Добро, јас прво и основно
имав намера да ги потсетам луѓето дека станува збор за репрезентација и дека
мора да има ниво, дека репрезентативците мора да се чувствуваат како
репрезентативци и дека стручниот штаб мора да биде испочитуван, а со тоа и
јас како селектор. Секако дека дојде до договор и тоа прилично брзо,
три-четири дена по мечот со Англија, затоа што јас го доставив она што имав
намера да го доставам уште пред осум месеци кога бев поставен за селектор.
Она што тие ми го побараа како предлог да го доставам, јас им го доставив.
Значи, ништо посебно ново, ниту пак се обидов да го искористам овој
историски резултат од 2:2 со Англија, ниту пак добрата игра со Турција каде
што не успеавме да ги искористиме шансите и загубивме доста несреќно.
Сигурно дека има многу работи за кои треба да се седне и да се разговара,
меѓутоа јас за тоа не сум компетентен. Јас сум компетентен за селектирање и
за создавање на една селекција, односно на еден Проект што јас го предлагам,
а тоа е создавање на една нова млада селекција која ќе игра заедно подолго
време и од која со право по две години, веќе за квалификациите за Светското
првенство, ќе треба да се очекуваат подобри резултати и подобри денови за
македонскиот фудбал.
МС: Да се задржиме малку на овој проблем. За промовирањето на младата
селекција некои веднаш Ве обвинија за импровизација, а пак некои Ве пофалија
за визионерство. Вие настојувате да покажете дека тоа е визионерство?
ЏИЏИ: Па, добро, пред се јас сум тренер кој зад себе има петнаесет
години тренерско искуство и сум можеби еден од ретките тренери кои имаат
исфорсирано многу млади фудбалери. Веројатно имам некое чувство за
пронаоѓање на млади таленти на кои само треба да им се најдат вистинските
позиции и нормално да се следи моменталниот светски и европски тренд и начин
На работа. Затоа и се одлучив на еден ваков чекор, односно подмладување на
репрезентацијата, затоа што не само што играчите се перспективни, туку многу
поважно е што тие поседуваат квалитет во којшто јас многу верувам. Младите
во овој момент заслужуваат да го облечат дресот на македонската
репрезентација пред многу поискусни играчи. Мислам дека тука сум сосема во
право затоа што играчите навистина покажаа дека заслужуваат да го носат
дресот на репрезентацијата и дека сериозно треба да се смета на нив, а тоа
пак значи дека и треба да се верува и да се истурка до крај овој Проект. Тоа
значи - во иднина многу повеќе контролни натпревари за да можат да се
запознаат и уиграат меѓу себе и да го прифатат системот и концепцијата која
јас сакам да ја наметнам, а тоа е исклучиво напаѓачки фудбал.
СТРУЧНОСТ
МС: На натпреварите со Англија и со Турција беше забележлива една нова
игра. Играчите играа без респект кон противникот и барем на тие средби беше
надминат оној комлекс - играме против појаки, против ѕвезди. Колку во
стручниот штаб се работи на надминувањето на тој комплекс?
ЏИЏИ: Апсолутно. Стручниот штаб, јас и моите соработници, работиме со
овие млади фудбалери за да го елиминираме тој комплекс. Таквиот начин на
работа го практикувам уште од времето кога бев помошник на селекторот Андон
Дончевски кој можеби е и најзаслужниот што јас го добив потребното искуство
за работење во репрезентацијата. Тука секако дека има влијание и моето
работење во Словенија која пак гледаме дека постигнува феноменални фудбалски
резултати. Е, сега, ако ние сме една пофудбалска држава, мислам дека ни се
потребни само услови, предуслови и секако да се остави на стручноста, да се
направи еден состав и веќе во блиска иднина да очекуваме едно подобро утре
на македонскиот фудбал. Веројатно никој не сака да се заврти назад во
изминатите циклуси кога редовно се пласиравме на четврто место. Тоа што ние
не успеавме со Андон Дончевски кога имавме, според мене, една од петте
најдобри репрезентации предводена од Панчев, тоа покажува дека тогаш сигурно
нешто недостасувало. Ни недостасуваше можеби и една младост, некој кој ќе
работи за поискусните играчи. Затоа сега се обидувам да направам костур од
млади играчи кој пак ќе биде предводен од едно искуство кое е потребно за
сигурна игра, односно треба да им се влее сигурност на овие млади играчи за
да можат да веруваат во себе, да имаат непречен добар развој, секако со
спроведување на една добра програма, добар Проект што јас го предлагам.
МС: Порано многу тешко доаѓавме до спаринг-партнери и контролни
натпревари. Сега го имаме Израел на 20 ноември, а се спомнува и турнеја.
Дали оваа година ќе имаме повеќе пријателски натпревари?
ЏИЏИ: Морам да кажам дека навистина оваа година имавме малку
меѓународни натпревари, а со тоа и малку можност да им дадам шанса на
младите фудбалери и побрзо да сфатам дека оние фудбалери кои се на залезот
на кариерата се играчи кои не можат да одговорат физички на еден модерен
систем кој денеска се практикува и се игра во светот. Вака нудам еден
капитал во млади играчи кои навистина се перспектива на мак-фудбалот и
цврсто сум убеден дека ако се обезбедат сите услови и ако се одработи овој
Проект, дали со мене или со некој друг селектор, верувам дека оваа
генерација кога ќе биде во просек од 24-25 години ќе постигнува навистина
забележителни резултати. Затоа мислам дека воопшто не сум згрешил со тоа што
се залагам за овие млади фудбалери и за оваа репрезентација за која мислам
дека ќе постигне конкретни резултати веќе во наредниот циклус. Што се
однесува до контролните натпревари, во овој момент сум најмногу за една
турнеја во Шпанија што би претставувало еден предизвик за сите млади играчи
затоа што знаеме што значи Шпанија и шпанскиот фудбал во Европа и во светот.
Значи, сега е многу важно да имаме силни противници, а и јас го посакувам
тоа за да можат нашите млади играчи да си ги одмерат силите и можностите за
да видиме каде сме и што се ни треба. Исто така, прифатив и да се игра на
еден турнир во февруари кој го организира "Хајдук" каде што како екипи ќе
играат и хрватската, полската и македонската репрезентација. Тоа ќе
претставува убава можност на месец ипол дена пред средбата со Словачка да ги
провериме моменталните наши можности и максимално да се потготвиме за да
можеме да и се реваншираме на Словачка за оној пораз од 5:0.
МОДЕЛ
МС: Досега сменивме неколку системи на натпревари за сега да се применува
таканаречениот "словенечки модел" за кој вие отворено се залагавте. Мислите
ли дека овој модел ќе донесе успех?
ЏИЏИ: Морам да кажам оти цврсто верувам дека словенечкот систем на
натпревари ќе донесе поголем квалитет во македонскиот фудбал. Секако,
хендикеп претставува тоа што Македонија во бившата Прва Ју-лига имаше само
еден прволигаш, неколку второлигаши и третолигаши, додека се друго беше во
републичката лига. И сега ние сакаме во еден период од осум години да имаме
квалитетен фудбал, што е невозможно. Сигурно е дека ќе треба еден подолг
период за да се постигне еден квалитет, една посилна лига и да се создадат
повеќе квалитетни екипи. Во тој правец многу ќе придонесе и овој систем на
натпревари затоа што јас го имам видено како функционира додека работев во
Словенија. Морам да потенцирам дека станува збор за одличен систем кој може
да се практикува и со два клуба помалку во Македонија со што квалитетот би
се зголемил уште повеќе. Клубовите се уште не се свесни што се ќе им донесе
овој систем во третиот круг. Сметам дека се одлучивме за еден извонреден
систем кој треба да ни даде посилна лига, посилни клубови и поквалитетни
играчи.
МС: Факт е дека на патот до една квалитетна лига веќе се промовираа доста
млади играчи кои навистина го покажаа својот квалитет. Мислите ли дека треба
да заминат надвор или да останат тука во Македонија?
ЏИЏИ: Треба што е можно поскоро тие квалитетни млади играчи да играат
во силни европски лиги за да имаме што посилна репрезентација. Тоа од една
страна ќе ја осиромаши нашата лига, но од друга страна ќе добиеме многу
поквалитетни и поискусни играчи затоа што едноставно ќе имаат многу појак
тренажен процес, многу посилни лиги и многу повеќе меѓународни натпревари -
или во Лигата на шампионите или во Купот на УЕФА. Значи, тогаш кога ќе имаме
такви играчи кои се стандардни и кои играат во силни лиги и кои имаат силни
натпревари ќе можеме да постигнуваме и добри резултати. Тоа ќе биде само
уште една можност во секое време да имаме една силна конкуренција, затоа што
јас постојано ќе настојувам во секој момент да играат оние играчи кои се во
најдобра форма. Затоа ќе инсистирам како селектор да ги следиме нашите
играчи и лично да се увериме дали се во форма, а не да се доведеме во
ситуација да го читаме дневниот печат и да селектираме. Затоа тука мора и
ФСМ да се заложи многу и да обезбеди средства за стручниот штаб за да може
во секое време да се следат репрезентативците.
МС: Колку е, според Вас, тренерскиот кадар образован во Македонија и
колку се работи на тој план?
ЏИЏИ: Јас бев еден од тие кои најмногу се залагаа да се отвори центар
за едукација затоа што во Словенија имав можност да видам што значи тој
центар за едукација, што значи тоа ИРА-Проект, што значи таа унифицирана
лиценца на УЕФА и сигурно дека настојував и кај нас да се едуцираат наши
тренери и со тоа да го следиме трендот во Европа и во светот. Мислам оти
направивме голем чекор во тој правец и сигурно дека секогаш треба да се
стремиме кон поголем квалитет на тој план. Треба сите заедно да седнат и
сите заедно да работат за доброто на македонскиот фудбал затоа што во
Македонија навистина има добри тренери. Мислам дека доколку не бидеме сите
заедно сложни да направиме еден квалитетен фудбал во Македонија, а со тоа и
кодекс на однесување на самите тренери за да можат да го пренесат знаењето
на своите играчи, тогаш бездруго ќе одиме по погрешен пат.