Во ноември нови преговори со ММФ
Постојаниот претставник на ММФ за Македонија, Јан Микелсен, во петокот
имаше протоколарна средба со новиот претседател на Парламентот, Никола
Поповски. По средбата Микелсон изјави: Мисијата на ММФ на новиот
Парламент гледа како на нова можност на земјава да води правилна политика и
да постигне одржливи цели во економските активности. Ние сме овде за да се
обидеме да го поддржиме овој процес, и како што ветивме, по претходната
мисија разговорите ќе продолжат повторно, односно непосредно откако новата
влада ќе ги превземе своите функции.
Според Микелсон, по први ноември, откако Владата ќе профункционира,
веројатно ќе пристигне и шефот на Мисијата на ММФ, Франек Развадовски, при
што ќе се разгледа натамошната економска политика на земјава, којашто ќе
биде поддржана и од новата Влада.
Лош економски амбиент во Македонија
Економскиот амбиент во земјава, со оглед на минатогодишната криза, но и
со промените на политичката сцена, во моментов е лош и мора да се преземат
мерки кои ќе доведат до економска стабилност.
Ова е оценката на швајцарскиот амбасадор во земјава, Штефан Нелен, дадена
на отворањето на швајцарската канцеларија за промоција на македонскиот
производ на тамошниот, но и на европскиот пазар.
Швајцарската канцеларија за промоција на трети пазари треба да помогне во
отворањето на патот до нив, но за квалитетот, изборот, начинот на промоција
и организацијата, амбасадорот вели дека треба да се погрижат македонските
извозници.
Тркалезна маса на Регионалниот комитет за челик
Во рамките на Програмата за трансгранична соработка и инаугурирањето на
Еврорегионот на триаголникот Ниш - Скопје - Софија, се одржа тркалезна маса
на Регионалниот комитет за челик што ја организира и моделира претседавачот
на Регионалниот комитет, "Макстил" а.д. - Скопје.
Основна тема на тркалезната маса беше "Реструктуирањето на националниот и
регионалниот сектор за челик" во светлината на глобалните трендови на
европската и светската индустрија за челик, со осврт кон искуствата на
компаниите од челичниот комплекс во Еврорегионот, поврзување на компаниите
од металниот комплекс во покрупни организациони форми (холдинзи) и
можностите за трансгранична соработка на партиципиентите во Регионалниот
комитет.
Марковиќ против Љубчо и Циле
Премиерот Љубчо Георгиевски и поранешниот вицепремиер Васил Тупурковски,
како што информираа медиумите, се повикани на суд како сведоци да кажат за
колку пари Владата го ангажирала Анте Марковиќ како специјален економски
советник. За двегодишниот ангажман Марковиќ сега на суд си го бара хонорарот
од еден милион евра што му го ветил Георгиевски.
Адвокатот на Марковиќ, Боби Спирковски, вели дека Премиерот од политички
причини инсистирал во договорот меѓу Владата и Марковиќ да не биде запишан
износот за ангажирање на економскиот советник. Спирковски тврди дека на
инсистирање на Георгиевски неговиот клиент, последниот југословенски премиер,
немал потпишано писмен договор и дека хонорарот на Марковиќ бил договорен
устно.
Продолжена дозволата на МАТ
Управата за цивилна воздушна пловидба, врз основа на наодите на
Комисијата за издавање, продолжување и обновување на Уверението за
исполнување на услови за вршење јавен превоз во воздушниот сообраќај (АОС)
донесе Одлука на Македонски авиотранспорт - МАТ привремено да му се продолжи
дозволата за летање до 5 декември годинава. До овој датум Македонски
авиотранспорт - МАТ треба да го заврши почнатиот процес за обука на член на
екипаж - државјанин на Република Македонија, во согласност со член 156 од
Законот за воздушна пловидба.
Берзанскиот промет во пораст
Македонската берза во текот на неделава преку 454 трансакции оствари
промет од класичното тргување (официјален и неофицијален пазар и држава, без
блок-трансакции) од 98,5 милиони денари, што претставува зголемување од 5,2
пати во споредба со минатата недела. Ваквиот промет, според одговорните на
Берзата, е последица на откупите на поголеми пакет-акции во две друштва ("Скопски
саем" и "Јавор Стоковна куќа " Корзо" - Битола), кои учествуваат со 58 отсто
од вкупниот промет. На државниот сегмент беа продадени два ризидуални пакети
во висина од 11,8 милиони денари, а на Берзата беше пријавена и една
блок-трансакција во која беа продадени 1.464 обични акции во висина од 1,7
милиони денари на "Напредок" од Гостивар, што претставува 15 отсто од
главнината на Друштвото.
Стока за фалсификат евра
Сточните пазари во источна Македонија се мета за растурање на
фалсификувани евра. За само 11 дена се откриени 48 лажни банкноти од по 50
евра. Во МВР стравуваат дека бројот на фалсификуваните банкноти е поголем,
бидејќи оштетените граѓани случајно дознале дека еврата за кои ги продале
говедата се лажни.
Во Управата за внатрешни работи од Штип засега се пријавени два случаи на
растурање на банкноти, а размената на стока за фалсификат се одвивала на
неколку сточни пазари во Кочанско, Пробиштипско и Штипско.
Надомест за четири загубари
Министерството за финансии соопшти дека од 29 октомври ќе почне исплатата
на новите рати на надоместот по основ на структурни реформи за вработените
во четири македонски претпријатија - загубари.
На работниците од ФАС "11 Октомври" - Скопје ќе им биде исплатена осмата
месечна рата од надоместот, од "Силика - алумосиликат" од Гостивар петтата,
а на вработените од гостиварски "Готекс" и од Рудникот за олово и цинк "Тораница"
од Крива Паланка четвртата месечна рата од надоместот.
Во соопштението се вели дека исплатата на средствата ќе се врши преку
филијалите на "Стопанска банка" а.д. - Скопје.
Нов меѓународен тендер за "Астибо"
По откажувањето на италијанската фирма "Варител" од штипски "Астибо", со
што пропадна меѓународниот тендер од август годинава, Одборот на
доверителите на таа Модна конфекција ќе распише нов тендер. За да заштедат
пари и време, одговорните решија вториот тендер да не биде меѓународен. Со
тоа, уверени се во Одборот, побрзо ќе се реактивира производството. Тендерот
не беше распишан викендов, како што беше најавено, а причина за одложувањето
била препораката од Светската банка. Таа до Одборот на доверителите и до
Судскиот стечаен совет упатила барање и новиот тендер да биде меѓународен, а
побарала и самата да учествува во изборот на идниот купувач на некогашниот
конфекциски гигант.
Координативно тело за спас на "Лозар"
Околу 900 акционери од работните единици "Согле" и "Големопродажба" на
велешки "Лозар" со нотар му го одзеле правото на директорот Марјан Ѓошев да
ги управува нивните акции, откако тој и неговите соработници не се појавиле
на собранието што сами го закажаа. Средбата на акционерите била најавена
пред 21 ден во дневниот печат, во согласност со законската регулатива. По
неколкучасовно чекање акционерите се разотишле. Тие формираа координативно
тело што треба да го сочува имотот на "Лозар" и да ја организира работата до
правното решавање на случајот со велешкиот агрокомбинат.
Македонското јагне на традиционалните пазари
Извозниот шпиц на македонското јагне на традиционалните пазари веќе е на
прагот и подготовките кај производителите и извозниците на овој деликатесен
производ се одвиваат под полна контрола.
Според податоците од надлежната Ветеринарна управа на Македонија,
годинава на странските пазари извезени се над 2.296 тони јагнешко месо,
најголемиот дел на грчкиот пазар, каде извозниците од земјава пласирале над
1.114 тони јагнешко месо. Кон крајот на ноември или во почетокот на декември,
речиси целокупното производство на јагнешко месо ќе биде пласирано претежно
во Италија, Хрватска и Грција.
Завршени деведесет проценти од гроздоберот
Од 110 илјади тони грозје, колку што според проценките тежи годинашнава
реколта, собрани се деведесетина проценти од произведеното. За берба
остануваат уште десертните сорти грозје "бело зимско" и валандовски "дренак"
во валандовскиот и во гевгелискиот регион, кое во вкупната продукција на
оваа земјоделска култура учествува со три до пет проценти. Ова грозје
требаше да се извезе во зимските месеци, но поради честите врнежи, изгни, па
затоа ќе се преработи во винарските визби на "Винојуг" и на "Риго Импекс" од
Гевгелија и во валандовска "Анска Река".
Нов сопственик на "Оранжерии"
Продажбата на "Оранжерии" а.д. од Гевгелија е речиси готова, а на
виделина излегуваат сомнителните зделки почнати уште пред изборите. На
втората лицитација извршена кај гевгелискиот нотар, "Македонска банка", како
што информираа некои медиуми, стана нов газда на недвижниот имот во
оранжериите, кој за 250.000 евра бил продаден по активираната хипотека од
страна на банката. За преземањето на управната зграда и магацинскиот простор
"Македонска банка" ќе мора да плати само три отсто од продажна цена, бидејќи
претходно потпишала хипотекарен договор.
Источната магистрала во застој
Изградбата на најдолгата сообраќајница во земјава, т.н. источна
магистрала е во целосен застој и покрај тоа што таа поврзува повеќе
стопански и културни центри во Македонија со околу половина милион жители и
претставува значаен сегмент во функционирањето на целокупниот транспортен
систем во земјава. Во повеќе наврати досега се правени напори за довршување
на преостанатиот дел од изградбата на магистралата што претставува трет по
важност стратешки сообраќаен правец во земјава, но од повеќе причини, а
првенствено од финансиски, досега се изградени одвај педесетина километри,
што ниту од далеку не ги задоволува потребите на современиот транспорт.
|