| |
ПОГЛЕДИ
Огледалце, огледалце
ОТРУЈ ГО БЛИСКИОТ СВОЈ
Гог ма Гог
С е сеќавам одамна, многу одамна,
пред десет - петнаесет години во Полска интелектуалци покренаа дебата: Која
ти е, и кај ти е татковината? Прашањата широки, а одговорите многу, многу "тесни"...
Татковината ти е онаа која те прифаќа за свој и не те дели од другите, а таа
се "наоѓа таму" кај што ти е - убаво.

Знам дека ќе се најдат "жестоки" патриоти кои се готови да "јадат трева и
корени", да кажат и да ја спасат душата своја, дека татковината им е таму
кај што ги родила мајка им, што е неспорно и многу точно, оти со татковината
нема погодби за лошо, или за добро, туку има определби за секогаш, или
никогаш.
Арно ама, некни оној Халили кој не може панџа да фати во ниедна од
албанските партии, со невидена мудрост изрече една подзаборавена балканска
дијагноза: "... Кај нас, вели Халили, на Балканот лидерите ја сакаат
државата само кога се премиери, а ја мразат кога се опозиција!".
Не спомена име, нишанеше на ВМРО - ДПМНЕ, а го погоди - Љупчота... Што му
требаше на ВМРО-вскиот јуноша онаа нервозна реакција на првото заседание на
новиот Парламент, карактеристична за збунето и "некадарно" дете, и тоа за
кого, за претседателот на државата, човекот кого ич да го неќиш, не треба да
го напаѓаш, па уште да се каеш дека ти си го избрал.
Како да не е Халили во право? Додека беше на чело на власта, Љубчо
Георгиевски мудро ескивираше, кога ја загуби одлета како "гуска во магла",
ама заедно со претседателот Трајковски оти успеа да го "повлече" да се брани
кога одбрана не му требаше.
Ако на македонскиот политички "образовен систем" му треба некаква реформа,
тоа е да воведе предмет како политичарите да ги распознаваат државните
интереси и да се однесуваат - државнички!?
Ретки се тие, како на пример Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев... кои
во неслободна Македонија обезбедија место во нејзината историја, како
патриоти кои ни директно, ни индиректно не ја повредија татковината. Мислев
дека младиот Георгиевски со власт и без власт ќе се обиде на тој план и ќе
прерасне во еклатантен државник, следејќи ја добрата и стара револуционерна
македонска традиција. Но, и тој на првата кривина го сврти своето возило и
истовремено возило на својата партија во провалија.
Не може така. Разијдувањата со некогаш најблиските соработници обично
упатуваат на катастрофирање на односите не само во партијата, туку и во
државата. Извинувањето до нацијата е најпогрешниот лек, оти неговата примена
има само контраиндикација.
Во нашата македонска политика чувствувам како се уште да има маалска,
фурнаџиска атмосфера, кај што од нетрпеливост на главниот со другите во
маалото, му се заканува на "лебот да изгори"... Сетете се како нервозно
рагираа СДСМ кога "здружени" ВМРО-ДПМНЕ и ДПА му ја зедоа "од под нос"
победата на Тито Петковски, и му ја "врачија" на Борис Трајковски. Тогаш
исто така сомнително државнички рагираше и Бранко Црвенковски кога изјави
дека "овој претседател не го признаваат!?"
Мала и млада држава сме, па затоа и не знаеме како државнички да
реагираме на некои недржавни потези на нашите државници. Тоа му се случуваше
(според Шекспир) и на кралството Данска. Оттаму не ме изненади деновиве
повикот на еден наш Македонец до пријателите во Копенхаген: "...Драги Данци,
ако во државата Данска се уште има нешто гнило, дојдете во Македонија да
размениме - искуства!".
Иако немаме ништо заедничко со италијанското семејство од шпанско потекло,
однесувањето ни е се уште во стилот на Лукреција Борџија: "Отруј го блискиот
свој!".
|