Се уште сме во војна

Безбедносната состојба во државава се уште е нестабилна, односно бројните инциденти потврдуваат дека се уште живееме во воени околности.

На 31 октомври, во раните утрински часови, неколку метри пред еден од влезовите на Собранието на РМ експлодира бомба-кашикара. За среќа нема повредени, а оштетено е стаклото на вратата и дел од фасадата на Парламентот, како и 18 автомобили паркирани отспротива. Се претпоставува дека напаѓачите, кои за МВР се непознати, бомбата ја фрлиле од автомобил во движење.

На 4 ноември, во 2,30 часот по полноќ, бил нападнат полицискиот пункт кај кумановското Ново Село, при што полицаецот од резервниот состав Дејан Аврамовски се здобил со прострелна рана во пределот на левата натколеница. Според полициски извори, истовремено бил нападнат и полицискиот пункт лоциран кај селото Умин Дол.

Во неделата навечер непознати сторители истрелале три проектили од рачен фрлач кон куќата на семејството Димовски во Шуто Оризари, во близина на истражниот затвор "Скопје". Еден го погодил објектот, а другите два завршиле во нивата одзади. За среќа нема повредени.

Средношколец Албанец во неделата ги вознемири кумановчани стрелајќи од револвер "магнум 357" во кругот на Основното училиште "Наим Фрашери", каде што ја посетува наставата. Наставниците и учениците со блокада ја оневозможиле полицијата да го приведе ученикот.

НАТО ќе остане во Македонија

Безбедносната состојба во земјава се уште е кревка и според ситуацијата на теренот, има потреба од дополнителна безбедносна поддршка, оцени министерката за надворешни работи, Илинка Митрева, на конференцијата "Присуството на странските безбедносни мисии во Република Македонија по 15 декември 2002 година", која се одржа во саботата во Скопје.

Македонскиот претседател Борис Трајковски изјави дека "до денес, Македонија се уште, за жал, не успеа да изгради национална стратегија како клучен акт на сите држави кои имаат визија за својот опстанок и иднина". Тој најави оти во текот на месецов ќе иницира процес за подготовка на таков документ кој во почетокот на следната година ќе биде доставен на формално разгледување и усвојување во Владата и во Собранието.

Албанската мафија го освојува британското подземје

Албанската мафија, како што пишува весникот "Тајмс", го освојува британското подземје и станува водечка сила во криминалните кругови во земјата. Весникот се повикува на најновите извештаи на Скотланд јард и на Интерпол, во кои британската полиција ги опишува албанските криминалци како "насилни, смели, снаодливи и добро вооружени".

Според "Тајмс", британската полиција навела дека албанската мафија го има приматот во "бизнисот со проституцијата", а забрзано го освојува и илегалниот пазар за трговија со наркотици.

Бигман бара истрага за "Раштански лозја"

Амбасадорот на НАТО во Македонија, Николас Бигман, ја повика новата Влада да расчисти со одговорните за криминал и корупција во земјата, оценувајќи дека од успехот во тоа ќе зависат шансите на Македонија да стане членка на Алијансата. Зад ваквото дипломатско пакување Бигман практично повика на истрага и апсење на, како што рече "барем некои" од оние кои се одговорни за злосторства во последниве години, посочувајќи притоа на примерот со седумте убиени Пакистанци за кои екс-министерот Љубе Бошкоски тврдеше дека се муџахедини.

Бојчевски и Верушевски се враќаат во МВР

Нов директор на Бирото за јавна безбедност е Бранко Бојчевски, а на Управата за државна безбедност и контраразузнавање е Зоран Верушевски. Нов државен секретар во МВР е Радивое Јовановски.

Во Царината за в.д. директор е именуван Ванчо Лазаровски, а во Електростопанство на Македонија, Панде Лазаров.

Македонија должи 9,3 милиони денари за ОКТА

Високиот суд во Лондон донесе конечна и извршна одлука во случајот на спорот меѓу грчкиот нафтен магнат Киријакос Мамидакис и Рафинеријата ОКТА. Според неа, продавачот на Рафинеријата ОКТА, во случајов македонската држава, е должна на фирмата "Мамидоил-џетоил" да и исплати финансиско обесштетување во износ од 9,3 милиони долари. Ова е износот кој финансиската комисија на Лондонскиот суд ја пресмета како надомест на штетата што македонската држава, односно владата на екс-премиерот Љупчо Георгиевски, му ја направи на ексклузивниот снабдувач со нафта на скопската Рафинерија, со конспиративната продажба на Рафинеријата на грчката државна нафтена компанија "Хеленик петролеум" и непочитување на претходно склучени меѓународни договори.

Јован пред црковните судски органи

Додека Основното јавно обвинителство во Велес работи на поведување истрага по поднесената кривична пријава од страна на Повардарската епархија за злоупотребите на владиката Јован, во јавноста со нови информации излезе Комисијата формирана од МПЦ за ревизија на работата на владиката Јован. Според оваа Комисија, разрешениот владика Јован во своето работење во Преспанско-пелагониската, Брегалничката и во Повардарската епархија од касата на црквата ненаменски потрошил и за лични потреби присвоил повеќе од 14 милиони денари и над 200.000 евра (или вкупно 450.000 евра).


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"