СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

АНТИЧКИ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ И ПЕСНИ (6)

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Јуначките подвизи на Херакле нашле свој одраз и во песните за Крали Марко!
  • И митолошкиот Подземен свет нашол свој одраз во македонскиот фолклор!

Да го спомнеме и мотивот за златните јаболка. Овој мотив е спомнат во неколку наши приказни од кои најпозната е "Бабината мома Злата позлатена". Златните јаболка се спомнати и во една македонска приказна во која некој цар барал од жена си да му роди син. Таа му родила девојка која откако пораснала побегнала од дома за да не разбере татко и дека е женско. Откако и помогнала на една змија, девојката добила чудесен коњ од таткото на змијата со кој требало да изврши три тешки задачи: да донесе жива вода, да донесе дива кобила и да донесе златни јаболка што од неа ги барал еден друг цар. Кога успеала да ги откине златните јаболка, кои ги чувала една ламја во градината, девојката била проколната да се стори маж, а ако е маж да се стори жена. Така таа и навистина се престорила во маж (д-р Кирил Пенушлиски: "Митот и фолклорот", Скопје, 1996, стр. 91).

Ист ваков мотив има и во античката митологија кога митскиот јунак Херакле добил задача да скине од златните јаболка. Во митологијата златните јаболка се спомнати и во приказната за хесперидите кои ги краделе златните јаболка кои растеле на едно дрво поради што Хера ставила змеј да ги чува. Значи, и во македонските умотворби запишани во 19 и 20 век и во античката митологија, златните јаболка не се обично овошје и нив може да ги набере само силна и мудра личност. Тие се чувани од натприродно суштетсво.

МИТОТ ЗА ХЕРАКЛЕ ВО ПЕСНИТЕ ЗА КРАЛИ МАРКО

Македонскиот толкувач на тајниот говор на поезијата Душко Наневски има работено на анализа на потеклото на јуначките подвизи на Крали Марко при што има утврдено сличности со подвизите на Херакле (од кого, според една митолошка приказна, потекнувало македонското кралско семејство во античка Македонија). Во врска со ова, Душко Наневски пишува:

"Првите указанија дека за Крали Марко почнал да се создава мит ги имаме во народната легенда во која Крали Марко ја пресекол клисурата Демир Капија низ која истекло малото море и така се создало поле да живее тука народ. Ова веќе асоцира на грчкиот мит за Херакле, кој исто така учествува во создавањето на планините и морињата на земјата... Од обичните јунаци кои правеле до три подвига, се разликува и по тоа што има повеќе подвизи во сите сфери на животот, од кои, по аналогија со 12 дела на Херакле, може да се открива и неговата митска природа (Душко Наневски: "Раѓање на метафората", Скопје, 1982, стр. 76).

Веќе рековме дека митовите за Херакле не биле само "грчки", туку во поголема или во помала мера им припаѓале на речиси сите тогаш познати народи.

Крали Марко и Херакле имаат уште една сличност. Обајцата својата огромна сила ја покажале уште како бебиња. За Херакле е познато дека како бебе на осуммесечна возраст задавил две змии. Крали Марко, пак, уште додека бил во пелени со раце растргнал змија која дошла да го касне. Во врска со ова Душко Наневски пишува:

"Митската сила на Марко,во една варијанта, се огледува уште во пелени: исто како Херакле, и тој со раце ја растргнал змијата што дошла да го касне" (Душко Наневски, цит. дело стр. 78).

Во продолжение Наневски (цит. дело, стр. 56) утврдува и друга сличност помеѓу овие два јунака, која е резултат на нивните подвизи. Станува збор за појавата на извесен број топоними со имињата на Херакле и на Крали Марко (Хераклеја, Маркови кули, Марков камен и слично).

Душко Наневски ја коментира и содржината на песната во која се женел Рељо Шестокрила и го поканил Марко да му биде девер. За време на свадбата им излегло некое чудовиште (аждаја) кое сакало да ја земе невестата. Сите побегнале, само Марко останал и три часа се борел со аждајата при што и ги исекол трите глави. Коментирајќи ја содржината на оваа песна, Наневски заклучува:

"Веќе со оваа победа над митско чудовиште и Марко добива ореол на јунак со митска сила, како и Херакле, кој сече три глави на хидрата".

Слична паралела помеѓу двата јунака Наневски наоѓа и во творбата запишана од Кузман Шапкарев во која Крали Марко убива морска ламја. Оваа ламја дошла од морето во Солунско Поле за да го проголта машкото дете на Марко и да оди на Маркови кули. Неа ја видела Ерина самовила, која била посестрима на Марко. Но, ламјата го голтнала детето на Марко, а Марко пошол по неа, ја стигнал и и го распорил срцето, по што го извадил своето дете оттаму. Душко Наневски со право смета дека овој подвиг претставува митски чин за спас на сопствениот род и дека истиот овој мотив, трансформиран, стигнал и до познатата песна "Црна се чума зададе" во која Гоце Делчев е повикан да направи ист таков подвиг - да ја победи големата несреќа која се заканува над целиот негов род. Во врска со ова Наневски пишува:

"Подвигот на Марко, што ја убива таа ламја, има значење на митски чин, победа на крвен враг, заштита на животот. И не е случајно што се јавува во митски облик... Во народната поетика, во врска со ропството подоцна се јавува и темниот облак и сенишната слика на црната чума, кога се бара, кој ќе се јунак избере, чумата да ја пропади, од жална Македонија. Така и митот за Марко низ вековите се трансформира во ликот на Гоце кој се избрал за тој митски подвиг" (Душко Наневски, цит. дело, стр. 85 и 86).

За античките елементи во споменатава песна за Крали Марко зборува и спомнувањето на Ерина самовила за чија поврзаност со античките митолошки еринии веќе пишувавме, а овде секако е и спомнувањето на морската ламја, која исто така има античко потекло. Сигурно дека ќе биде интересно и во оваа насока да се извршат дополнителни и подлабоки истражувања.

МОТИВОТ ЗА СОНЧЕВИОТ КОЊАНИК (АПОЛОН)

И овој мотив во македонските народни умотворби регистрирани во 19 и 20 век го открива Душко Наневски. Тој потсетува дека коњот на Марко се викал Шарец и тој бил бил видовит коњ "со шест крила со кои од планина на планина скокал, дури и летал во облаци". Во продолжение Наневски констатира:

"Во една песна се вели дека со него за еден ден земјата ја обиколувал, и по тоа, во митски оцрт, веќе наликува на сончевиот коњаник Аполон кој исто така земјата ја обиколува за еден ден" (Душко Наневски: "Раѓање на метафората", Скопје, 1982, стр. 78).

И понатаму:

"Во мечтите на девојките чест идеал е сончевиот коњаник: 'што му пее славеј во пазува/ што му игра видра на колено/ што ми јава коњ като планина', како метафори за сила, брзина, машкост" (Душко Наневски, цит. дело, стр. 79).

Значи, Сончевиот коњаник (Аполон) останал и во македонските умотворби запишани во 19 и 20 век и истиот претставувал идеал во мечтите на девојките. Тоа е уште еден мотив од античката митологија кој ни останал како наследство од античките Македонци.

ЛИКОТ НА БОЛЕН ДОЈЧИН

На суштинската врска помеѓу ликот на Болен Дојчин и мотивот на неговата борба против лошите сили со слични мотиви од античката митологија, исто така има работено Душко Наневски. Овде само ќе спомнеме некои од неговите заклучоци со напомена дека повеќе детали можат да се прочитаат во неговата спомената книга. Компарирајќи ја суштината на Болен Дојчин со некои од античките митолошки ликови и мотиви, Наневски пишува:

"Силата на Болен Дојчин несомнено доаѓа од силата на мотивот: тој со љубов на брат бие битка за честа на својата сестра. Такви чуда, низ митологеми, има уште во антиката: Тезеј се бори со чудовиштето Минотаур и го убива со волшебен меч... Во прагенеза, тоа е заплетот во кој Плутон извршил грабнување на Персефона. Кога се знае дека богот на сонцето Аполон го убива чудовиштето Питон, а летен Хелиос зиме оди во подземниот свет и станува Плутон, и Болен Дојчин добива значење на сончев мит: води аполониска битка на светлоста со чудовишта на мракот" (Душко Наневски, цит. дело, стр. 107 и 108).

Во продолжение Душко Наневски наведува еден мошне интересен податок, кој е малку познат во нашата јавност. Тој пишува дека, според едно предание, Болен Дојчин бил вистинска личност. Тој бил војвода и заштитник на градот Солун. Наводно во 19 век во Солун се уште постоел неговиот гроб:

"Покрај мотивот на љубовта кон сестрата постои и предание дека Дојчин бил војвода, заштитник на градот Солун, а се спомнува дека во 19 век постоел негов гроб, на кој секоја година солуњани го празнувале и славеле пролетниот празник Маевка." (Душко Наневски, цит. дело, стр. 107).

Сигурно дека идните истражувања на оваа тема ќе донесат и други интересни сознанија во врска со ликот и мотивот на Болен Дојчин и неговата поврзаност со соодветни слични мотиви од античката митологија кои ќе го надополнат корпусот на сознанија за античко-македонското наследство во денешната македонска нација.

МОТИВОТ ЗА ПОДЗЕМНИОТ СВЕТ

Постоењето на подземниот свет е присутно и во античката митологија и во македонскиот фолклор. Опис на овој свет имаме во приказната "Кучка-ламја" (д-р Стојан Ристески: "Преспа под Албанија, Ѓурѓа, Охрид, 1993, стр. 109):

"Крз бунаро дете голомеше падна во долна земја, во друг народ. Ко урва имаше една стија со дванајсе главје. Имаше една чешма и та му а пушташе водата со рацион".

Во продолжение на приказната среќаваме мешање на познати мотиви од надворешниот свет. Дете голомеше ја победило стијата која таму пуштала вода, но за возврат јадела по еден човек. Детето голомеше ја победило стијата токму кога дошол редот да биде изедена царевата ќерка. Во знак на благодарност, царот му ја дал ќерка си за жена и го прашал што друго сака, а Дете голомеше му рекло: "Јас сака опе да ме извајш на горна земја!". Царот не знаел како да му помогне, но тогаш дошле орлите и се понудиле да го извадат детето. Притоа побарале девет крави јалови, исечени на парчиња за да имаат за јадење по патот. Така, по низа доживувања, тие го извадиле Дете голомеше во надворешниот свет.

Добро е познато дека во античката митологија исто така постоел подземен свет. Во овој свет заминувале умрените. Во споменатава македонска приказна не е потенцирано дека жителите на подземниоит свет биле умрени, но сепак се забележуваат неколку сличности со подземниот свет од античката митологија.

Најнапред, тоа е пристапот кон овој свет. Во античката митологија до него се доаѓало преку реки, а во македонската приказна Дете голомеше упаднало во подземниот свет преку бунар (значи во обата случаи станува збор за влегување преку вода).

И во античката митологија и во оваа приказна во подземниот свет живееле луѓе, исто како и надвор, но имало и чудовишта.

Заеднички сегмент е и речиси непремостливата тешкотија човек да излезе надвор од подземниот свет. Во античката митологија ретко кој успевал да излезе надвор од тој свет, а во македонската приказна Дете голомеше исто така одвај успеало да излезе надвор. Дури ни царот не знаел како да му помогне, па тоа го сториле орлите, кои одвај го извлекле од подземниот свет.

И мотивот за жртвување на девојка (кој постои не само во оваа приказна, туку и во други наши умотворби) постоел и во античката митологија.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"