епублика Македонија живее во
правен, просторен, политички и умствен вакум. Земјава е во конфузија. Владее
недовербата, а притоа секој чека шанса да избега, да испари од земјава оти
се чувствува стеснет и исплашен за својата судбина. Политичарите дозволија
да живееме на штрек, а подметнатите бомби и експлозивни направи се наша
секојдневица. За куршумите и да не зборуваме оти станаа инсекти за нашето
уво, кое веќе е навикнато од нивното зуење.
Се наметнува прашањето дали повеќе може да се живее со опасноста која што
демне на секој чекор? Или, ќе воведеме ли конечно контрола врз лошата
безбедносна ситуација во Македонија? Очигледно ќе биде тешко. Потешко
здравје!
Реалноста не предупредува дека мора внимателно и на прсти да се движиме
по сопствената земја. Мораме да бидеме сенки на сопствената стварност. На
секоја педа земја има експлозив, пешадиски мини или скриени пушки. Тие го
направија својот толку посакуван ефект - стравот и ужасот. Во Македонија е
опасно да се живее. Но, е и храброст да се умее да се преживее во овие
услови за живот. Сполај му на Господа што се уште не не заборавил, та не
оставил во овие маки да се снаоѓаме. Да се тетеравиме се додека некој не не
кутне на земја.
Рашомонијадата по улиците, по тротоарите, продолжува. Последната
подметната експлозивна направа што го разнесе автомобилот на
паркинг-просторот пред стоковната куќа "Илинден" во Скопје, укажува дека
работите бегаат од контрола. Во овој правен, безбедносен и политички
меѓупростор, во ова "глуво доба", се случија многу лоши и жалосни работи.
Можеби нема ранети, но утре којзнае што ќе се случи. Сегашните резултати се
познати. Експлозијата го разнесе пикап возилото "фолксваген-кади", но оштети
уште три други автомобили паркирани во непосредна близина. Првичната истрага
покажа дека разнесеното возило е сопственост на скопјанецот Музафер Харуни,
член на Националната демократска партија, чиј претседател е Кастриот
Хаџиреџа. Од полицијата велат дека Харуни бил командант во ОНА за време на
воените дејствија во Македонија. Неговиот псевдоним бил Цапи.
Џезаир Шакири, алијас командант Хоџа, негов соборец и пратеник од НДП, за
весникот "Глобал" изјави дека нападот е дело на актуелната власт која е во
заминување. Без разлика која и да е политичка гарнитура на власт, сепак е
битен нарачателот и резултатот што сакал да го постигне. Оваа војна на
нервите нема толку долго и млако да трае. Таа не е петарда, туку опасна игра
на националшовинистите кои се кријат зад егзекуторите и бомбашите. Ова е
специјална војна која нема крај, туку се наоѓа на почеток од сопствениот
почетокот. Потоа следуваат други диверзии, убиства, киднапирања и на крај
доаѓа општиот хаос.
КУКАВИЧКО ЛИЦЕ
Често пати странците, нашите донатори, доброосмислените истренирани
душегрижници и провокатори, не прашуваат како успеавме да преживееме.
Очигледно им ги помативме сметките. Испадна дека сме многу пожилави отколку
што мислеа. Сепак, успеаја со едната нога живи да не закопаат. За тоа
сведочат жртвите, претепаните Македонци и Албанци. Подебелиот крај го
извлекоа обичните граѓани. Од убиството на Ванчо Јосифовски до дивеењето на
средношколците Македонци, кои претходно континуирано го кркаат стапот од
младите Албанци - се е поврзано. Се е јасно како солза. Јавашлукот е
поддржан од политичарите и вжештените глави. Егзекуторите на матурантот
кукавички го покажаа сопственото лице и затоа сега се наоѓаат во бегство.
Според полицијата, четворица тетовци, поранешни припадници на расформираната
ОНА, се осомничени како убијци на средношколецот Ванчо Јосифовски и за обид
за убиство на уште двајца малолетници. Истите извори велат дека двајца од
осомничените убијци веќе се наоѓаат на Косово, а другите двајца се во
Италија.
Според информацијата на полицијата, осомничени се Џемалудин Нухија, алиас
командант Џими од тетовското село Ѓермо, за кого безбедносните структури
имале информации дека пукал во децата на кошаркарското игралиште. Меѓу
осомничените се и Шериф Идризи, кој бил во автомобилот од кој е пукано, како
и Мухамед Рамадани, двајцата од тетовската населба Дреновец. Четвртиот
осомничен убиец е Бурхамедин Нухија од селото Порој, сопственик на
чајџилница во населбата Дреновец. Тој го возел автомобилот од кој било
извршено подмолното убиство.
Според МВР, Џемалудин Нухија учествувал и во нападот на полициската
станица во Теарце минатата година, а заедно со Идризи се осомничени и за
учество во киднапирањето на дванаесетте исчезнати Македонци. Покрај овие
тешки кривични дела, МВР тврди дека располага и со информации дека
екс-командантот на ОНА измачувал цивили од албанска националност кои за
време на минатогодишниот воен конфликт во земјава соработувале со
македонските државни органи. Како иницијатор на одмаздничкиот крвав масакр
во Тетово, полицијата го сомничи Мухамед Рамадани, кој е брат на едно од
момчињата Албанци повредено во престрелката со полицијата, која се случи
еден ден претходно. Заедничко за сите четворица осомничени убијци е тоа што
биле припадници на 112 бригада на таканаречената ОНА, која беше под директна
команда на Али Ахмети.
НАМЕНСКИ ЛИДЕР
Семејството на убиениот матурант од Тетово, Јосифовски, изрази огорченост
од односот на претседателот Борис Трајковски и од идниот премиер Бранко
Црвенковски затоа што "не нашле време да ја споделат болката со нив".
Чичкото на убиениот средношколец, Крсто Јосифовски, ја врати телеграмата на
Трајковски, која ја оцени како задоцнета. Тој на прес-конференцијата што се
одржа на истото место каде што подмолно беше убиен неговиот внук ги повика
сите одговорни луѓе од невино згаснатиот живот на Ванчо да научат што е
љубов, а им упати и порака на политичарите. Политичарите треба да ги
симнат маските. Му сервиравте на целиот свет дека оружјето е собрано, а
нашите деца гинат со топка в рака, потенцира Крсто. Со длабока жал и со
резигнација тој рече дека им ја подарува семејната куќа на македонските
водачи или за амбасада на некоја моќна држава. Нека живеат тука и нека
гледаат споменик на 10 метри од себе, а ние ќе живееме на улица, рече
Јосифовски. Мајките што живеат во реонот на стариот Градски стадион во
Тетово упатија петиција и отворено писмо до претседателот Борис Трајковски.
Тие бараат да се сретнат со него за да го запознат со состојбите во тој
регион. Го упатуваме ова писмо до Вас - како човек кој според Уставот на
земјава има можности, право и обврска да не заштити - да сторите се што е
потребно за и нам, на Македонците од Тетово, да ни овозможите мирен и
безбеден живот, се наведува во писмото.
Мајките му пишуваат на Претседателот дека Ванчо го познавале сите и оти
бил убиен само затоа што бил Македонец. Во писмото, кое е потпишано од 309
мајки, се истакнува дека тие се загрижени и уплашени и оти веќе немаат кому
да му се обратат и кому да му веруваат.
Сакаме да ве известиме дека одамна нашите деца ги испраќаме до училиште и
ги пречекуваме да се вратат, а од неодамна, се плашиме да ги пуштиме сами и
на улица, пред нашите дворови, пишува во обраќањето до шефот на државата,
со кое тетовските мајки бараат Трајковски да прими нивна делегација.
Улогата на претседателот Трајковски за време на ланската криза и потоа, е
многу дискутабилна. Таа покажа дека е лош лидер, или наменски добро поставен
пион кој мошне дилетантски се однесува со македонските национални интереси.
Секогаш кога нешто лошо се случува во Македонија Трајковски постојано се
наоѓа на службен пат, во странство. Така беше за време на формирањето на
Кумановскиот фронт, така беше кога беше убиен Јосифовски во Тетово. Тој беше
во Бејрут, а нему во Тетово му се случува Бејрут. Секој умен државник во
ваков случај би се вратил во земјата и по куса постапка би расчистил со
тероризмот и опасноста од него. Но, ваквите принципи на владеење кои се
својствени само за големите државници, вклучувајќи го Буш како пример по
септемвриските настани и Путин по терористичката криза во театарот Дубровка,
за него не се. Тој живее за другите, не за сопствениот македонски народ. За
кого живее и владее во Република Македонија "граѓанинот Борис"?!