оцент д-р Радослав Радев,
професор на Филолошкиот факултет приВеликотрновскиот универзитет "Св. Св.
Кирил и Методиј", покрај тоа што е професор по Методика на бугарската
литературна настава, тој посебен интерес пројавува и кон македонската
современа литература. На негова иницијатива во 1995 година се воведува
Современа македонска книжевност како факултативен предмет на Филолошкиот
факултет при Великотрновскиот универзитет кој на почетокот бил општо
прифатен.
Покрај предавањето на Великотрновскиот универзитет, вниманието на доцент
д-р Радев свртено е и кон преведување на изданија од македонски современи
автори како што се Ацо Шопов, Славко Јаневски, Јован Котевски...
ФАКУЛТАТИВЕН ПРЕДМЕТ
Централната професија на доцент д-р Радев е поврзана со бугарската
литература како од преродбата така и од современата литература, но негова
специјалност е предметот Методика на бугарската литературна настава.
Веќе дваесет години сум на Великотрновскиот универзитет кој е еден од
просветните и културни центри во Бугарија, вели доцент д-р Радев. Со
проучување на македонската современа литература започнав во 1985 година.
Морам да потенцирам дека можноста за проучување на оваа литература ја
наоѓав во Бугарската национална библиотека каде можев да ги најдам
македонските изданија публикувани во Македонија. Таму секој момент
можев и како обичен читател и како професор да се запознам со делата на
македонските автори. Тоа ми овозможи да си создадам правилна ориентација за
македонската литература, а како доизградба на моите сознанија од оваа област
придонесоа и различните успешни контакти со македонски интелектуалци.
Македонската книжевност почнав да ја предавам кога имав веќе добри познавања
за авторите и можев да си одберам некои македонски автори за кои сметав дека
треба да бидат тема на моите предавања. Одреден предмет кој дотогаш не
постоел се воведува во оној момент кога ќе се најде стручно лице за него. На
универзитетите не може да дојде инцидентно некој кој проучил само една книга.
Тој треба да работел доста време за да кажеме дека е стручњак за одредена
област. По редицата на публикации кои ги објавив и по мојата
иницијатива која беше прифатена од Универзитетот се воведе факултативно
таква дисциплина да се изучува по желба на студентите.
Доцент д-р Радев од 1995 година факултативно започнува да предава
Современа македонска литература и тоа за авторите Ацо Шопов, Славко Јаневски,
Јован Котевски, Петре М. Андреевски и други.
На почетокот интересот на студентите беше поголем кога се запишуваа по
четириесетина студенти така што салата не ги собираше. Имаше интересни
прашања и дискусии. Тогаш имав можност да дадам некои книги, но немав толку
богата библиотека, па студентите ги разменуваа книгите. Сега малку опаѓа
интересот за тоа факултативно предавање така што предметот ќе биде вклучен
како дисциплина за магистерскиот степен кој е поврзан со литература и
култура, додава доцент д-р Радев.
ВЗАЕМНИ КОНФЕРЕНЦИИ
Пред неколку години двата универзитета во Скопје и Велико Трново кои го
носат истото име склучија договор за соработка и со тоа двете страни имаат
поголема можност взаемно да разменуваат посети на стручњаци за таа област.
Од оваа година продолжен е договорот меѓу двата универзитета кој веќе ќе
премине во традиција за взаемна соработка меѓу македонскиот и бугарскиот
универзитет.
Прв пат кога дојдов во Македонија беше во 1998 година на "Рациновите
средби" во Велес, вели доцент д-р Радев. Благодарение на Васил
Тоциновски успеав да се запознам со поголем број македонски писатели и поети.
Тоа беше една добра и плодна средба која ме стимулираше да работам
многу повеќе во таа насока. Во Велес на "Рациновите средби" имав реферат во
кој за првпат воведов некои проблеми сврзани со македонската литература.
Еден од проблемите за кои говорам во рефератот е за кукавицата и кукањето
како естетика во македонската литература.
По оваа средба, на иницијатива како од Македонија така и од Бугарија беа
одржани две конференции - едната во Софија, а другата во Охрид. На првата
конференција која се одржа во Софија меѓу македонските и бугарските научни
работници се зачна една многу конструктивна тема којашто беше потик за
богата расправа. Од Бугарија учество на конференциите зедоа многу сериозни
научни работници од софискиот Универзитет - професор Симјон Јанев, Валериј
Стефанов, Николај Чрнокожев, еден млад надежен интелектуалец Иван Иванов кој
се вклучи во проблематиката, а од македонска страна учествуваа Васил
Тоциновски, Науме Радически, Весна Мојсова - Чепишевска, Јадранка Владова и
други.
Ние се одлучивме да формулираме еден мошне сложен наслов на темата - "Бугарија
и Македонија, допири и конфликти" - што дозволува да се воведат многу обемни
проблеми, додава доцент д-р Радев. На прво ниво се запознавме со
моментите, периодите, личностите за кои можеше да се дискутира. Од
тие средби веќе имаме два зборника кои се многу ценети и да се надеваме дека
ќе одржуваме уште вакви конференции кои се покажаа како добра форма за
надминување на проблемите.
Доцент д-р Радев во своето професионално напредување не мирува. Тој
заедно со уште неколку негови колеги од Велико Трново неколку години
издаваат еден интересен зборник - алманах "Света гора" од кој има веќе три
броја.
Заедно со колегите со кои го работам Зборникот решивме дека ќе можеме да
вклучиме и македонски автори, прво поети, започнувајќи од Ацо Шопов, Радован
Павловски, Иван Чаповски, Јован Котевски, Васил Тоциновски претставувајќи ги
со кратки биографии, потенцира доцент д-р Радев. Воведовме и
предговор за да се даде една карактеристика на современата македонска
литература и сето тоа да го одбележи присуството на овие автори.
Потоа се насочивме кон македонскиот расказ кој исто така е застапен затоа
што има многу интересни моменти. Започнавме со претставувањето на Васил
Манчев во чии пишувања се застапени иронијата, пародијата кои се блиски до
сознанието на современиот човек. За мене е исклучително важен и сум многу
заинтересиран да го преведам на бугарски јазик романот "Скакулци" на Петре
М. Андреевски, бидејќи тој роман претставува еден прекрасен опис на
карактеристиките на тоталитарното општество. Мислам дека ние во
Бугарија немаме таков роман кој ќе ни го претстави од таква гледна точка
тоталитарниот систем.