КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ДОДВОРУВАЧИ

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Префрлувањето на политичките топки меѓу соперниците за артикулирањето на проблемите во државата ќе биде основен сегмент за бавното и закочено одвивање на активностите во претстојниот период. Еден од базните сегменти и најакутни прашања, како и досега така и отсега, ќе бидат мултиетничките односи кои се наоѓаат на најниско ниво во последните педесет години.
  • Оние земји кои ги покажаа своите заби кон Брисел и Вашингтон, па решија дури и воено да ги испробаат своите мускули со нив, завршија неславно. Тие заборавија дека кај што ја има силата, ја нема правдата. Бевме на чекор од таа трагедија, но за среќа се одвративме.

ваа држава не му припаѓа ексклузивно никому, ниту на македонскиот народ, ниту на кој било. Ние сите сме рамноправни" - ќе рече староновиот премиер Црвенковски за време на неговото експозе пред Собранието при изборот на новиот владин кабинет.

На ова неговиот партнер Буџаку од ДУИ ќе додаде: "Припадниците на ОНА минатата година се залагаа за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија".

Какво взаемно додворување на старите и новите фаци. И сето тоа е убаво да се чуе, меко е за секое умерено и демократско уво, посебно на овој чувствителен поствоен период кога најмалку е потребно разбранување на етничките страсти. Но, перверзно е, подбивно е, барем од вториот кој шири небулози и им продава демократија на македонските граѓани. Префрлувањето на политичките топки меѓу соперниците за артикулирањето на проблемите во државата ќе биде основен сегмент за бавното и закочено одвивање на активностите во претстојниот период. Еден од базните сегменти и најакутни прашања, како и досега така и отсега, ќе бидат мултиетничките односи кои се наоѓаат на најниско ниво во последните педесет години.

"Си имаме наши (социјалдемократски) и нивни (ВМРО-вски) Албанци и не треба меѓусебно обвинување" - ќе рече Ѓорѓи Спасов, во еден од најновите, но не така чести гафови. Вербален официјален доказ дека едните го сакаат Али Ахмети, а другите неприкосновениот Арбен Џафери како партнери кои "гарантираат" зачувување на интегритетот и суверенитетот на македонската држава. А двајцата повеќе не се во Македонија. Се дошколуваат за да бидат прагматични, да бидат попрагматични, да бидат понезабележителни со својата шовинистичка и марксистичко-ленинистичка идеологија. Работа на нови проекти од кои по којзнае кој пат Балканот треба да проплаче.

Георгиевски и Црвенковски, сепак, не можеа да си докажат меѓу себе кој од нив двајца е подобар, Алија или Арбен, и кој со своите аргументи ја убедуваше македонската јавност во исправноста на своите чекори. Политички нормално и природно, етички никако. Додека лидерите на најмоќните македонско-политички групации се прекоруваат и обвинуваат за предавства, нивните опоненти од албанскиот блок го шират фронтот и лобираат за нивната конечна цел, елиминирање на "албанско-албанските граници" на Балканот.

ЦРНИ ЛИСТИ

Новите раздвижувања во кумановскиот регион на терористичките џелати посебно на потегот Ваксинце - Опае - Слупчане верификувани со свежите соопштенија на минијатурната, но опасна, т.н. Албанска национална армија - АНА, даваат сигнали дека екстремистите нема да го остават намира Црвенковски на безбедносен план. Каков ќе биде сега одговорот? Дипломатски, воен или комбиниран, онака како што и минатата година го испробаа Митрева и Бучковски во фотелјите на широката коалиција. Но, надежна е и оптимистичка најавата и заложбата на новиот Премиер дека одговорен за мирот или спроведувањето на законот во Тетово нема да биде ДУИ, туку задолжително институциите на системот. Нешто што досега не беше така. Буџаку, Арифи и нивните сопартијци со тоа пак ризикуват опаѓање на популарноста која сега засега е на исклучително високо ниво, но истовремено би се нашле на удар од партијата на Тачи која веќе горделиво почна да се фали дека, иако со помал број пратеници во претходниот собраниски состав, сепак успеала да добие многу повеќе и да прави многу повеќе отколку што е сега случај со ДУИ. Веројатно точно, зашто со таквата аргументација Тачи потврдува дека ДПА имала зелено светло од коалициониот партнер, ВМРО-ДПМНЕ да прави што сака отаде Групчин.

Македонија по овие и слични прашања веќе се наоѓа на црните топ-листи на многу високи институции на меѓународната заедница кои ги разгледуваат и анализираат состојбите на полето на криминалот, шверцот и незаконската трговија со оружје, дрога и акцизни стоки. Досегашните практиканти на политичката власт ја злоупотребија безбедносната состојба, мирот и слободата на граѓаните за поголем профит и бакшиш стекнат преку криминогените дејанија. Кабинетот на Црвенковски влегува во огромен ризик. Прво, да ги контролира членовите на новата Влада да не се впуштат во слични активности што би значело само продолжение на она што досега беше практика и второ, со чесност и со борба да ги елиминира опасностите од модерниот криминал и тероризам кои се инфилтрирани во речиси сите пори на општеството. Треба да се работи хируршки прецизно без право на грешки, без право на манипулации, зашто противникот и злонамерникот вешто ќе ги користи за остварување на своите планови. Јасно е дека веќе меѓуетничките односи не можат да се постават идеално и покрај преобемните отстапки со новиот Устав, но треба да им се даде шанса па макар и последна.

Со сила убавина не бидува - велат старите - но вредноста и професионалноста на државниците (ако уште ги има) се мери токму со способноста грдото да го направат убаво и лично. Демоните ќе стојат наспроти нив секогаш чекајќи погоден момент да ја растурат кревката кула од карти нежно поставена врз уште незасушената крв на страдалниците.

Далеку сме од богатството, далеку од просперитетот, предалеку од Европа и вистинската цивилизација, но близу можеме да бидеме до мирот и слободата како најголема придобивка која би ја извлекле во ова време невреме. Ќе се соочуваме со нови предизвици, како внатрешни, така и надворешни, со нови облици на тероризам и атаци врз сигурноста и душевниот спокој. Нив ќе ни ги носат и наметнуваат веќе докажаните "демократи" и "миротворци" на овие простори со нови концепти и стратегии кои ќе ги задоволат нивните умоболни амбиции и незаситени души.

Типичен пример за новите предизвици и главоболки на балканските народи е штотуку завршениот конгрес на т.н. Меѓународна радикална транснационална група во Тирана која заговара екстремно решавање на чеченското и косовското прашање. И повторно на сцена стапија маските на радикалите криејќи се зад превезот на Светската демократска организација за гарантирање човекови права и слободи.

НЕМОРАЛНА ЉУБОВ

За да биде куриозитетот поголем и за нас поинтересен, но истовремено и позагрижувачки, ќе го анализираме и учеството на екс-владетелот отаде Групчин, Арбен Џафери, на овој Конгрес, кој веројатно со своето искуство и софистицираност на феноменален начин придонел двата проблема да добијат поинаква димензија за решавање доколку се сака побрзо реализирање на работите. Интернационалниот собир на убијците, терористичките водачи и политичките налогодавци од различните кризни региони би имал сериозни консеквенци врз идното опстојување на македонската држава доколку се пристапи кон практична реализација на сега засега теориските перформанси на декларацијата од албанската престолнина. Евентуалното радикално решавање на чеченскиот и косовскиот проблем од страна на чеченската и албанската герила би повлекло и екстремно решавање на т.н. албанско прашање во Македонија во смисла на територијално преуредување на внатрешните гранични рамки на локалните единици по чисто етнички принцип. Процесот на ова тече, се изготвуваат акции за урбан тероризам веќе виден на овие простори кој треба да предизвика нови тензии и нови ревизии на неодамна ревидираното. Затоа, Република Македонија не смее веќе да се отуѓува од здравото меѓународно ткиво кое можеби е помалку моќно од болното, но сојузништвото е неизбежно. Опстојот на овие простори ни го гарантира само нашиот сериозен пристап кон вистинските пријатели и соработници на земјава на меѓународно ниво. Да не дозволиме нас да не бираат, туку ние да бираме со кого ќе соработуваме, со кого ќе делиме добро и зло, кој може на искрен, пријателски и недвосмислен начин да ни помогне за да излеземе од агонијата во која западнавме. Скршнавме некое време од проевропскиот курс, до високите продемократски европски институции поради меѓусебното недоверие, поради затскриеното нетрпение меѓу власта во Скопје и централите во Брисел. Бевме предизвикани? Или ги предизвикавме? Добивме различни одговори од различни компетенции. Но, ние не бевме во таа позиција да уценуваме и да поставуваме услови. Напротив, бевме уценувани и ни беа поставувани услови. Та нели ние сме кандидати за пристапување во НАТО и ЕУ?! Ние треба и да ги исполниме тие услови. Георгиевски и Бошковски се инаетеа и се уште го држат тој курс. Од понизни полтрони и марионети, како што сега истите тие го етикетираат нивниот пулен Борис Трајковски, станаа лути противници на истите оние западни авантуристи и кариеристи кои беа прогласувани за домаќини во Скопје. Можеби и обајцата беа извисени, искористени, па запоставени. Можеби им било ветено едно, а добија друго. Којзнае? Можеби треба да имаме разбирање за нивната денешна позиција на која цврсто стојат. Но, трезвено треба да ја видиме целокупната ситуација на меѓународно ниво.

На прсти се бројат државите кои имаат негативен став кон меѓународните институции и т.н. меѓународна заедница. Оние земји кои ги покажаа своите заби кон Брисел и Вашингтон, па решија дури и воено да ги испробаат своите мускули со нив, завршија неславно. Тие заборавија дека кај што ја има силата, ја нема правдата. Бевме на чекор од таа трагедија, но за среќа се одвративме. Призмата низ која ќе не гледаат треба самите да ја поправиме, но истовремено ќе треба и оние кои однадвор ни ги "олеснуваа" работите малку повеќе да работат на материјата за да ни ја вратат вербата во нивните инстуции во кои творат и работат. Без двонасочната акција и пристап кон нерешените прашања, резултати нема да има. Поразени ќе бидат и македонските власти и службениците на западните административци. Консолидацијата на политичкото милје во државата е првиот чекор и пристап кон Проектот за новата надворешна политика и дипломатија на земјава. Секое раслојување, персонално работење, индивидуално дејствување и отсутво на тимска и експертска работа нема да ги донесе посакуваните резултати. Овојпат оваа тешка задача за враќање на угледот на Македонија во меѓународното семејство на народите падна врз грбот на поубавиот и пошармантниот дел до тимот на Бранко. Митрева задолжена за дипломатија и Шекеринска посветена на евроатлантската интеграција треба да понудат и да разработат нова линиска проекција за нашата улога во меѓународната заедница. Тие ќе мораат да ги неутрализираат и обезвреднат, шовинистичките интернационални собири на усвитените и неказнети глави кои се уште немаат добиено заслужен удар од европските демократски сили.

"Ќе биде ужасно тешко, ама ќе успееме" - им порача Црвенковски на македонските граѓани. Големо ветување, храбро, по малку револуционерно. Двете социјалдемократски опции во Македонија, од македонска и од албанска провиниенција, се додворуваат една кон друга. Ќе профитира ли државата од таквата неморална љубов? Опонентите ќе речат "не". Но, друга шанса и алтернатива во моментов немаме. Вреди да се проба. Тоа е последното што може да се направи. Ако и овојпат не успееме, поправен испит сигурно ќе немаме.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"