Системските промени во
високото образование, односно на нашиот Универзитет, особено беа
интензивирани по донесувањето на Законот за високото образование. Овој
значаен Закон го поттикна остварувањето на новиот концепт на високото
образование, кој кореспондира со развиените високообразовни системи.
Системските промени на Универзитетот глобално ги опфаќаат следниве главни
аспекти: создавање современа регулатива со која на нов начин се регулираат
односите на Универзитетот и факултетите во сите домени од нивното работење;
воспоставување нови правила за студирање со кои студентот се поместува во
центарот на основната дејност; изградување концепт за современ начин на
студирање со воведување кредит трансфер - систем; спроведување систем на
оценка и обезбедување квалитет во високото образование со самоевалуација и
евалуација на квалитетот на дејноста и академскиот кадар на Универзитетот;
интензивирање на активностите за вклучување во меѓународни програми и
проекти во правец на европеизација на високото образование и слично.
МС: Упативте порака до новата влада да има пореалистичен пристап во
образованието. Што поконкретно со тоа мислевте?
АНЧЕВСКИ: Определба на Универзитетот е да ја зголемува ефикасноста на
своите односи со општественото и економско опкружување, а во тие рамки и со
Владата на Република Македонија. За жал, во изминатиот период ресорното
Министерство се обидуваше да ја маргинализира улогата на Универзитетот.
Оттаму, не само што очекувам плодотворна соработка со Министерството за
образование и наука, туку очекувам дека новата Влада ќе помогне
Универзитетот да јакне и ќе создава услови тој се повеќе да се остварува
како носител и учесник во новите процеси во државата.
МС: Кои беа клучните проблеми со сега веќе екс-министерот за образование,
Ненад Новковски?
АНЧЕВСКИ: Несогласувањата помеѓу Универзитетот и Министерството за
образование и наука, конкретно со екс-министерот Новковски, за жал, траеја
подолго време. Всушност, тие започнаа веднаш со имплементацијата на Законот
за високото образование, и тоа во делот на уписната политика, продолжија во
делот на финансирањето на високообразовната дејност и (не)конституирањето на
новите органи во доменот на високото образование, а кулминација достигнаа со
Предлогот за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за
високото образование. Бевме сведоци на една апсурдна ситуација што се
случуваше во универзитетската заедница, ако се знае дека Република
Македонија, од земјите во транзиција, иако меѓу првите обезбеди уставно
загарантирана автономија на Универзитетот, последна по десетина години
донесе Закон за високото образование. Уште повеќе, ако се има предвид дека
овој Закон, кој ги мина сите фази потребни за неговото донесување, доби
целосна поддршка и висока оценка од соодветните органи на Советот на Европа
и по кој се оствари широка јавна расправа на целиот Универзитет. Уште
поголем апсурд беше што, практично, уште во првата година од неговата
реализација, фактички пред да заживее и да ги покаже своите ефекти,
министерот за образование и наука предлагаше тој да се измени во неговите
клучни делови, без никаква поширока расправа и, што е најважно, без учество
на Универзитетот.
Оттука, јасно е за каква релација на односи стануваше збор. Тоа беше обид
Универзитетот и неговите институции да не учествуваат во градењето на
стратегијата за развој на високообразовната дејност на Република Македонија,
за одземање на елементарното право на автономија на Универзитетот, односно
тој да учествува во програмирањето на развојот на високото образование,
науката и севкупниот развој на општеството пошироко. Одземањето на ова право
ќе значеше Универзитетот да се сведе на обична институција, испразнета од
вредностите што ги поседува еден современ автономен универзитет. Тоа, пак,
значеше рушење на основните принципи на неговото функционирање, рушење на
основната уставна одредба на која тој треба да почива.
ФАЛСИФИКАТИ
МС: Се соочивте со скандалот фалсификувани дипломи. Дали е сеопфатна
содржината на Правилникот со кој се третираат лажните дипломи?
АНЧЕВСКИ: Не знам на кој правилник мислите. Ако станува збор за
Правилникот за условите и постапката за одземање на издадена диплома утврден
од Ректорската управа, а кој треба да го донесе Универзитетскиот сенат, тој
се однесува на дипломи издадени од нашиот Универзитет. Што се однесува до
дипломите кои доаѓаат од факултети и универзитети надвор од нашата држава,
факултетите навреме реагираа за појава на фалсификувани дипломи и ова
прашање се наоѓа пред надлежните органи во државата.
МС: Ректорската управа реши да направи целосна ревизија на дипломите
стекнати во странство уште од 2000 година. До каде е постапката со
ревизијата? За лажните дипломи исто така постои процедура. За нив се
известуваат во Министерството за образование и наука, МВР и јавниот
обвинител, кои со посебна одлука ја утврдуваат валидноста на дипломите. Дали
сметате дека наведената постапка во целост ја опфаќа наведената проблематика?
И во тој контекст, Универзитетот неодамна поднесе иницијатива до Уставниот
суд за поведување за оценка на уставноста на ратификуваните спогодби со
Албанија и со Бугарија со барање за нивно поништување. Коментар?
АНЧЕВСКИ:Со оглед на тоа дека на факултетите на нашиот Универзитет се
поднесувани дипломи со барање за нивно признавање и притоа е воочено дека
постои појава на фалсификувани дипломи, Ректорската управа донесе заклучок
факултетите и научните институти да ги достават до Универзитетот следниве
податоци: список на побарани и доставени стручни мислења (предлог) за
признавање на високообразовни квалификации стекнати во странство или дел од
високообразовни студии поминати во странство, со составот на комисиите на
чиј предлог е извршено признавањето, име и презиме на барателот за
признавање, видот на стручната подготовка, називот на универзитетот и
државата, дали дипломата е издадена од јавна или од приватна високообразовна
установа и дали установата е призната од компетентни органи во матичната
земја за издавање дипломи и свидетелства, како и содржината на предлогот;
список на дипломи со горенаведените податоци за кои факултетот, односно
институтот добил известување од универзитет во странство дека дипломите за
кои е побарано признавње не се издадени од тој универзитет, односно од
универзитет означен во дипломата. Исто така, во врска со актуелните проблеми
настанати со нострификацијата на дипломи стекнати во странство, од страна на
Универзитетот е покрената иницијатива пред Уставниот суд за оценка на
усогласеноста со Уставот на Република Македонија на Спогодбата меѓу Владата
на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за взаемно
признавање на документи за образование и за научни степени и на Спогодбата
на Владата на Република Македонија и Владата на Република Албанија за
соработка во областа на образованието и науката, чија примена ја доведува во
прашање еднаквоста на граѓаните од Република Македонија пред законите.
Сакам да нагласам дека единствено Универзитетот е стручен да утврдува
дали се исполнети условите за признавање на дипломи за стекнато високо
образование, магистратура или докторат, а не во постапка и на начин како што
е утврдено во ратификуваните спогодби, односно како што се спроведува во
практиката, со признавање по автоматизам. За целосно расветлување и
разрешување на настанатите проблеми, Ректорската управа заклучи и од
Министерството за образование и наука да се побараат потребни податоци и
тоа: список на признати дипломи стекнати во странство или на дел од
високообразовни студии поминати во странство од стапувањето во сила на
Законот за високото образовнаие, со име и презиме на лицата, видот на
стручната подготовка, називот на универзитетот и државата со забелешка дали
дипломата е издадена од јавна или од приватна високообразовна установа, и
дали установата е призната од компетентни органи во матичната земја за
издавање дипломи и свидетелства, како и содржината на одлуката за
признавањето; список на признати дипломи стекнати во странство со
горенаведените податоци според ратификуваните спогодби за соработка во
образованието со Република Бугарија и Република Албанија.
МС: На што се должи скандалот со лажните дипломи гледано од Ваш аспект?
АНЧЕВСКИ: Зарем треба да се одговори на ова прашање? Појавата на
лажни дипломи од странство ги девалвираат универзитетите во Република
Македонија, ги навредуваат нашите студенти, па дури и Република Македонија
како држава. Таквите појави треба најжестоко да се санкционираат и сите лица
инволвирани во нив треба да ја понесат одговорноста.
МС: Можете ли попрецизно да ни посочите кои луѓе од актуелните политичари
беа инволвирани во споменатиот скандал?
АНЧЕВСКИ: Не би сакал да правам никакви инсинуации дека некој од
политиката е вовлечен во оваа појава. Тоа, секако, е предмет на испитување
на надлежните органи во државата.
КОНКУРЕНЦИЈА
МС: Ваше гледиште за атрактивноста на Штуловиот универзитет во Тетово и
дали го сметате за конкуренција?
АНЧЕВСКИ: Нашиот Универзитет претставува институција од отворен
карактер, со развиен систем на богата меѓууниверзитетска соработка.
Новоформираниот Југоисточен универзитет на Европа е прв приватен Универзитет
во нашата земја, чие основање е во согласност со Законот за високото
образование. Тој е конципиран според современите европски модели на
универзитети и е акредитиран за вршење на својата дејност. Со оглед на тоа
дека овој Универзитет е на почетокот на својата дејност, не може да се
зборува за степенот на неговата атрактивност. За тоа може да стане збор по
завршувањето на првите генерации запишани на овој Универзитет. Инаку, со
овој Универзитет веќе се воспоставени првите контакти и тој ќе биде
рамноправен член во Интеруниверзитетската конференција на Република
Македонија. Впрочем, и конкуренцијата на меѓународниот пазар на трудот е
поттик за натамошно зголемување на квалитетот во високото образование и е
една од претпоставките за вкупниот развој на државата.
МС: Која и каква е перспективата на новите бруцоши, идни академски
граѓани?
АНЧЕВСКИ: Што се однесува до перспективите на новите бруцоши, јас и
во пораката до нив на нивниот прв академски ден, нагласив дека нашиот
Универзитет е цврсто определен за создавање европски простор во високото
образование, односно за Европа на знаење, како интегративен фактор за
остварување на заеднички социјален и човечки развој. Ние сме цврсто
определени да станеме дел од таквиот европски простор на знаење.
Оттаму и основната идеја на промените е да го поставиме студентот како
субјект во центарот на наставно-образовниот процес, а тоа значи да направиме
пресврт кој може да се искаже како ориентација за преобразба на образовниот
процес од давање, претежно, позитивистички знаења, во процес на перманентно
учење, воведување нова технологија на стекнување знаење - како да се
стекнува знаење како индивидуална потреба на студентот, како приод низ кој
ќе се поттикнува одржување постојана волја на студентот за учење во текот на
студирањето и во целиот свој работен век, како процес на развивање на
креативните елементи на студентот - личност, кому му е наменето
образованието, но флексибилно образование, приспособливо на неговите
потреби, лични способности и амбиции. Токму затоа, централната улога ќе ја
има студентот - личност која ќе добива стручни, научни и општокултурни
вредности, оспособена со креативност со која ќе може, како индивидуа, да
влезе во отворениот европски простор. Наша обврска е да го ставиме целиот
наш потенцијал за остварување на таквите стремежи на нашите студенти.
МС: Што мислите за средношколските протести и немилите последици, кога
токму лидерот и организаторот на истите е студент на скопскиот Универзитет?
АНЧЕВСКИ: Александар Николовски, којшто е лидер на средношколците,
уште кога беше избран на таа функција, мене ми беше нејасно зошто има две
средношколски унии и која е вистинската. Секогаш сум бил за тоа студентите
да бидат единствени, а аналогно на тоа и средношколците. Прво, многу ми е
чудно студент да биде лидер на средношколците. Јас не го познавам Статутот
на Средношколската унија, но сепак ако Николовски е легално избран, со
неговото запишување на нашиот Универзитет и добивање статус на студент, тој
би требало да се огради од својата лидерска функција на Средношколската
унија. Не би сакал ни да ги споменувам немилите сцени како последица на
средношколските протести. Тоа што се случи во Тетово навистина беше
скандалозно, но сепак сум за мирни, достоинствени протести. Едни инциденти
провоцираат нови и сето тоа води до бесконечност.
МС: Се шпекулира дека Универзитетот "Свети Кирил и Методиј" е поврзан и
има соработка со приватниот ММ Колеџ во Скопје. Има ли вистина во тоа?
АНЧЕВСКИ: За ММ Колеџот не знам многу повеќе од вас. За споменатиот
Колеџ информиран сум единствено од дневниот печат. Сметам дека тоа во
моментов е нелегална институција којашто нема добиено акредитација за
работа, а со самото тоа не би требало да ја врши дејноста како
високообразовна институција. Во врска со прашањето за тоа дека нашиот
Универзитет е индиректно инволвиран во оваа работа, одговорно можам да кажам
дека Ректоратот нема никаква информација, ниту документ, ниту договор за
соработка. По се изгледа дека е точно оти некои професори од Универзитетот
"Свети Кирил и Методиј" се инволвирани во работата на ММ Колеџот,
претпоставувам од лични причини и интереси.