Ние Македонците, барем оние што така се чувствуваат, а не има безброј и
се наоѓаме на многу континенти, дури и во земјата на тероризмот Авганистан,
сме еден чуден сој луѓе. Постојано мораме да докажуваме, а поради негаторите
понекогаш дури и да се запрашуваме дали сме Македонци и ако сме Македонци,
што ќе правиме?
Зошто ова континуирано не следи? Оти ни е влезено во крв, оти историјата
и војните за голиот опстанок на македонскиот народ не научиле да не му
веруваме никому, а особено на дојденци, макар и тоа да ни биле пријатели.
Сомнежот е нашата мајка водилка, сомнежот е нашата грижа на совеста што ни
помогнала да опстанеме со векови.
Оваа борба на свеста и на совеста со илјадници цивилизациски години ни ја
наметнуваат соседите. Тие помпезно се покажаа и докажаа дека се узурпатори и
крадци на македонската античка култура и затоа постојано се трудат да не
избришат од националната карта на Балканот и на светот.
Шиканирањето е одамна и тоа не треба да не чуди, но тоа станува опасно во
оној момент кога разни емисари ќе се јават во улога на прекројувачи и
матичари. Со таков прилив на средства и луѓе секогаш сме имале големи
национални проблеми. Затоа не треба да се маргинализира посетата на
последниот Евлија Челебија во Македонија, господинот Метју Лиминг. Неговата
авантура, неговиот ангажман, аранжиран или не, мора барем да се провери.
ДОЧЕКАН НА НОЖ?!
Човекот од никаде се појави. Никна од земјата и замина во сопствената
земја. Но, потсети дека повторно ќе се врати во Република Македонија. Зошто!?
Чуму таква работа? Ете и да му веруваме дека бил во Авганистан и се дружел
со потомците на големиот Македонец. Но, зошто токму тој да не подјадува со
тоа дали е Македонецот Македонец? Нели е чудно!
Историјата покажала дека низ Македонија крстареле разни војски, емисари и
патописци. Секој од нив на разни начини оставил траги во енциклопедиите.
Само оние вистинските биле забележани, а другите биле заборавени. Овој
последниов кој се "намерачил" да ја испитува генетската структура на
потомците на Александар Македонски наиде на остра осуда. Се измамил дека ќе
има лесна задача. Симптоматично е тоа што парите што ги троши од спонзорите
се тајна за македонскиот народ и за македонската научна мисла. Затоа
неговата заинтересираност за потомците на Александар Македонецот наиде на
одредена доза на недоверба. Етикетите и етикетирањата нам не ни се потребни,
а уште помалку кованиците. Неговата улога можеби во моментов е минорна, но
сепак ние како Македонци и како луѓе на кои постојано од соседите ни е
негирана македонската национална припадност сме и мора да бидеме постојано
на штрек. Да не си ги бркаме пријателите, но и да не наседнуваме на
непријателските провокации. Времето секако ќе покаже што се крие зад лицето
на Метју Лиминг - наш пријател или пак...?!
ЛИФЕРУВАНИ ИНФОРМАЦИИ
Во историјата е докажано дека македонската фаланга заедно со Александар
Македонски направија гуливерови чекори. Но, притоа оставија и големи траги,
како архитектонски градби така и род и пород. Сега кога македонските
поколенија се евидентни и науката се вивна во височините, проблемот не е во
ДНК-структурата, туку во начинот на докажувањето и прибирањето на генетскиот
код (материјал). Тоа можат да го сторат само научници и генетски инженери
кои се вакцинирани од политиката. Но, тоа има малку фајде оти странската
пропаганда и парите секогаш им ги зашивале усните со конец. Затоа постојано
се бориме со лиферувани вести и информации за потомците на античките
Македонци и нивните денешни поколенија.
Рекламната машинерија на Атина не мирува. Таа одвреме навреме ќе не
обеспокои, ќе не растревожи и пак продолжува со својата песна. Затоа секое
обезличување и секое апсурдно тврдење дека Македонецот не е Македонец не
навредува и не понижува. Македонците не се ничија сопственост или заштитен
рекламен знак. Тоа е нашето национално чувство кое, сакале или не, соседите
мора да го признаат. Ако тие си имаат проблем со сопствената национална
идентификација, ние ја немаме таа алчност или болест. Затоа мораме да се
ослободиме од божемната странска супериорност во однос на македонските
национални чувства, духовната култура и јазик и писменост. Впрочем оттука,
од овие простори, се вивна писменоста кон западните земји. Ако ние не им ја
отстапевме тајната на македонскиот јазик, тогаш повеќето од земјите и
народите на Западот ќе беа дивјаци и ќе се занимаваа со диносаурусите.
ЗАЧЕПЕНИ ВЕНИ
Но, можеби патописецот Метју Лиминг, Британец, е изнервиран од нерешениот
фудбалски резултат во Саутемптон и затоа се нурнал во неизвесната замаглена
туристичка маршрута. Фактите говорат дека Гордон Албион беше рицарски
поразен. Нашите фудбалски голтари ги победија преплатените Англичани.
Нивната гордост беше уништена среде Англија. Затоа тој има тајна задача да
види кој е победникот, да го открие феноменот Македонија и Македонец. Ако
треба да му се помогне на човекот, тогаш да плукнеме в рака. Но, не треба да
се шегуваме со плукањето, оти којзнае што се крие во плуканицата. Можеби ќе
излезе дека македонската раса (ДНК) е супериорна над преостанатите! Можеби
нашиот умствен генетски материјал дава потенцијал за развој на заморената
планета Земја. Можеби на Империјата и Комонвелтот им треба малку свежа
императорска крв, па затоа го бараат Македонецот кој ќе им ги отвори
зачепените вени. Сепак, колку оваа игра и да е чудна за македонскиот народ,
во моментов е најважно да се надгради и продлабочи националното чувство за
припадност кое долго време се обидуваат да ни го избришат од умот. Меѓутоа,
многумина се излажале и ја завршиле кариерата на македонска античка почва!