овеќе од петнаесет месеци надвор
од своите домови, во простор не поголем од три квадратни метри, со еднолична
храна и заборавени од сите, и оваа зима протераните Македонци ќе ја
оплакуваат својата судбина.
Војната нанесе многу зло. Злото, покрај другите, на своја кожа го
чувствуваат протераните, внатрешно раселени лица, сместени по прифатните
центри во земјава. Во такви "крпени" услови се родија десетина бебиња и
починаа неколку лица. Избркани, напуштени, заборавени, несреќни и нервозни
би бил нивниот соодветен опис. Погледите на овие унесреќени луѓе се вперени
во новата влада која, за разлика од претходната, се надеваат дека ќе има
повеќе разбирање за нив и нивните маки и проблеми. Но, зимата се наближува.
Во прифатните центри греењето е слабо, топла вода ретко има, а храната и
покрај тоа што е еднолична, ја снемува.
Едно останува сигурно и јасно - оваа зима повторно нема да бидат на
своите родни огништа, а дури на пролет како птиците преселници можеби ќе се
вратат во своите домови, ако од нив се уште нешто останало.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
Раселените ќе останат гладни ако државата не ги плати трошоците за
нивното сместување и преживување - е најновиот бран главоболки кој ги
засегна паталците од западниот дел на државава, избркани од терористите.
Директорите на колективните центри велат дека државата четири месеци не
платила за издржување на раселените, поради што се принудени да им ја
запираат исхраната. Ако државата итно не префрли пари на сметките на
колективните центри за сместување, ќе се преземат остри мерки,
предупредуваат директорите на сместувалиштата. Тие велат дека ќе ја запираат
храната за раселените оти Министерството за финансии повеќе од четири месеци
не им дало ниту денар од парите наменети за издржување на тие лица. Според
нив, станува збор за околу 60 милиони денари. Кабинетот на екс-министерот за
финансии, Никола Груевски, ги демантираше тие обвинувања.
Не е точно дека има застој од четири месеци во исплатата на трошоците за
раселените. Сите обврски редовно се извршуваа во согласност со одобрениот
буџет за таа намена. Министерството ќе продолжи да ги извршува обврските кон
колективните центри, се вели во соопштението од кабинетот на Груевски.
Директорите на колективните центри и натаму имаат поплаки. Според нив, ќе
мора да се затворат мензите за раселените лица. Тоа е резултат на
финансиската немоќ. Тоа биле, како што велат, огромни загуби за нив.
Во секој момент очекуваме да ја исклучат и струјата во центрите, оти не
сме платиле, изјави Димче Цветковски, претседател на заедницата на
колективните центри. Тие обвинуваат дека министерствата за труд и социјала и
за финансии не се придржуваат на договорот. Сите трошоци на раселените
треба да ги плаќа државата. Владата ја утврди цената од 400 денари по човек,
пари за кои им овозможуваме цел хотелски пансион. Доведени сме пред свршен
чин. Храната ја набавуваме со заеми и на вересија, но и фирмите со кои
соработуваме почнаа да негодуваат, потенцираше Мире Јовановски, директор
на угостителската организација "Бисерка", во која влегуваат кумановските
хотели "Кристал" и "Куба", каде што се сместени раселените од Куманово.
ПОСЕТА
Старо-новиот министер за одбрана, Владо Бучковски, се сети на
страдалниците по прифатните центри и ги посети протераните од кумановскиот
регион согледувајќи ги условите во кои живеат, проблемите со кои се
соочуваат и желбата што поскоро да се вратат на своите огништа. Бучковски се
сретна и со градоначалникот на Липково, при што не се чувствувал пријатно
оти го немало истакнато македонското знаме. Можеме само да претпоставиме
како се чувствуваат протераните Македонци при самата помисла каде, кога и во
какви услови треба да се вратат?
Новата влада нема со сила да ги тера раселените кумановци да се вратат во
домовите, но со сите сили ќе создава услови за тоа, изјави Владо
Бучковски по посетата на протераните во хотелот "Кристал" и "Куба". При
средбата со раселените кумановци тој рече дека ако не успее нив да ги вратат
во Општина Липково "регионот ќе биде етнички исчистен". Ако се откажеме
од Липково исто како да сме се откажале од државата. Новата Влада нема да ве
тера со сила да се вратите во домовите, но со сите сили ќе создава услови за
тоа, рече Бучковски при вчерашната средба со раселените лица сместени во
прифатилиштата "Кристал" и "Куба". Дали она што го кажува и ветува идниот
министер Бучковски се само празни зборови или реална надеж работите да се
вратат на нормалата кога барем само протераните Македонци се во прашање, е
под голем знак прашалник! Раселените Македонци, пак, на Бучковски отворено
му кажаа дека тешка е веројатноста за соживот со Албанците во
Кумановско-липковскиот регион и дека Матејче е за навек избришано за нив.
При посетата кај раселените кумановци, Бучковски се увери во лошите услови
за живот во прифатните центри "Кристал" и "Куба". Живеете во нечовечки и
во нехумани услови. Ќе се заложам да ви најдеме нови привремени
сместувалишта, им рече тој на раселените.
Дали и колку му поверуваа протераните Македонци може само да се
претпостави, но дали им преостанува нешто друго освен вербата и недежта за
подобри времиња?! Бучковски се сретна и со градоначалникот на Општина
Липково, Хусамедин Халили. По средбата двајцата изјавија дека најважен услов
за враќање на раселените е изградба на соживот со локалното албанско
население, а тоа ќе се реализира преку постојани меѓусебни средби. Халили
истакна дека ќе се заложи за спречување на екстремизмот кај поединциАлбанци
од Липково. По средбата со градоначалникот на Липково, Бучковски рече дека "не
се чувствувал пријатно во отсуство на македонското знаме". Халили, пак,
нагласи дека одговорот за проблемот со македонското знаме треба да се бара
кај ДУИ и кај новата власт. На средбата не станало збор за собирање на
нелегалното оружје, но идниот министер за одбрана рече дека тоа ќе биде
приоритет за новата Влада.
Надежта е единственото нешто што со сигурност ќе ги топли протераните
Македонци кои и зимава ќе зимуваат во колективните центри. Новородените
бебиња можеби своите први чекори ќе ги остварат токму на татковото огниште.
Останува вербата во очите на нивните родители.
Според информациите на Црвениот крст на Република Македонија, вкупно има
9.013 раселени лица сместени во прифатни центри или во домаќинства. Во
колективните центри во скопскиот регион сместени се вкупно 1.780 лица,
додека во кумановскиот регион има 407, односно вкупната бројка на протерани
сместени во прифатилишта изнесува 2.187 или 712 семејства. Најголем број
протерани Македонци се сместени во студентскиот дом "Стив Наумов" во Скопје.
Програмата за деминирање, раководена од Европската агенција за
реконструкција, продолжува со дополнително одобрените 1,9 милиони евра од
Европската унија во подрачјето на Тетово, вклучувајќи ја и Радуша и во
регионот на Танушевци - Липково.