| |
АРХЕОЛОГИЈА
Професор Вера Битракова - Грозданова за истражувањата на единствениот
македонски остров
МИСТИЧНИОТ ГОЛЕМ ГРАД
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Според досегашните истражувања и сознанија, може да се заклучи дека се
она што е крупно, луксузно, што се случува во големите центри може да се
најде и во Голем Град.
- Причините за замирање на населбата која опстојувала на островот Голем
Град најверојатно е поради неможноста економски да се опстане.
О стровот Голем Град што се наоѓа
на Преспанското Езеро, иако е истражуван уште од 1967 година, сепак за
археолозите и за јавноста се уште претставува недоистражена мистерија.
Минатогодишните истражувања на островот Голем Град на некој начин се
продолжување на се она што е досега сработено. Неодамнешните доистражувања
на некои пунктови останале недокомплетирани во археолошката докуметација, но
и археолошко-научно се уште не се дефинирани.
Иако Голем Град и понатаму крие многу тајни, сепак професор Вера
Битракова - Грозданова, еден од археолозите вклучени во истражувањата,
говори за многу интересни сознанија сврзани за овој единствен македонски
остров.
САКРАЛЕН ОСТРОВ
Истражувањата на Голем Град се започнати уште многу одамна, во 1967
година, а иницијативата за тие истражувања беше желбата на некои луѓе кои
тогаш сметале дека Голем Град е многу близок со островот Аил на кој постоела
истоимената црква на Цар Самоил, вели професор Битракова - Грозданова.
Познато е дека престолнината на Цар Самоил, во една фаза од неговото
владеење во Македонија, се наоѓала на островот Свети Аил којшто денес се
наоѓа на територијата на Грција. Таму сега не можеме да истражуваме,
па од тие причини сметавме дека можеби има некои наоди од времето на Цар
Самоил на просторот на Голем Град којшто е единствен остров на територијата
на Македонија во рамките на големото Преспанско Езеро. Тие
истражувања беа почетна фаза во согледувањето на тој простор како еден стар
локалитет, како стара населба. Дотогаш ништо не знаевме што се случувало на
тој простор, бидејќи единствено што беше видливо беше густата шума. Се
гледаше црквата "Свети Петар" - единствена целосно сочувана конструкција, а
другите градби беа до темел разрушени и не можевме да знаеме дали станува
збор за сакрални објекти, јавни или приватни градби.
Меѓутоа, токму тие сознанија биле причина повеќе групата од археолози да
продолжи со одредени истражувања со цел да открие што всушност се случувало
на Голем Град во старите времиња.
Првото место што го одбравме за истражување беше некрополата која се
наоѓа источно од црквата "Свети Димитрија", а потоа и самата црква,
додава професор Битракова - Грозданова. Иако истражувањата ги
реализиравме со одредени прекини, сепак по секоја археолошка кампања
доаѓавме до добар резултат. Од досегашните истражувања можеме да кажеме дека
животот на Голем Град може да се следи од почетокот на
III век пред новата ера до
XIV век во новата
ера. Иако Голем Град е населба, сепак, го нарекувам "живот".
Населба е во почетокот, односно во III, II,
I век пред римската епоха, а потоа и од
I век на антиката
до VI век
функционира како населба, бидејќи има остатоци од куќи.
Исто така, откриена е и некропола која е датирана од целиот римски период.
За жал, некрополата од хеленистичката епоха се уште не е откриена и по
неа трагаме. Потоа некрополата продолжува да постои и во средниот век
што значи дека и понатаму служи за погребување, меѓутоа нема населби. Ова
покажува дека по VI
век престанал животот, односно населбата, но од IX
век како да се обновува животот, не како населба, туку само како култен
простор каде што се градат цркви и кој служел и за погребување на оние
коишто сакале да бидат таму погребани.
ШЕСТ ЦРКВИ
Откриени се шест цркви од кои две се од ранохристијанската епоха - едната
од почетокот на V
век, а другата од
VI век, потоа
црквите "Свети Димитрија" и "Свети Петар" и уште две чии имиња се уште не се
познати, но се градени подоцна. Кај црквата "Свети Петар" откриен е живопис
и самиот објект претставува едно историско-уметничко дело коешто не припаѓа
на археологијата, бидејќи тој објект беше сочуван.
Други објекти каде што вршевме археолошки ископувања, е на пример црквата
"Свети Димитрија" во која иако е срушена, сепак пронајдовме фрескоживопис,
додава професор Вера Битракова - Грозданова. Покрај фрагментите од
фреските, пронајдовме и уште една многу интересна појава, еден објект којшто
во доцната антика со сигурност служел како цистерна и се наоѓа на јужниот
дел на островот. Дека станува збор за цистерна потврда се и
откриените канали за проток на водата. Меѓутоа, таа правоаголна градба со
сите елементи кои ја следат во средниот век веќе немала никаква употреба
затоа што населбата веќе не постоела, но кога доаѓаат монасите ја
забележуваат оваа градба која била доста добро сочувана, ја преградуваат, ја
преуредуваат, и даваат олтарен простор и ја живописале. Кога не би ги
нашле овие фрески, не би знаеле дека станува збор за црква. Интересно е да
се каже дека ранохристијанската епоха, што значи христијанизацијата на таа
античка населба, започнува некаде кон IV
век кога имаме градење на ранохристијански базилики. Една од нив дури има и
мозаик. Јасно дека ние пронајдовме и многу монети од
III век пред новата ера, од населби кои
тргувале со овој остров, потоа монети од градовите на грчки колонии од
јадранскиот брег, од римската епоха, од рановизантиската, односно од времето
на Јустинијан. Исто така,
пронајдена е и сребрена монета во еден од гробовите од времето на Волкашин,
а потоа и во цистерната - црква изградена од монасите пронајдена е монета од
унгарски владетел. Интересно е што монетата на Волкашин беше
пресечена напола што значи дека служела како предмет што симболизирал
пренесување на душата на оној свет.
Покрај сето ова, професор Вера Битракова - Грозданова истакна дека во
некрополите е пронајден златен, сребрен и бронзен накит, но што е најчудно и
најзабележително, во нив не е пронајдено оружје.
Сите оние карактеристики што се однесуваат на накитот кои се пронајдени
на локалитетите во Македонија се пронајдени и тука. Ова не е некоја
атрактивна населба, таа е селска, скромна населба, но археологијата го следи
животот на човекот и неговото творење на целиот простор каде што живееме.
Оттука се гледа колку во една мала селска населба има одраз животот во
целина, што значи ние наоѓаме монети и накит од злато, сребро, стаклена
паста што се наоѓаат и во богатите градови и наоѓалишта.
Оттука може да се дојде до сознанието дека се она што е крупно, луксузно,
што се случува во големите центри може да се најде и во Голем Град.
|