедница за типот на уреденоста на
меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи, бевме првата земја од
поранешната федерација која доби зелено светло за признавање поради високата
оценка за преевропскиот и предемократски Устав кој го имавме. Но, ваквите
вербални сатисфакции за нашиот прв плурален петгодишен труд траеја кратко,
се заситивме од фалбите на светските патници и отеравме се по ѓаволите.
Вториот петгодишен ангажман на нашите политички авантуристи одеше вака:
станавме првата држава од регионот што наместо во Европа ја турнаа во т.н.
Западен Балкан, станавме првата земја на целиот континент која покажа како
се краде без око да ти трепне, дојдовме на чело меѓу постсоцијалистичките
држави по бројот и начинот на фалсификувани избори (парламентарни, локални и
претседателски) и најважно, први и единствени во светот решивме
терористичките групации и првокласни убијци наместо зад решетки во името на
соживотот и човековите права да ги ставиме на угледни позиции во
законодавната и извршната власт. Станавме првата терористичка држава на
планетата под покровителство на истите оние од Брисел и Вашингтон кои
секојдневно атакуваат врз облиците на тероризмот.
СОРАБОТКА СО МОДЕРНИ ФАШИСТИ!
Не, не ги обвинувам социјалдемократите и нивните коалициони партнери за
ова, да не се добие погрешен впечаток. Која партија и да дојдеше на власт
овојпат немаше да куртули од таа опција - ДУИ да и биде партнер во наредниот
четиригодишен период. Но, никако не можат да бидат оправдани ставовите и
постапките на значаен дел од политичко-медиумските сили во земјава дека
поминало времето кога се зборувало за терористи, дека веќе треба да се
престане со таквата реторика, и наместо таквите термини да се употребуваат
изрази и зборови кои на довчерашните егзекутори ќе им дадат поинакво значење
и вредност од минатогодишните. Простете, но се уште оваа земја има луѓе кои
не се папучари, додворувачи и кукавици, луѓе кои со отворено искажаниот став
нема да шират тензии и нема да го нарушуваат уништениот мултиетнички соживот,
туку напротив цврсто ќе застанат против постапките на некои "демократи" кои
практикуваат процес на сестрана соработка со модерните фашисти.
Како таквите литерати ќе ги оквалификуваат лицата што пред десетина дена
атакуваа врз полициската патрола во Тетово, како таквите "умерени струи" во
политичките и медиумските кругови, ќе ги етикетираат убијците на
осумнаесетгодишното момче во истиот град кое со ништо не предизвика
терористичките куршуми да завршат во неговото тело? Зошто ги премолчуваат
ваквите случувања и не ги означуваат со вистинскиот збор кој соодветствува
на делото?
Од друга страна, пак, разбирливи се практичните решенија за ноншалантно
додворување кон албанскиот блок кој сега е застапен во институциите на
системот од две причини: прво, таквите додворувачи не би имале сериски
проблеми со т.н. меѓународна заедница, бидејќи јасни се нејзините позиции и
второ, би се покажала демократската слика на умерените Македонисти што би
повлекло на морална и етичка одговорност од другата албанска страна во
смисла на практикување на искрени демократски методи онака како што имаат
зацртано во програмските определби. Го разбираме сето ова. Но, јавноста се
чувствува загрижена и запоставена и во сите овие решенија гледа некакви
затскриени намери со опасна содржина. Доколку се има сериозен пристап кон
нештата и работите, аргументирано треба да и се објасни процесот. Речиси
сите очекувавме животот по 15 септември постепено да се средува, коцка по
коцка да си доаѓа на своето место во шареноликиот мозаик. Надежите беа
оправдани. По војната доаѓа мирот, по дождот сонцето. Некој ги надува
работите, ги злоупотреби трагедиите и крвта на невините. Почнаат децата да
им солат политика и да им продаваат демократија на возрасните, почнаа
политичарите да ги изведуваат заведените тинејџери пред судските органи,
летаат кривични пријави најмногу по глава на жител во поширокот балкански
регион. Што се случува со нас?
Терористите си ја завршија и овојпат работата онака како што ним им
одговара со сите нишани. Го убија младото момче во Тетово и повторно ги
раскараа Македоцните очите да си ги вадат пред целата светска јавност. Ни
глас, ни пискот од ДУИ, ДПА, ПДП, НДП... Една реченица не пуштија по
медиумите. Тие сеир гледаа, се восхитуваа, ги триеја дланките на своите
закрвавени раце. Наивното Македонче упорно продолжуваше со својот тип на
демократија кој му го копа гробот. Ниту гордост, ниту достоинство. Само
продолжи со одамна започнатиот синдром на самоуништување. Така државата не
јакне, туку напротив - слабее. Ја одвративме од сите европски процеси кои
молчешкум и срамежливо повторно ни се отвораат.
Зошто не знаеме да ја искористиме можноста на позитивното? Власта на
Црвенковски уште на самиот старт од своето второ владеење, со уште
наизгласан кабинет почна да се соочува со натрупани и обременети проблеми
кои како жешки костени ќе бидат тешки за решавање. Евентуалното нивно
разрешување некого ќе го здоболи, силно ќе го повреди.
ВРЕМЕТО ЛЕЧИ?
Случајот со училиштето во Шемшево е најавтентичен и најекспониран случај
последниве недели кој мора да има што поскора завршница доколку се сака
неутрализација на етничките страсти. Но, како? Компромисно решение тука нема.
Или ќе се врати првобитното име на установата "Даме Груев" и ќе се отстрани
бронзениот лик на балистот Јунузи што секако ќе предизвика гнев кај
албанскиот етнос или пак новиот министер за образование Положани ќе
издејствува преименување на училиштето кое сега би го носело името на "заслужниот"
Албанец што би предизвикало нови протести, тензии и немири кај македонското
население. На што е подготвен Црвенковски? Злобните јазици би понудиле уште
едно теориско решение на случајот, онака како што досега се практикуваше
цели десет години. Проблемот да не се чепка воопшто, да се остави да одлежи,
времето да го реши. Исто како што се случи со тетовскиот парауниверзитет за
кој сите беа против, но дозволија да постои и да се развива. Така денес од
ниту еден, имаме два албански универзитета во државата со тенденција и двата
да преминат на буџетот на земјата. Ќе го оставиме ли сега и Јунузи така да
одлежи некоја година во училишниот двор во Шемшево во името на соживотот и
загрозените човекови права, а Македончињата да ги преселат во соседните села
со мнозинско македонско наслеление каде што ќе им го продолжат нивното
образование.
Тивкото етничко чистење на Македонците од тетовско-гостиварскиот крај
продолжува со ненамалено темпо и покрај надградениот македонски Устав, и
покрај заложбата и на претходните и на новите македонски политички гарнитури
да сторат се да ги задоволат аспирациите на најбројното малцинство во
државата. Арачиновскиот случај ни се пресликува.
Создавањето чисто етнички средини како модел на идното уредување на
македонската држава е крајно недопустлив и тој процес мора да се сосече во
корен, уште во зародишот. Политикантите треба да престанат со утописките
проекти за враќање на мултиетничкото општество, да престанат со ставање
парафи и потписи со шпионските невладини организации за враќање на
раселените лица, бидејќи хартијата се трпи. Да престанат да им даваат лажни
надежи на обесправените и протераните од своите вековни огништа. Постојат
сите услови за мултиетничко Тетово, постојат сите услови за мултиетничко
Арачиново. Само ако новата власт сака, а се очекува од неа, УНМИК И КФОР на
Косово сакаат или не, можат да го сторат тоа. Врќањето на Србите, Ромите и
преостанатите секогаш се одложува од безбедносни причини, се остава за
понатаму. Дали и таму времето ќе го реши етничкиот случај, ќе го налегнат
годините и ништо нема да може да се стори? Веројатно. Доколу би било поинаку,
би било и во спротивност со западните интереси на овие простори. Може ли во
Македонија да се случува нешто сосема поинакво од она што е случај во нашето
прво соседство? Аналитичарите јасно тврдат дека кај нас само се пресликува
косовското сценарио и мали се веројатностите да се случи нешто поразлично од
она таму. Плановите за ревизија на балканските граници, чистењето на
пограничните места на тромеѓето меѓу Косово, Македонија и Албанија од
православно население само го надополнува процесот кој е во полн ек и со кој
мудро и трпеливо треба да се справат македонските и српските владејачки
структури. Третата големодржавна творба на Балканот по Хрватска и Србија е
на повидок, но разликата меѓу неа и претходните две е во улогата и
позицијата на меѓународната заедница по тоа прашање. Не треба да дозволиме
како мал дел на балканскиот простор да дадеме повод за остварување на
таквите шовинистички и расистички амбиции, бидејќи со тој повод противникот
и ентузијастите многу полесно ќе дотуркаат до целта. Преголемата
толерантност и дефанзивност и понизната послушност пред перверзниот
меѓународен фактор со различни погледи по нашето опстојување треба да се
заменат со сопствени погледи, ставови, со сопствени проекти и решенија за
зачувување на нашиот кредибилитет и опстој. Отсуството на национална и
државна стратегија и немањето корпус на луѓе кои ќе ги спроведат нив ја
загрозува дополнително ситуацијата во која се наоѓаме. Само привидното
решавање на состојбите ќе изроди нови проблематики по истите доколку бидат
килаво решени. Македонската интелектуална свест се разбуди. Но, будноста не
е доволна. Треба да се работи за да не дозволиме некој да не сработи.