Ле Роа заминува од Македонија
На Македонија и посакувам се најдобро, повеќе стабилност, економски
развој и повеќе вработувања, што е многу важно за успех на оваа земја,
изјави европскиот претставник на заминување, Ален ле Роа. На негово место
доаѓа специјалниот пратеник на Европската унија, Алексис Брункс, кому Ле Роа
му порача да слуша, бидејќи како што рече, во Македонија е лесно да се
разберат луѓето.
ЕУ ќе се грижи за Македонија
Европската унија е подготвена да ја преземе мировната мисија во
Македонија од НАТО. Шефовите на европските држави во Брисел постигнале
договор кој треба да овозможи од 15 декември за конечна стабилизација на
Македонија да се грижи ЕУ. Договорот на самитот во Брисел треба да доведе до
склучување постојан договор меѓу ЕУ и НАТО што е основен услов за преземање
на мисијата "Килибарна лисица".
Урната бистата на Амбарче во Тетово
Непознати сторители ја урнаа бистата на Ѓоце Стојчевски - Амбарче,
народен херој од Тетово, лоцирана на Градскиот плоштад. Претставници на
Музејот на тетовскиот крај ја поставија неоштетената биста повторно на
нејзиниот постамент.
Само ден пред тоа беше урната нелегално поставената биста на албанскиот
поет, Наим Фрашери која е лоцирана наспроти бистата на Амбарче.
Власта ја поддржува трговијата со луѓе
Минатата година во Македонија се реализирани само 11 од вкупно 181
кривична пријава поднесени против организатори на трговија со бело робје, а
причина за тоа е неефикасното судство, изјави Владо Димовски,
раководител на Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци. Според
анализите на Центарот, многу државни институции се инволвирани во трговијата
со луѓе.
Нов "куќен ред" во Парламентот
Новиот претседател на Собранието, Никола Поповски, на медиумите им
достави работна верзија за новиот "куќен ред". Ако истиот не се почитува,
можно е да се изгуби акредитацијата на новинарите кои инаку ќе добиваат
прес-картички од сопствена изработка. До спроведувањето на сето ова останува
на сила наредбата да не се пуштаат новинарите во зградата ако Собранието
нема никакви активности.
Отчет за работењето на МРТВ
Активот на новинарите на Информативната програма на Македонската
телевизија и новинарите на Македонското радио, крајно незадоволни и
револтирани, најавуваат преземање радикални мерки и активирање на штрајкот.
Тие бараат исплата на септемвриската плата, ревизија и отчет на финансиското
работење на раководниот тим на МРТВ, како и итна реорганизација на куќата.
Саем на повеќе од 200 невладини организации
Саемот на домашните невладини и меѓународни организации што работат во
Македонија се одржа во хотелот "Александар палас" во Скопје од 29 октомври
до први ноември. На манифестацијата учествуваа повеќе од 200 невладини
организации и фондации. Целта на овој саем беше јавноста да биде подобро
запозната со работата на овие организации.
Парастос со владиката Иринеј
Владиката на Српската православна црква, епископот нишки Иринеј, одржа
парастос на спомен-обележјето на Кумановската битка кај Зебрник заедно со
двајца свештеници на Македонската православна црква. Тоа е прво заедничко
служење на еден владика на СПЦ со свештеници на МПЦ по заладувањето на
меѓуцрковните односи предизвикано со таканаречената "нишка спогодба" и
прогласувањето на владиката Јован за "егзарх на СПЦ во Македонија".
Лизгање на земјиштето
Ѕид од земјиште што се лизга, висок над два, а широк околу 20 метри, се
заканува да затрупа најмалку шест куќи во неготинското село Марена. "Бранот"
земја се надвиснал над селото и веќе допрел неколку куќи кои, ако итно не се
преземе нешто, ќе бидат целосно затрупани.
Лизгањето на земјиштето е последица на обилните врнежи од дожд, но и
поради подземните води. Постојат стравувања дека целото село ќе отиде под
земја како последица на активностите на подземните води.
|