ПОЛИТИКА

Конечно започнува најсложената статистичка операција во Македонија

ПОПИСОТ МЕЃУ ПАРИТЕ И ПОЛИТИКАТА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Организационите подготовки се финиширани, а во овој процес се вклучени голем број лица. Тој ќе се спроведува во 39 пописни реони во кои се избрани членовите на Реонските пописни комиси. Во нив членуваат од пет до петнаесет лица што се задолжени за следење и прибирање на податоците од теренот. Во текот на подготовките беа одбрани 120 државни инструктори кои беа обучени од стручен тим на Државниот завод за статистика. Подоцна по пат на тестирања беа избрани и реонските инструктори и попишувачите. Во тој процес беа одбрани 9.012 попишувачи и 778 реонски инструктори.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија се спроведува под будното око на домашната и странската јавност. Неговата реализација, која на неколку пати беше одложувана од објективни и од политичко-безбедносни причини, конечно тргнува од нултата точка.

Меѓутоа, Пописот и натаму е под голем притисок на политичките фактори кои продонесоа албанското население во последнава деценија на разни начини да го бојкотира попишувањето. Затоа оваа најсложена и најспецифична демографска операција не може да се откачи од "детските болести" и постојано се наоѓа на удар на дневно-политичките интереси.

БЕЏОВИ И ОВЛАСТУВАЊА

Конечно, по низата перипетии, завршија подготвителните активности што ги спроведуваше Државниот завод за статистика. Во Заводот велат дека целосно се подготвени да го спроведат Пописот.

Пописот на населението, становите и домаќинствата во Република Македонија е најобемна и најскапата статистичка операција што од 1 до 15 ноември ќе се врши во земјава, вели Ајрија Чаушоска, заменик на претседателот на Бирото за Попис и раководител на Секторот за социјални статистики при Државниот завод за статистика.

Организационите подготовки се финиширани, а во овој процес се вклучени голем број лица. Тој ќе се спроведува во 39 пописни реони во кои се избрани членовите на Реонските пописни комиси. Во нив членуваат од пет до петнаесет лица што се задолжени за следење и прибирање на податоците од теренот. Во текот на подготовките беа одбрани 120 државни инструктори кои беа обучени од стручен тим на Државниот завод за статистика. Подоцна по пат на тестирања беа избрани и реонските инструктори и попишувачите. Во тој процес беа одбрани 9.012 попишувачи и 778 реонски инструктори. Реонските инструктори во периодот од 17 до 19 октомври беа обучени од страна на државните инструктори, а подоцна истиот тренажен процес беше применет и врз попишувачите, директните учесници во Пописот, истакнува Чаушоска.

Таа вели дека за успешно реализирање на Пописот тој мора да ги мине сите зацртани активности што се делат на неколку фази.

Првата фаза се подготовките кои се финиширани, а втората ќе се одвива на терен, односно ќе се прибираат податоци за бројот на население, домаќинствата и становите. Во третата фаза овие информации ќе се обработуваат, а подоцна за нив ќе се даде одредена оценка која ќе се добие по пат на анализа на податоците. Во последниот дел се врши десиминација, објаснува Чаушоска.

Сметаме дека првата фаза успешно е реализирана со помош на залагањето на Државниот завод за статистика. На 30 октомври им беше поделен пописниот материјал на попишувачите, а членовите на Реонските комисии, заедно со реонските инструктори и попишувачите ќе мора да го обиколат теренот за попишување. Што се однесува на подготвениот материјал од Државниот завод за статистика, од страна на странските набљудувачи немавме приговори, туку само пофални зборови, вели Чаушоска.

За оваа цел се подготвени и прирачници и дневници за државните и за реонските инструктори. Секој државен инструктор ќе води дневна евиденција и ќе биде информиран од реонските инструктори за прибирањето на податоците. За таа цел секојдневно реонскиот инструктор ќе мора да ги евидентира и да ги контролира попишувачите. На секој реонски инструктор му се доделени по 10 попишувачи. Со нив тој мора да контактира со цел да се има дневна евиденција колку домаќинства или станови ќе бидат попишани во текот на денот, дали ќе се наиде на некој проблем итн. Значи, има некои работи што добро се обмислени и подготвени како материјали и се веќе дистрибуирани на теренот. Подготвени се чанти, беџови, овластувања и договори за секој попишувач кој ќе треба да се легитимира пред населението. При крај се активностите за инсталирање на компјутерска опрема во сите регионални пописни комиси. Опремата е донирана од странски агенции. Попишувањето ќе го следат 45 меѓународни експерти за демографија, а се знае каде ќе бидат лоцирани. Единствено експертите од IT ќе останат до крајот на процесот, односно ќе бидат присутни се до објавувањето на резултатите, потенцира заменикот на претседателот на Бирото за попис, Ајрија Чаушоска.

ФИНАНСИСКА ДУПКА

Најновите измени на Законот за попис кои се во духот на уставните промени, двојно или тројно ги зголемија трошоците за подготвување на методологијата и инструментите за попишување. Притоа да потсетиме дека прашалниците, обрасците и пропагандниот материјал мора да бидат отпечатени на јазиците на заедниците. Овие дополнителни трошоци го надминаа лимитот што беше одреден од македонската Влада, но исто така ја обврзаа да ја затворат финансиската дупка. Дел од средствата ќе бидат покриени од странските донации, како на пример од Бирото за попис на САД и од Европската агенција. Но, сепак, останува дозата на несигурност за која, освен политичко-безбедносните услови, и финансиите ќе бидат едни од главните фактори за нормалното одвивање на Пописот во Република Македонија.

Кога сме кај парите, тие биле главен мотив за пријавување за попишувач, појаснува нашата соговорничка Чаушоска. Тие очекувале дека попишувачите ќе ги интересирала методологијата и инструментите за попишување, но едно се очекувања, а друго се остварувањата. Што значи, од љубов повеќе не се живее, па така и успешноста на Пописот во Република Македонија се мери на кантарот, со приливот на финансиските средства.

Од друга страна, загарантираната тајност на прибраните податоци се штити со серискиот број на прашалниците кои ќе бидат подигнати од попишувачите. Секој попишувач ќе биде задолжен со одреден број обрасци, ни објасни соговорничката Чаушоска, а притоа ќе биде забележан и серискиот број на прашалникот. Ниту едно ливче не би требало да остане кај населението, се разбира ако нема добро осмислени политички манипулации кои ќе бидат искористени за веќе чуените цели и интереси за бројноста на населението. Целокупниот пописен материјал се враќа кај Државната комисија која треба да ги обработи и анализира податоците. Но, при враќањето во складиштата се враќаат и неискористените или погрешно пополнетите прашалници.

Дубиозите секогаш можат да бидат присутни, бидејќи Пописот се одвива во мошне тешки политички и безбедносни услови. Досега при подготовките на оваа најобемна статистичка операција се случуваа разни настани кои влијаеја врз правилното одвивање на процесот. Прво, се основа Државна пописна комисија која ја презеде раководната функција, но во неа влегоа и политичари кои воопшто не знаеја што значи да се врши таква функција, односно немаат поим од демографијата и од статистичките методологии. Подоцна на сцената настапи смената на раководната структура во Државниот завод за статистика. По ова ВМРО-вската линија го смени бар-кодот на прашалниците и го остави само серискиот број на прашалниците. Во тој момент, беше сменет еден од најсовремените методи. Но, сепак играта продолжи исто онака како што продолжија подготовките за попишувањето на населението, домаќинствата и становите.

Сега кога се отклучени портите, останува да се надеваме дека овие настани нема длабоко да се одразат врз нормалното одвивање на Пописот. Но, секогаш постои доза на страв, бидејќи ваквите авантури, или ако сакате ујдурми, околу парите биле присутни и ќе фрлат сенка врз статистичкиот процес. Тој сигурно ќе наиде на сериозни проблеми, бидејќи досегашната практика покажа дека албанското население не беше расположено да одговара на зададените прашања. Затоа и овој Попис ќе има мака со трњето што го оставија политичарите.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"