а годинешниот Фестивал на камерен
театар "Ристо Шишков" во Струмица беше про- мовирана монографијата "Шишков".
Содржината на книгата изобилува со текстови од повеќе македонски актери,
театарски критичари, режисери, театролози, писатели кои говорат за личноста
и делото на големиот македонски актер - Ристо Шишков. Приредувач на оваа
монографија е Јелена Лужина, а издавач на монографијата е Фестивалот на
камерен театар "Ристо Шишков".
Според приредувачот Јелена Лужина, со оваа книга за актерското
мајсторство на Ристо Шишков што во протег на релативно краток век од одвај
дваесетина години (од 1962 - 1964 до 1984 - 1986 година) сака да се постигне
одредена цел. Таа е да се понуди што е можно поразноводна, ама сосема
конкретна научна/театролошка аргументација/експликација на позицијата и
статусот што Ристо Шишков за себе ги изборил во поновата историја на
македонскиот театар, филм, телевизиската продукција, како и во радиото.
Всушност, авторите застапени во монографијата се занимаваат исклучиво со
конкретни, научно-методолошки проверливи ("измерливи" - "доказливи")
елементи што го структурираат (творат, градат) феноменот Шишков.
Едуциран според принципите на театарската школа на Станиславски, односно
според онаа варијанта на таа школа каква што се практикуваше (како метод) на
тогашната белградска Академија, Шишков темелно ги совладал нејзините два
најсуштествени методолошки посулата: актерско/творечко самопочитување и
фамозниот процес на преживување.
Неспорно талентиран и неспорно одлично подготвен за својата идна мисија,
Шишков најпрво чиракувал во реномираниот театар каков што е Југословенско
драмско позориште. Во раните шеесетти години овој театар се уште важел за
репрезентативна институција во која има место само за најдобрите. Несомнено
е дека Шишков е еден од нив.
Во текот на својата 26-годишна професионална кариера, Ристо Шишков играл
во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, "Води",
неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии,
додека бројот на радиодрамите не може да се утврди, заради непостоечка
документација. Безмалку половина од сите ролји што ги одиграл се главни,
околу четвртина се насловни: Иванов, Дон Цезар, Мезгрејв, Хелдерлин, Леоне
Глембај, Питу Гули, Гоце Делчев...
Добитник е на две филмски награди - и двете на Фестивалот на актерски
остварувања во Ниш, за филмовите "Планината на гневот" (1967 година) и "Најдолгиот
пат" (1976 година) и на само една театарска награда на МТФ "Војдан
Чернодрински" во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата "Крчма под
зеленото дрво". Него го познаваат како маркантна физичка појава со нагласена
присутност не само на театарската сцена, туку и во секојдневниот јавен живот,
со "општомедиумска слава", екстровертна личност со "бујна" природа.....
Многумина овој врвен актер го опишуваат како "вонредно талентиран", "високо
креативен", "мошне интересен", "експресивен", "робусен", "маестрален", "врвен",
"голем", "генијален", "фантастичен", а најмногу му прилега епитетот "великан
на македонското гледалиште".
Прославениот македонски актер Ристо Шишков живееше и создаваше кратко
време. Тој почина на 46-годишна возраст кога го достигна центарот на своето
актерско творештво, кога најмногу можеше да му даде на театарот, кога
најмногу беше потребен. Прерано замина од драмската сцена, филмот... Сепак,
тој остави впечатливо актерско дело, остварено најмногу на театарската сцена.
Зад себе остави брилијантни актерски улоги. Ценејќи ја важноста на делата
кои ги остави личноста каква што беше Шишков, градот Струмица стана
традиционален домаќин на Фестивалот на камерен театар што со гордост и
пиетет го носи името на драмскиот уметник на сите времиња - Ристо Шишков.
Еден од авторите во "Шишков - монографија", актерот Костадин Дрваров,
својот текст го започнува со изреката на Ефрос:
Кога за еден артист велат дека е "мајстор", јас гледам човек кој е
способен вистинито да го отвора своето срце на сцена.