ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

ПРАТЕНИЦИ, ПРСТОТ НА УМОТ!

Гог ма Гог

Никогаш досега македонскиот Парламент немал толкава одговорност каква што ја има овој состав од пратеници, народни избраници - денес... Првиот беше составен од "романтичари, поети и птичари"; Вториот од "навивачи" перцани со инекција на лажен оптимизам; Третиот од "весели староградски мангупи" кои како што стои во песните, своите најубави денови и утра ги поминуваа навечер!

А, четвртиот? Ќе видиме, иако не е на одмет да предупредиме, најмногу на почетокот, а најмалку на крајот, оти после се може да биде доцна.

Обично безличните политичари, без срам и перде, се најдобрите произведувачи на кавги. Им треба само малку простор и повеќе глупост да можат да ја постигнат целта. Тие обично дејствуваат како - завршница... Го гарнираат ручекот на газдата со погрешен зачин и му го расипуваат вкусот.

Новиот состав на македонскиот Парламент има само една и најглавна задача: да ја симне конечно идеолошката гардероба и да се преслече во секојдневни алишта на слободниот пазар. Тука безмилосно треба да се водат сите битки за Македонија да ја добие војната за Европа... Иако на "бојното поле" уште од сега се најавува дека ќе има и национализам "координиран" со тероризам и непотизам "галваниран" со идиотизам.

Чудо некое како Македонија молчи за најлошата инвестиција која секој ден го онерасположува овој народ, пласирајќи му партиски вести, режимски коментари и лоша новинарско-потрошувачка услуга, оти МВР не е повеќе јавен сервис, туку јавна работилница за однапред порачани - марифетлаци!

Ми раскажуваат - додека Љубчо беше на власт, никогаш не го гледал дневникот на "неговата" телевизија, оти пред време ја знаел содржината. А, ми тврдат, додека беше опозиција, трчаше од митинзите право пред екраните да види тоа што не знае што ќе види!

Бранко има некое искуство, и тоа треба да го искористи да не ја повтори и тој грешката од 1994. Македонската телевизија нема зошто да ја контролира Управен одбор составен од Парламентот, како што ич не е потребно претседателот Никола Поповски да бере гајле кого за директор на МРТВ да го постави.

Има во светот, умниот свет, регулативи што ја прават "оваа материја" - прифатлива. Директорот на МРТВ не смее во никој случај да биде како оној кавгаџиски уредник кој на влезот во неговата канцеларија напишал: "Вест е она што јас велам дека е вест". Еднаш да се појавеше во јавноста (со исклучок на Охридскиот маратон) оној Јакимовски кој четири ТВ директорски години ги потроши безлично и да и кажеше на својата ТВ публика барем еден утешен збор зошто е така како што не треба да биде.

Но, Јакимовски не е виновен, ни апсолутно, ни релативно: таков директор сакаше Премиерот, и таков си постави, какви што постави и во другите градови од државата, на локалните ТВ и радија, дури и без образование, но со нескриена партиско-војничка припадност. И ден денес се раскажува анегдотата со "малиот ТВ диктатор" во еден град, на којшто на врвот од устата му била реченицата: "Јас сум партиски војник, па потоа директор!?".

Избраниците на народот, славните пратеници во Македонија, време е да дојдат до уште едно сознание - дека гласачките ливчиња не им паднаа од небо, а гласачите не ги овластија со се да се служат и за се да одлучуваат... Има само на народот како колектив, никако како - поединец.

Ќе биде тешко, тоа и врапчињата на олуците го џвакаат, меѓутоа нема тешкотија што не може да се - премости... Затоа, прстот на умот, пратеници!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"