ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Преподобен Прохор Пчински и Преподобен Јован Рилски

ПЛАМЕНА ЉУБОВ КОН БОГА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Диоген и многуте војници "ги најдоа во пештерата моштите на Светителот нетрулежни". Со страхопочитување им се поклониле и ги пренеле во новоподигнатиот Нагоричански храм. Утредента дошле во храмот, но светите мошти не биле во него. Тие самите се вратиле во својата пештера и тоа три пати.
  • На истиот датум се оддава почит на преносот на моштите на пустиножителот, монах, чудотворец, исцелител, светилник на Православната Црква, преподобен Јован Рилски.

Преподобниот отец наш Прохор Пчински живеел во 11 век, како монах - пустиножител, аскет или осаменик и прераснал во еден од најстарите македонски светци - пустиножители и столб на Православната Црква. Потекнува од Овчеполскиот крај (скопска област), од набожните родители Јован и Ана. Просветен со Божјиот Дух, ја изучил мудроста од книгите. Божјиот закон беше во него и со пламена љубов кон Бога реши да го остави светот и да замине во пустина. Го раздал имотот на сиромашни и пеејќи заедно со пророкот цар Давид искажал зборови верни и достојни на голем Богоугодник: "Како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе!". Се населил во мала пештера до извор со вода, кај Нагоричанската пустина. Трпел глад, студови и горештини. Својата душа ја хранел со молитва.

Во пештерата поминал 32 години. Се сретнувал со ѕверови, но за сето време не видел човечко лице. Но, по Божја промисла, еден ден се случило следното: Ловецот Диоген, трчајќи по срната која избегала во пештерата на Св. Прохор, го видел старецот обраснат во коса и во искината облека и почнал да бега назад. Светецот повикал: "Диогене, врати се! Не се плаши!..та и јас сум човек". Го благословил и пророчки му рекол веднаш да отиде во Цариград, зашто Бог ќе го издигне на царски престол. "А тогаш не заборавај ме мене".

СОНОТ

Диоген станал цар на Византија. По 30 години, Св. Прохор во сон му се јавил на царот: "Зошто Диогене ... ме заборави мене старецот? Погрижи се да ми подигнеш макар мал храм". Царот веднаш отишол во пустина, но не го нашол светиот старец. По наредба на Божјиот ангел, Св. Прохор се населил во пустината на планината Козјак, во мала пештера, во горниот тек на реката Пчиња. И овде живеел 30 години во измачување. Заради богоугодниот живот, добил дар на пророштво и чудотворство. Царот, на местото каде го видел светецот, му подигнал храм - во Нагоричанската пустина. Св. Прохор на сон му кажал дека неговите мошти почиваат во Козјачката пустина. Диоген и многуте војници "ги најдоа во пештерата моштите на Светителот нетрулежни". Со страхопочитување им се поклониле и ги пренеле во новоподигнатиот Нагоричански храм. Утредента дошле во храмот, но светите мошти не биле во него. Тие самите се вратиле во својата пештера и тоа три пати. "Нема да ме однесеш од тука" - му рекол светителот на царот. Тогаш царот наредил да се изгради нова Црква на реката Пчиња (тоа е денешниот манастир "Св. Прохор Пчински"). Таму, на десната страна на светиот олтар, до ден - денес почиваат светите, нераспадливи и чудотворни мошти на македонскиот светител Прохор Пчински - мироточивиот Чудотворец (царот ја зел само левата рака на Св. Прохор и ја однел со себе во Цариград).

И денес од овие свети мошти настануваат евангелски чуда. Од нив тече свето и лековито миро. На први ноември (кога се слави), биле пренесени неговите мошти од пештерата во новоизградената Црква, според желбата на Светецот.

"Подобен, одозгора повикан... земајќи го Крстот на рамо... го следеше Исус Христос, нашиот Бог, кого треба да го молиш да ги спаси и просвети нашите души" (прев. проф. Вера С. Антиќ).

ПОСТ

На истиот датум се оддава почит на преносот на моштите на пустиножителот, монах, чудотворец, исцелител, светилник на Православната Црква, преподобен Јован Рилски. Како млад го засакал Господ, се замонашил и во гора - во пештера се подвижнувал. Потоа се населил во Рилската планина, во едно шупливо дрво, каде се оддал на пост, бдение и молитви и лекувајќи луѓе се прочул надалеку. Ревнителите на духовниот живот се населиле во негова близина. Набргу му направиле мало црквиче коешто подоцна било претворено во сегашниот голем познат Рилски манастир. Св. Јован се упокоил мирно во Господа на 18 август 946 година, во 70-та година од својот живот. Неговите мошти најпрво биле пренесени во Софија, па во Унгарија, и повторно вратени во Трново. Но, кога Турците го зазеле Трново, со посредништво на султанијата Мара Бранковиќ, неговите свети, чудотворни и нераспадливи мошти, биле пренесени во Рилскиот манастир, каде почиват и денес.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"