ПОЛИТИКА

ОБРАЗОВАНИЕ: Десет години од запишувањето на првата генерација студенти Македонци од Албанија

МАКЕДОНСКИОТ ИНДЕКС Е ПРИВИЛЕГИЈА ЗА МАЛКУМИНА

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Мал е бројот на Македонците од Албанија кои имаат среќа да се запишат на факултетите и школите во Македонија. По враќањето во Албанија дипломираните студенти Македонци тешко се снаоѓаат за работа. Тие тешко се интегрираат во институциите на системот, бидејќи албанската власт има дискриминаторска политика кон Македонците во Албанија, а особено кон оние што завршуваат факлутет во Македонија, вели претседателот на Студентското друштво на Македонците од Албанија, господинот Едмонд Сотир.
  • Без оглед на тоа која политичка партија е на власт, Република Македонија мора да има национална политика кон Македонците од Албанија и мора да се грижи тие да се образуваат на македонски јазик. Морам да споменам дека немаме поддршка од меѓународните институции. Иако контактираме со странски организации, тие не игнорираат и не нарекуваат со други имиња, а не Македонци, потенцира господинот Сотир.

На 23 октомври 2002 година се навршија десет години од запишувањето на прватагенерација студенти - Македонци од Република Албанија на двата универзитета во Македонија. По тој повод Студентското друштво на Македонците од Албанија на 27 октомври организираше средба на Македонците од Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција и Република Србија кои студираат во Република Македонија.

Претседателот на Студентското друштво на Македонците од Албанија, господинот Едмонд Сотир, вели дека на двата универзитета во Македонија македонски студенти од Албанија почнале да се запишуваат од 1991 година. Веќе десет генерации македонски студенти од Албанија ги завршиле студиите во Македонија, а оваа година веќе е запишана единаесеттата генерација.

Првата година беа примени само 15 студенти Македонци од Албанија. Тоа беше мала бројка, но секако беше за поздравување тоа што Македонците од Албанија почнаа да студираат во Македонија. За поздравување беше и тоа што Република Македонија почна да работи на таа национална политика за интегрирање на Македонците и подигање на националното чувство на Македонците од Албанија. Така Македонците од Албанија почнаа да се организираат на повисоко ниво, вели господинот Сотир.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Студентите Македонци од Албанија, како што објаснува претседателот на Студентското друштво на Македонците од Албанија, претежно студираат македонски јазик, бидејќи само така кога ќе се вратат во Албанија, по дипломирањето, ќе можат да го шират македонскиот јазик.

Мал е бројот на Македонците од Албанија кои имаат среќа да се запишат на факултетите и школите во Македонија. По враќањето во Албанија дипломираните студенти Македонци тешко се снаоѓаат за работа. Тие тешко се интегрираат во институциите на системот, бидејќи албанската власт има дискриминаторска политика кон Македонците во Албанија, а особено кон оние што завршуваат факултет во Македонија. Сите студенти Македонци во Македонија се лојални граѓани на Албанија, но сакаме да го добиеме своето, да бидиме признати како Македонци, не само во Мала Преспа, туку и во цела Албанија и особено во Северна Албанија каде што нашите браќа Македонци, иако дома го говорат македонскиот јазик, немаат право на образование на мајчин јазик, вели господинот Сотир.

Студентското друштво на Македонците од Албанија е регистрирано во 1995 година. Оваа година, како што објаснува неговиот претседател, господинот Сотир, кој веќе една година е прв човек на Друштвото, се регистрирале и во Судот и во Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Тие сега се легална организација на студентите регистрирана во Македонија.

Скоро сите студенти по потекло Македонци од Албанија што студираат во Македонија се членови на Студентското друштво на Македонците од Албанија и сите имаат исти права. Избори за претседател и претседателство се одржуваат на две години. Студентското друштво како невладина организација нема свои извори на финансии и парични средства. Но, за позначајни средби и проекти обично излегуваме со барања за помош до Министерството за култура и Агенцијата за млади и спорт, кои секогаш ни излегувале во пресрет, објаснува господинот Сотир.

Според неговите зборови, ова Студентско друштво за среќа е поорганизирано од студентските друштва на Македонците од Пиринска и Егејска Македонија, бидејќи овие друштва се во многу помал број и не можат да се организираат во една таква студентска организација, како што е Студентското друштво на Македонците од Албанија.

Во Друштвото не има околу 150 членови. Можно е тој број да е и поголем, бидејќи се уште ја немаме точната бројка на новозапишаните студенти Македонци од Албанија на двата универзитета во Македонија. Секогаш кога правиме средба со студентите Македонци од Албанија присутни се и Македонците од Пиринска и Егејска Македонија кои студираат тука, бидејќи тие се наши другари, колеги, наши сонорадници. Не сакаме тие да се чувствуваат како гости, бидејќи и тие се дел од нас. Ние одржуваме редовни контакти со сите студенти Македонци од Албанија, Пиринска и Егејска Македонија. Слушав дека има и студенти Македонци од Србија кои дошле да студираат тука во Македонија, за што се радувам, вели господинот Сотир.

ПРОБЛЕМИ

Претставници на ова Студентско друштво веќе имале средба со новиот претседател на Собранието на Република Македонија, Никола Поповски, кој им ветил дека ќе им помогне. Господинот Сотир не можеше да ни ја прецизира точната бројка за тоа колку Македонци - студенти од Албанија оваа година се запишани на двата универзитета во Македонија, бидејќи некои од студентите веќе дипломирале, а македонската Влада дури пред една недела се одлучила да прима студенти Македонци од Албанија.

Министерството за образование ја одолговлекуваше оваа работа со образложение дека идната влада ќе ги прими овие студенти. Трчавме од Министерството за образование до Министерството за надворешни работи. Не знаевме кого да го бараме, кој е надлежен за нашите проблеми. Секојдневно ние и друштвата за заштита на правата на Македонците од Албанија и некои медиуми притискавме врз Министерството за образование и беше свикана седницата за прием на нови студенти од Албанија, потенцира господинот Сотир.

Македонците од Мала Преспа, додава тој, кои доаѓаат во Македонија добро го говорат македонскиот јазик. Но, не станува збор само за Македонците од Мала Преспа, туку за Македонци од цела Албанија кои сакаат да се запишат на факултетите во Македонија. Во Министерството за образование Комисијата определена за прием на новите студенти ги прима само оние студенти кои според нив добро го говорат македонскиот јазик. Годинава за првпат најдовме средства и професори кои требаше да им помогнат на новите студенти да го усовршат македонскиот јазик и тоа еден месец пред почнувањето на учебната година. За жал, Министерството за образование задоцни со приемот на овие студенти, така што тие немаа време да го усовршат македонскиот јазик и неколку кандидати беа одбиени поради тоа што не го говорат добро македонскиот јазик. Без оглед на тоа која политичка партија е на власт, Република Македонија мора да има национална политика кон Македонците од Албанија и мора да се грижи тие да се образуваат на македонски јазик. Морам да споменам дека немаме поддршка од меѓународните институции. Иако контактираме со странски организации, тие не игнорираат и не нарекуваат со други имиња, а не Македонци.

Во врска со бројот на Македонците во Република Албанија, господинот Сотир објаснува дека точната бројка на Македонците во Албанија се уште не се знае, бидејќи Албанија во ниту еден попис досега немала графа за Македонците да се изјаснат дека се Македонци. Освен во реонот на Мала Преспа, тие живеат и во Голо Брдо, Врбник, Елбасан, Тирана итн.

Се надеваме, потенцира господинот Сотир, дека со помош на организациите за заштита на правата на Македонците во Албанија и со помош на меѓународната заедница ќе биде направен точен попис каде што Македонците без никаков притисок ќе се изјаснат дека се Македонци. Македонците во Албанија, освен правото да бидат Македонци, немаат никакви други права. Благодарение на политиката што ја води Република Македонија кон запишувањето на студентите, се запишуваме како стипендисти на Владата на РМ, со сместување и хранарина и со паричен надомест од 3.000 денари неповратна стипендија. Со оглед на бројката на Македонците во Албанија која е многу поголема од онаа што ја прикажуваат албанските власти, веќе десет години бараме барем најмалку 100 студенти и средношколци Македонци од Албанија годишно да се запишуваат на факултетите и школите во Македонија. Македонија, за жал, нема политика на запишување на студентите Македонци од Албанија, како што има Романија. На пример, Романија од Албанија годишно прима 200 студенти по потекло Власи. Грција ги прима сите кандидати - студенти кои се по потекло Грци. Бугарија, за жал, прави некои упади меѓу македонското малцинство во Албанија. Бугарите доаѓаат таму, нудат стипендии, па дури плаќаат и возен билет до Софија за Македонците таму да се запишат на факултет. Ние како Студентско друштво агитираме да не се запишуваат наши студенти во Бугарија, објаснува господинот Сотир.

Идните планови на ова Студентско друштво е да се зголеми бројката на студенти Македонци од Албанија кои ќе студираат во Македонија.

Се надевам дека, ако бидеме поупорни во нашите барања и со поддршката од организациите за заштита на правата на Македонците, ќе успееме во тоа. Се надевам дека новата Влада ќе излезе во пресрет на нашето барање, бидејќи тоа е во интерес на сите Македонци во цел свет, не само на Македонците во Албанија и Македонија, заклучува претседателот на Студентското друштво на Македонците од Албанија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"