ЕКОНОМИЈА

Југохром и натаму во неизвесност

РЕСТАРТИРАЊЕ ИЛИ КОЛАБИРАЊЕ?

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Не дека немаме доверба во француската фирма, туку не загрижува нивната несериозност и непочитувањето на она што претходно беше договорено. Во моментов стапката во врска со преговорите е надмината. Договореното во купопродажниот договор не се почитува. Имено, до 1.10. 2002 година "Силмак" требаше да врати на работа 500 вработени, а на 6.10. 2002 година за 30 дена да уплати 100.000 евра. Иако погонети се подготвени за работа, "Силмак" не донесе ни еден грам сировина, ХТЗ средства за вработените нема, а исто така во договорите на дело со оваа фирма стои дека во случај на несреќа на работникот тие не сносат никаква одговорност, што е крајно несериозно, ни изјави лидерот на југохромци - Стојче Крстевски.
  • Извршниот директор на "Силмак", Михајло Михајловски, тврди дека иако купопродажниот договор за Комбинатот го потпишала претходната влада, веќе го поддржува и новата власт. Михајловски е категоричен дека доколку престанат опструкциите, фабриката многу бргу ќе се рестартира и ќе работи уште подобро од "Фени". Според него, сите вработени не мислат исто како и синдикалниот лидер Крстевски, но кај нив сега е создадена конфузија и затоа одбиваат да ги потпишат договорите.

Југохром, некогашниот индустриски гигант кој со извозот на феро-силициум легурите носеше огромни девизни средства и хранеше две илјади вработени, се уште не се рестартира и не профункционира, бидејќи како што велат вработените Комбинатот го купил несериозен газда кој не го почитува договорот.

Но, за жал, вработените во Југохром веќе подолг временски период не се во работните погони и со голема доза на недоверба гледаат на новиот француски сопственик. Дел од нив предводени од синдикалниот лидер на Југохром, Стојче Крстевски, воопшто не му веруваат на новиот сопственик Мопа, кого го обвинуваат дека сака да го докрајчи индустрискиот гигант и се однесува неодговорно, додека мал дел се двоумат дали Французинот ќе им обезбеди повторна работа или не.

Во почетокот на оваа година македонската Влада донесе одлука за ликвидација на Југохром, за пред извесно време да го продаде на француската фирма СЦММ која предминатата година успешно го рестартираше кавадаречкиот "Фени". Во извештајот на холандската ревизорска куќа "Артур Андерсон" е проценето дека Комбинатот има иднина ако се преструктуира и продаде.

Агонијата на југохромци започна пред самиот крај на минатата година кога "Електростопанство на Македонија" и покрај претходно постигнатиот договор, со образложение дека Југохром должи 42 милиони евра, ја исклучи струјата во Комбинатот. По ова следеа низа протести и штрајкови на вработените, на што надлежните се правеа глуви и слепи за нивната беда и пропаст.

РАСКИНУВАЊЕ?

Одборот на доверители на Југохром е со мислење да се раскине договорот со како што ја нарекуваат фамозната фирма "Силмак" која нема полномоштво од СЦММ и не го почитува потпишаното и со распишување на нов тендер да се најдат луѓе кои се посериозни и кои ќе го рестартираат Комбинатот. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара од новата влада задолжително да го ревидира купопродажниот договор за "Југохром" од Јегуновце, оти со сегашниот вработените биле целосно обесправени.

Тоа е официјален став на синдикатот, изјави Ванчо Муратовски, претседателот на ССМ, по одржаната седница на Советот. Според Муратовски, договорот мора да се ревидира и вработените во новата компанија да ги добијат правата пропишани со Законот за работни односи и со колективниот договор на синдикатот на металургија и рударство. Поради тоа синдикатот на "Југохром" и одборот на доверители го блокираа влезот во Комбинатот и не ги пуштаа да влезат претставниците на "Силмак", компанија што се претставува како застапник на францускиот "СЦММ", кој е купувач на Комбинатот за феросилициум. Нетрпеливоста меѓу двете страни дополнително се вжешти откако Михајло Михајловски, извршен директор на "Силмак", најави дека компанијата нема да вработи ниту едно лице додека синдикатот и одборот не им дозволат слободен влез во Комбинатот.

"Југохром" уште нема газда, зашто сопственикот на Силмак, Жак Мопа, нема овластување од француската компанија СЦММ. Поради тоа, тетовскиот суд не ја регистрира Силмак како сопственик на Југохром. Нерегистрираниот купувач до тетовскиот суд поднел вирман за плаќање, но на документот нема назнака зошто ги уплаќа парите. Кој гарантира дека за пет дена нема да се премисли и да си ги повлече парите? Затоа, ниту еден од 524 работници не потпишал договор за вработување со претставниците на "Силмак"- истакна Стојче Крстевски, образложувајќи дека поради тоа синдикалците од Комбинатот неколку дена не ги пуштаа претставниците на "Силмак" во "Југохром".

НЕДОВЕРБА

Револтот на југохромци кулминираше кога претставниците на "Силмак" им понудија договори за дело во кои е наведено дека секој вработен одделно го презема ризикот и дека компанијата не одговара за каков било инцидент. Освен тоа, Мопа на работниците им понудил договори за привремен ангажман, а не за неопределено време, иако се обврза да врати на работа повеќе од 500 лица до крајот на годинава. Силмак ги проби роковите од договорот оти парите од првата рата ги уплати на 15 и на 18 октомври, иако беше предвидено тоа да биде завршено најдоцна до 6 октомври годинава.

Синдикалниот лидер на Југохром тврди дека француската СЦММ, односно новорегистрираната фирма Силмак, уплатата на првата рата за купување на Комбинатот ја извршила без притоа да назначи за што точно се плаќаат овие средства.

Тоа е уште едно подметнување од СЦММ, бидејќи со ова се остава простор "Фени индустри" набргу да побара да и се вратат тие пари, тврди Стојче Крстевски, прв синдикалец на "Југохром", според кого токму од тие причини Одборот на доверители му забранил на стечајниот управник да ја потпишува оваа цесија. Крстевски вели дека ниту еден од вработените не се потпишал на договорите за неопределено време.

Вработените тоа го одбија од причина што новата фирма Силмак нема право да стопанисува со имотот на Југохром, бидејќи за тоа нема решение од Основниот суд во Тетово. Значи, не е Синдикатот тој што го кочи рестартирањето на Југохром, објаснува Крстевски.

Вработените велат дека Силмак е фирма регистрирана во Париз од едно лице, Жак Несје Мопа, со 2.500 евра, која нема полномоштво да ја застапува СЦММ. Овие обвинувања од Синдикатот на прес-конференција ги демантираше Михајло Михајловски, извршен директор во Силмак и застапник на СЦММ во Македонија. Остатокот од 524 вработени ќе бидат преземени од први ноември, а во наредниот период треба да се стигне до бројката од 1.000 вработени, објасни Михајловски.

Според Михајловски, на сметката на "Југохром" во стечај веќе се уплатени 100.000 евра како прва рата, но за нив не е назначена намената, од причина што тие се уплатени за купување на акциите кои Југохром ги поседува во рудникот "Неметали" во Штип, така што средствата ќе поминат преку Берзата дури откако овие акции ќе се пререгистрираат во Централниот депозитар. Околу наводите на вработените, пак, дека машините од Југохром се пренесуваат во "Фени индустри", Михајловски изјави дека е пренесена само една локомотива, но врз основа на договор за закуп, кој одамна е потпишан со стечајниот управник. Примопредавањето на имотот, пак, не е извршено, бидејќи во СЦММ чекале да им бидат врачени анексите на договорот.

ДОГОВОР

Вработените во Југохром не им веруваат на Французите. Ниту еден југохромец не потпиша договор со претставникот на француската компанија, Жак Мопа и неговата СЦММ.

Мопа на претходната средба со нив соопшти дека во соработка со Заводот за вработување во Тетово ќе се изготват договори за првата група од 524 лица. Вработените гледаат со недоверба на намерите на Мопа и тврдат дека има многу недоследности во изготвените списоци во кои ги немало луѓето со најдолг работен стаж и со соодветни стручни квалификации. Потпишувањето на договорите за работа привремено се одложува за да се прецизираат некои работи.

СЦММ ги исполни своите обврски кон Владата. Работниците можат да ги потпишат договорите за неопределено време со СЦММ, а додека не се надминат проблемите, тие ќе примаат надомест и од Заводот за вработување и од СЦММ, изјави ополномошникот на Мопа, Михајло Михајловски, извршен директор.

Иако изминаа повеќе од месец дена од продажбата на тетовскиот загубар Југохром, тој се уште не започна со работа. Вработените, чувствувајќи се изиграни и незадоволни, решението го гледаат во нов тендер на кој ќе се одбере сериозен купувач на претпријатието кој гигантот повторно ќе го застане на цврсти нозе.


Некогашниот стопански гигант, сегашен загубар Југохром од Јегуновце е проценет на 250.000 милиони евра, но со игрите топло-ладно, неговата вредност последниве две години девалвираше за околу 20 отсто. Според некои вработени, од овој Комбинат претходната власт намерно го обезвреднувала претпријатието за до го направи достапно на свои луѓе и евентуално да си присвои што поголема провизија. Југохром за сериозно заинтересираните купувачи е веднаш подготвен за производство.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"