Изложби

Соседи2: Дворот

Скопје, 24 октомври.

Во Музејот на современа уметност беше отворена изложба на Оливер Мусовиќ. Изложбата насловена "Соседи2: Дворот" премиерно беше презентирана на годинешната меѓународна манифестација на млади уметници "Манифеста" во Франкфурт. Овој Проект на Мусовиќ претставува продолжение на "Соседи" со кој во 1999 година учествуваше на Истамбулското биенале. Вниманието на авторот е фокусирано врз луѓе и случки во неговото непосредно опкружување. Тој ги набљудува соседите, без директно да ги претстави.

Графичка изложба

Скопје, 24 октомври.

Триесет и третата графичка изложба на Друштвото на ликовните уметници, беше отворена во Народната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски". Презентирани се триесетина дела од исто толку автори, работени оваа година.

Керамички производи

Скопје, 25 октомври.

Во продажниот ликовен салон на Културно-информативниот центар во Скопје, беше отворена изложба на готови керамички производи, сликани со ладни бои, дело на Кристина Тарабунова. Средствата од продадените експонати ќе бидат наменети за манастирот "Св. Наум Чудотворец" од населбата Радишани крај Скопје.

Експонати

Крива Паланка, 27 октомври.

Во организација на Регионалниот центар за соработка "Спектар" од Крива Паланка во Домот на културата беше отворена изложба од создадените дела на Меѓународната ликовна колонија "Македонија - културен мост". На изложбата беа претставени триесетина експонати изработени од повеќе ликовни уметници.

За актуелното

Скопје, 28 октомври.

Во Press to Exit, галерискиот простор на швајцарската фондација за култура Про Хелвеција, беше отворена изложбата на ликовниот уметник Јане Чаловски. Проектот "Томмѕ Рот (возвишеното насилство на вистината)" е работен во Болзано, Италија, за меѓународната изложба под наслов "За актуелното" која се одржа од мај до септември оваа година во продукција на AR/GE Kunst Galeria Museum, а чиј куратор е Маја Дамјановиќ.

Ликовни дела и промоција

Скопје, 29 октомври.

Во Музејот на град Скопје беше отворена изложба на педесетина дела на ликовниот уметник Александар Станковски, чијашто последна самостојна изложба јавноста можеше да ја види во 1997 година.

Публиката истовремено можеше да го проследи саунд перформансот "La Colonioc Volvocs" и промоцијата на книгата "Тоталитарно огледало", авторски труд на Станковски и на Фидан Јаќоски.


Книги

Јазик, идентитет, држава

Струга, 28 октомври.

Во Народниот музеј во Струга, поточно во галеријата Коџоман, се одржа "тројна" културна програма. Беше промовирана книгата I/THE/END, која претставува тријазичен избор од современата помлада македонска поезија (на македонски, албански и англиски јазик застапени се деветмина автори).

По претставувањето на книгата се одржа разговор на тема: "Јазик, идентитет, држава".


Театар

Животот на Цезарите

Битола, 21 октомври.

Во Битолскиот театар во тек се подготовките на претставата "Животот на Цезарите". Проектот е на театарот "Кампагњел" од Хамбург во чии рамки работи групата Шокејс бит ле Мот.

Премиерата на претставата ќе биде во декември, а екипата има покана за учество на Интернационалниот фестивал "Еуроказ" во Загреб идната година.

Балканот не е мртов

Белград, 31 октомври.

Драмата на Македонскиот народен театар гостува во Белград и во Нови Сад. На сцената на Народно позориште од Белград, ансамблот на нашата национална куќа ја одигра претставата "Балканот не е мртов" од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски. Претставата беше одиграна и на сцената на Народно позориште од Нови Сад. Гостувањето се реализира како резултат на договорот за соработка потпишан меѓу МНТ и другите национални театарски куќи од Балканот.


Музика

Дон Џовани

Скопје, 25 октомври.

Во Салонот на Македонскиот народен театар со премиерната изведба на грандиозната претстава "Дон Џовани" од Моцарт, под диригентство на Оливер Балабурски беше отворена оперската сезона. Режисерка е Карла Штаубертова - Штурм, а солист во улога на Дон Џовани е Вратислав Криж, двајцата гости од Чешка. Дизајнот - сценографијата и костимите - е на Зоран Рунчев, Македонец којшто живее и работи во Велика Британија.

Триесетгодишен јубилеј

Крива Паланка, 27 октомври.

Со јубилејниот концерт во Домот на културата во Крива Паланка, Културно-уметничкото друштво "Карпош" ја одбележа триесетгодишнината од своето постоење и активно фолклорно творење. Фолклорниот ансамбл "Карпош" во изминатите триесет години успешно се претставуваше на повеќе домашни и меѓународни фолклорни фестивали низ Европа и Азија.

Свечена промоција

Скопје, 29 октомври.

Во хотелот "Александар Палас" Тоше Проески го промовираше најновиот албум "Ако ме погледнеш во очи". Претходните два беа насловени како "Некаде во ноќта" и "Синот божји".

Конференција за танц

Крф, Грција, 30 октомври.

Искра Шукарова учествува со свој труд, изработен како дел од нејзината магистерска работа во Лондон, на 16. Интернационална конференција за танц којашто се одржува на Крф во Грција. Како член на ЦИД-Унеско, Шукарова за прв пат како претставник од Македонија презентира работа од областа на теоријата на танцот на ваков вид конференција.

Концерт со Кастратовиќ

Скопје, 31 октомври.

Во Домот на армијата Македонската филхармонија одржа симфониски концерт со солистот на пијано Маја Кастратовиќ. Диригент на концертот беше Борјан Цанев, а беа изведени делата од Сибелиус, Равел и Брамс.


Студии и огледи за Конески

Фондацијата "Небрегово" која се занимава исклучиво со проучувањето на животот и делото на Блаже Конески, неодамна ја објави првата книга за великанот на македонската наука и култура. Книгата насловена "Студии и огледи за Конески" е збирка на текстови од повеќемина македонски и странски автори со кои се дава широк преглед на творечкиот опус на авторот. Книгата е поделена во неколку тематски целини: јазик, литература, поезија и култура. На крајот од книгата во блокот Одгласи се сеќавањата на Антон Слодњак за среќавањата со Конески во три различни животни периоди, потоа критики за неговата литературна дејност од врвни светски писателски и критичарски имиња, како и библиографија за тоа каде и кога се објавени текстовите за него.

"Бакни го сонцето" на Филмски фестивал во Измир

 Документарно-играниот филм "Бакни го сонцето", копродукција на продукцијата "Дион" при "Скрб и утеха и МРТВ, по сценарио на Тихомир Стојановски, а во режија на Владо Денчов, ќе биде прикажан на меѓународниот Филмски фестивал во Измир, Турција. На Фестивалот кој трае од 19 до 30 ноември, ќе бидат прикажани преку 150 филмови од повеќе земји. "Бакни го сонцето" во кој играат актерите Страшко Милошевски, Александар Шехтански, Кристина Атанасова, Едмонд Сотир и други, е на програмата на 26 ноември. Филмот зборува за правата на Македонците во Албанија. Ова е петти меѓународен фестивал на "Бакни го сонцето" (Сараево - Босна 2001, Бар - Црна Гора 2001, Олмоук - Чешка 2002, Солун - Грција 2002).

Финансиска помош за "Скрб и утеха"

Културниот центар "Скрб и утеха" при кој работат истоимениот театар, едицијата "Лицеум" и филмската продукција "Дион", по престанок на финансирањето на единственото работно место од страна на Министерството за култура се наоѓа во тешка финансиска состојба со што е загрозен неговиот опстанок.

Се обраќаме до македонските бизнисмени и патриоти за финансиска помош за опстанок на "Скрб и утеха".

Господ со Македонците.

Контакт: skrbiuteha@mt.net.mk


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"