Македонско образование во Албанија

Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија "Друштво Преспа" со седиште во Пустец, поведе иницијатива до Министерството за образование во Албанија со повеќе барања: за високото образование повеќе наставници на македонски јазик, обезбедување учебници на македонски јазик и проширување на наставата на македонски јазик во основното и средното образование по сите наставни предмети. Од Друштвото е упатено предупредување дека доколку Владата на Албанија не ги задоволи барањата, Македонците ќе организираат бојкот на наставата.

Од албанското Министерство за образование доставен е писмен допис со образложение на мерките кои ги презема во процесот на образованието во целата земја, а посебно ги истакнува мерките кои ќе ги преземе дополнително во сферата на образованието на мајчин јазик за националните малцинства.

Холандска потврда за Македонците во Пирин

Во Македонија, Албанија и Бугарија од наредната година професорите по историја ќе го предаваат периодот од 1945 до 2000 година без идеологии и пропаганди. Експерти по историја од трите земји подготвуваат прирачник за втората половина на 20 век за да се најде заеднички пристап во изучувањето на чувствителниот комунистички период. Прирачникот ќе биде готов на почетокот на идната година и тоа на македонски, албански, бугарски и на англиски јазик.

При подготвувањето на прирачникот имало проблеми со споменувањето на Пиринска Македонија, иако се приложени документи, фотографии и податоци од Пописот во Бугарија во 1946 година, според кој таму живееле над 160.000 Македонци. Пиринска Македонија и Македонците, сепак, се наведени во прирачникот по реагирањето на холандските координатори кои изјавиле дека самите виделе оти таму има Македонци. Проектот го финансира холандската Влада под покровителство на Пактот за стабилност.

Посредник меѓу МПЦ и СПЦ

Антиохиската патријаршија сака да биде медијатор меѓу Македонската православна црква и Српската православна црква во решавањето на проблемот со признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква. Павле Салиба, архиепископ на Антиохиската австралиско-новозеландска епархија, истакнал дека ќе се обидат да посредуваат помеѓу двете цркви и да најдат решение.

Ние нема да вршиме притисок, нема да наметнуваме решенија и нема да бидеме ниту против Македонците ниту против Србите, изјави архиепископот Павле Салиба.

Декларација Скопје - Ниш - Софија

Градоначалниците на Скопје, Ниш и Софија, во главниот град на Македонија потпишаа декларација за основање на првиот Еврорегион на Балканот - Проект за поголема прекугранична соработка меѓу Македонија, Бугарија и СР Југославија. Еврорегионот треба да овозможи да се надминат досегашните историски бариери, економски просперитет, да ја подобри инфраструктурата меѓу градовите во регионот и да придонесе за сузбивање на криминалот и корупцијата.

На истата средба ректорите од трите града потпишаа договор за соработка меѓу универзитетите.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"