еодамна во Македонија
пристигна долгонајавуваниот британски патописец, господинот Метју Лиминг со
најава дека ќе врши генетски истражувања за врските меѓу денешните Македонци
и Македонците од времето на Александар Македонски. Неговата посета навистина
крена голема прашина како во јавноста така и кај надлежните институции.
Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија при МАНУ и
Лекарската комора на Македонија на почетокот се оградија, додека Институтот
за имунологија и генетика при Медицинскиот факултет во Скопје, поточно
директорот д-р Мирко Спироски, му даде целосна поддршка вклучувајќи се во
истражувањата. МАНУ би соработувала со Кралскиот колеџ за антропологија во
Лондон, доколку оттаму добијат потврден одговор дека тие го поддржуваат
истражувањето на господин Лиминг. Доколку се вклучат во Проектот на овој
Колеџ, тие би сакале да бидат инволвирани во сите сегменти на истражувањето
- од прибирање, па се до обработка на податоците.
Претставникот на МАНУ, д-р Дијана Плашевска, смета дека за ваков Проект
треба да бидат консултирани стручни кадри и дека за него треба да постои
Предлог-проект со кој ќе се дефинираат сите сегменти на истражувањето.
Лекарската комора на Македонија писмено реагираше, истакнувајќи дека за да
се земе биолошки материјал од луѓе е потребно одобрение од етички комитет и
дека за пренесувањето на тој материјал надвор од државата се потребни
соодветни процедури и одобренија. Тие сметаат дека учеството на научните
институции од Македонија во вакви "аматерски активности го деградира нивното
ниво и експертите од областа на генетиката".
Наспроти овие институции, д-р Спироски истакна дека нема ништо спорно при
собирањето на генетичкиот материјал во земјава, а со оглед на тоа дека во
земјава немаме пропишан закон, оваа постапка е планирана и ќе биде
реализирана според меѓународните правила.
Доаѓањето на господинот Лиминг во земјава, кој деновиве собираше
примероци на ДНК од стотина Македонци, предизвика големо интересирање, но и
сомневање кај македонската јавност за добронамерноста на ова истражување.
Исто така, и средбата на овој патописец со медиумите предизвика бурна
полемика меѓу новинарите. Во МАНУ новинарите го опсипаа господин Лиминг со
прашања поврзани за неговите извори на финансирање и можноста во сето тоа да
има и грчки пари. Тој не негираше дека се обратил за одредена финансиска
помош од Фондацијата "Оназис" во Лондон, но тие не му дале никакви средства,
ниту пак знае какви проекти спонзорира оваа фондација.
Првобитна професија на Британецот Лиминг била работа во фабрика за
производство на градежни делови, а инаку примарната едукација му е теологија.
Тој се најави како патописец, меѓутоа досега има напишано неколку текстови,
додека за книга не станува збор. Единствена му е започнатата книга која ќе
говори за Авганистан. Факт е дека господинот Метју Лиминг го собра
материјалот што му е потребен за анализа, но што ќе излезе од сето ова,
времето ќе покаже.
МС: Дали историјата за Александар Македонски беше причината за Вашата
мисија или постои друга причина за да започнете ваков тип на истражување?
ЛИМИНГ: За популациите во Авганистан се заинтересирав уште пред десет
години, а идејата за истражување ми се наметна кога забележав дека има
разлики во изгледот на некои популации од другите кои живеат на овој простор.
Забележав луѓе со светла кожа и светли очи што не е карактеристично за
Авганистан.
МС: Дали имавте голем тим за Вашето истражување, за Вашата мисија во
Авганистан?
ЛИМИНГ: Тимот го сочинуваа неколку луѓе. Со мене беа возач, водач и
еден војник затоа што позната е состојбата во Авганистан. Не е безбедно да
се движам сам без обезбедување.
МС: Кој е спонзор на Вашата мисија?
ЛИМИНГ: Спонзори на моето истражување се списанието "Спектатор" и
издавачот на мојата книга. Побарав финансиски средства од околу 40 фондации,
меѓу кои и грчки, меѓутоа ниедна од нив не ми излезе во пресрет. Побарав
средства и од грчката Фондација "Оназис" во Лондон, но не наидов на
разбирање и од нивна страна. Парите собрани за ова истражување не се од
Грција. Финансиите ги добив преку Интернет-апел, а спонзори се луѓе кои
сакаа да ми помогнат.
МС: Минатата година шпански и македонски генетичари во данско медицинско
списание ги објавија резултатите на своите истражувања според кои докажаа
дека денешните Македонци се еден од најстарите народи во Европа. Дали сте
запознати со овие наоди?
ЛИМИНГ: Да, го видов трудот во кој пишува дека Македонците имаат
медитеранско потекло, додека Грците имаат субсахарско потекло. Меѓутоа, јас
не сум компетентен да одговорам на ова прашање, бидејќи не сум генетичар.
БЕЗ ПОЛИТИКА
МС: Во официјалната историографија на Република Македонија се уште е
актуелна теоријата дека денешната македонска нација е од "словенско" потекло,
т.е. дека ние сме дојденци од зад Карпатите. Оваа теорија главно ја форсираа
комунистите под притисок на тогашниот СССР и, за жал, таа остана до денес.
Дали ваквите субјекти Ви правеа пречки за време на Вашето истражување?
ЛИМИНГ: Разбрав дека прашањето за етничноста или етничкиот карактер
на Македонија е многу исполитизирано прашање. Уште пред да го почнам
истражувањето тоа ми правеше доста непријатности.
МС: Вие се поврзавте со генетичарот д-р Мирко Спироски, но тој остана
запаметен во јавноста по своите ставови според кои денешните Македонци не се
најстар народ во Европа со што практично тој зазеде исти позиции со
денешните негатори на македонската нација. Зошто соработувавте токму со овој
генетичар?
ЛИМИНГ: Со доктор Мирко Спироски се запознавме откако дојдов тука.
Без него и без неговата поддршка не можев да завршам ништо од собирањето на
примероци. Практично целокупната работа ја направи неговата лабораторија и
јас сум многу благодарен за тоа.
МС: Какво е Вашето мислење за тоа што не наидовте на поддршка од
Македонската академија на науките и уметностите и ладниот пречек од
медиумите?
ЛИМИНГ: Претпоставувам дека ваквото однесување на МАНУ и на некои
други кругови од Република Македонија произлегуваат од стравот од
политичките последици коишто би настанале по добивањето на овие резултати.
Но, науката е објективна и никој не треба да се плаши од објективните
податоци коишто би ги добила со едно вакво истражување. Науката нема ништо
заедничко со политиката, односно со политичките партии.
МС: Во Република Македонија има историчари кои сметаат дека македонската
нација во голема мера води потекло од античките Македонци и тие историчари
нудат сериозни докази за тоа. Дали стапивте во контакт со некого од нив?
ЛИМИНГ: Не сум имал контакти со ниту еден македонски историчар,
особено за прашањето на наследниците на Античките Македонци. Сметам дека ова
прашање е повеќе научно-истражувачко и тоа во практика, отколку
теоретско-историско, бидејќи самите испитувања се базираат на научен дел и
повеќе би сакал да имам контакти со научниците коишто ќе го обработуваат ова
прашање од генетски аспект, отколку со историчарите. Историчарите од
поинаков агол ги гледаат работите.
МС: Дали сте сигурни дека луѓето од кои ги земате брисовите се етнички
Македонци? Што доколку Ви бидат подметнати примероци од другите етнички
групи во Македонија (Албанци, Роми и други)?
ЛИМИНГ: Примероците се сигурно од етнички Македонци, бидејќи се
внимаваше при земањето на примероците со пополнување на специјалниот
прашалник во којшто беа дефинирани мајчиниот јазик и религијата. Меѓутоа,
тоа не значи дека јас и соработниците од Лондон нема да земеме примероци и
од етничките Албанци и од Ромите во Македонија или пак од други популации.
Но, за тоа би требало да се договорам во иднина, за некое друго следно
истражување. Самото прашање за етничкото потекло на Ромите е исто така
прашање за себе и е многу интересно. Меѓутоа, сега тие, ниту пак Албанците,
не се вклучени во истражувањето.
СКЕПТИЧНОСТ
МС: Кажете ни нешто повеќе за Вашата мисија во Авганистан?
ЛИМИНГ: Испитувањето во Авганистан беше многу необично, многу чудно и
мистериозно. За да може да се направи такво испитување беше неопходно да се
има воена заштита, зашто таму владее една тешка атмосфера, меѓутоа од друга
страна луѓето се многу гостољубиви и отворени за соработка и тоа го направи
моето испитување многу пријатно и успешно. Градот Иконум во Авганистан е
восхитувачки и покрај тоа што се наоѓа на граница со Таџикистан. Целиот град
е исполнет со остатоци од Античка Македонија, има антички театар и практично
целиот град е антички. Исто така и за гробниците што се најдени со
Македонците внатре сигурно е дефинирано дека се навистина остатоци од
времето на Александар Македонски. Вторите испитувања ги правев во друг град
којшто е од времето на Александар, а тоа е во близината на Кабул. Исто така,
имам испитувано и друга група луѓе во Авганистан за коишто се знае или се
претпоставува дека не потекнуваат од времето на Александар Македонски како
контролна група којашто практично би била различна од претходната група.
Значи, имаме две групи: една е сочинета од типични Авганистанци, а во
другата влегуваат оние за кои се претпоставува дека се наследници на
Александар Македонски.
МС: Кои се Вашите методи на работа и каде ќе ги доставите примероците за
анализа?
ЛИМИНГ: Јас не сум генетичар и не можам да ви кажам нешто повеќе за
методологијата, меѓутоа накусо да појаснам: се зема брис од устата на
којашто има клетки од коишто се изолира генетски материјал. Тој материјал во
Кралскиот колеџ за антропологија во Лондон ќе се анализира и тоа за
обележувачите на