| |
ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА
Правословен еклисиолошки став
"НЕБЕСНАТА ПОЛИТИКА" НА ЦРКВАТА
Подготвила: Милева ЛАЗОВ
- Црквата се залага за политика како уметност на служење во љубовта, а
не за политика како технологија на владеење со другите.
- А да нема недоразбирање во однос на првенството, приемството: дали
прво царот, па потоа Бог или обратно, Спасителот Христос го дава
единствениот одговор: "Барајте го најнапред царството Божјо и неговата
правда, а се ова (другото) ќе ви се придаде" (Мт. 6,33).
Ц рквата (Екли-сиа) како
Богочовечки организам својот став кон политиката и власта во основа, во
начело, го црпи од Богооткриеното учење, пренесено преку Светото Писмо и
Светото Предание. Основата, темелот на тој став кон носителите на власта го
одредува Самиот Спасител Господ Христос во одговорот што им го дал на
фарисеите - на прашањето во врска со плаќањето на данокот при што Господ им
одговори: "Дајде го царевото на царот, а Божјото на Бога" (Мт. 22,21). Тоа
значи: на царот да му се даде она што му припаѓа нему - данокот, парите на
коишто е изобразен ликот на кесарот (царот), а на Бога да му се даде она што
е Негово - душата и телото на кои е изобразен ликот (образот) Божји, односно
човекот како личност, како икона Божја.
Но, за да нема недоразбирање во однос на првенството, приемството: дали
прво царот, па потоа Бог или обратно, Спасителот Христос го дава
единствениот одговор: "Барајте го најнапред царството Божјо и неговата
правда, а се ова (другото) ќе ви се придаде" (Мт. 6,33).
Од таа гледна точка Црквата како икона, како образ на Царството Божјо на
земјата, како есхатолошка заедница во историјата, овде сега со својата
небеска политика (во посл. до Филип. 3,20) дејствува (влијае) како коректив
на земната политика на сите политички партии. Со таква своја "небеска
политика" при какви било избори, нејзиниот прв избор е Царството небесно.
Меѓутоа, не политика како цел за приграбување власт по секоја цена, заради
задоволување на лични потреби и амбиции, туку политика како средство за
служење на другите.
(Извадок од текстот на протојереј Јован Таковски од "Воскресение)
Духовни искри
Само еднаш се живее. Од тоа како го живееме, зависи каков ќе биде нашиот
живот не само на земјата, туку и во вечноста.
***
Светиот Дух ја поткрепува нашата духовна сила. Он ни помага да го правиме
и она што на многумина им се чини неможно.
***
Не се станува добар војник во еден ден. И војникот на овој свет и
војникот Божји се изградуваат во подолг временски период.
***
Несреќни сме кога грешиме, кога Му се спротивставуваме на Бога. Кога
грешиме, тогаш сме далеку од Бога. Силната вера во Бога ни овозможува да ја
чувствуваме Неговата сила како наша и на тој начин да ја зајакнуваме нашата
немоќ, да го правиме и она што ни се чини неможно.
***
Треба еднаш и засекогаш да се одлучиме: дали ќе се раководиме со својата
или со божјата волја.
***
Крстот им се противи на нашите грешни желби, на нашата гордост и на
нашите гревови. Тој претставува воскреснување на се што е возвишено и
боженствено во нас.
(Од "Духовни искри", од Блаженоупокоениот Михаил,
Архиепископ Охридски и Македонски)
|