| |
ПОЛИТИКА
Новата Влада на Бранко Црвенковски помина пред народните пратеници
"НЕ ОЧЕКУВА ТЕШКА БИТКА СО МНОГУ РИЗИЦИ"
Пишува: Жаклина МИТЕВСКА
- Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и екс-премиер, Лубчо Георгиевски, рече дека она
што се случуваше во Република Македонија во текот на минатогодишната криза,
од Танушевци, па се до денешното промовирање на "владата на терор" е дел
од едно холивудско сценарио или филм којшто може да се нарече "перфектно
злосторство".
С обранието на Република Македонија,
на први овој месец, десетина минути по полноќ, со 72 гласа "за" и со "28 "против"
ја избра новата Влада. На чело на новиот владин Кабинет, односно премиер е
Бранко Црвенковски. Новата Влада ја сочинуваат вкупно 18 члена од СДСМ, ЛДП
и од ДУИ, кои го поддржаа составот на Кабинетот, а против изборот на новиот
владин Кабинет се изјаснија претставниците од ВМРО-ДПМНЕ, ЛП и ДПА.

Во новата Влада министер за внатрешни работи е Хари Костов. Прв човек во
одбраната е Владо Бучковски. Министер за надворешни работи е Илинка Митрева.
Со Министерството за финансии ќе раководи Петар Гошев, со Министерството за
правда - Исмаил Дарлишта. Прв човек во Министерството за економија е Илија
Филиповски, а министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Славко
Петров. За здравство - Реџеп Селмани, за образование - Азис Положани, за
труд и социјална политика - Јован Манасиевски. Со Министерството за локална
самоуправа ќе раководи Александар Гештаковски, со Министерството за култура
- Благоја Стефановски. Милаим Ајдини е министер за транспорт и врски, а
министер за животна средина и просторно планирање е Љубомир Јанев. Радмила
Шекеринска од Социјалдемократскиот сојуз е заменик-премиер задолжен за
евроатлантски интеграциии, Муса Џафери од ДУИ е вицепремиер задолжен за
политички систем, а Владо Поповски од ЛДП е министер без ресор.
Новиот Премиер и министрите по изборот дадоа и потпишаа свечени изјави,
со исклучок на вицепремиерот Муса Џафери, кој не беше присутен на седницата.
ЕКСПОЗЕ
Македонија преку ноќ не можеме да ја направиме богата држава, држава без
социјални проблеми. За тоа ќе биде потребно и време и многу предуслови.
Некои ќе зависат од нас, некои не. Исто така, преку ноќ не ќе можеме да го
искорениме насилството, криминалот и корупцијата. Тоа ќе биде тешка битка со
многу ризици и се надевам дека сите вие сте свесни во што влегувате,
прифаќајќи ја кандидатурата за членови на новата влада на Република
Македонија. Но, она што можеме да го направиме сега, веднаш, тоа е
Македонија да добие чесна, скромна и одговорна влада. Тоа зависи од нас, 18
луѓе и од никој друг, рече премиерот Бранко Црвенковски во своето
експозе, обраќајќи им се на присутните во собраниската сала, по повод
изборот на новата Влада.
Македонија, продолжи Црвенковски, е европска држава и нејзиното
место е во заедничкиот европски дом и заедничките системи за безбедност. Тоа
е иднината, тоа е перспективата на нашите млади, на нашите деца. Ајде, сите
заедно да ја разбудиме надежта кај нашите граѓани, да ја потикнеме
самодовербата на нашиот народ, да го мотивираме интелектуалниот потенцијал
во државата, да се обединиме околу националните и државни интереси и силно
да веруваме дека ова е патот по кој треба да се оди. Јас силно верувам дека
Македонија има своја иднина. И вие, почитувани пратеници, и вие почитувани
граѓани, бидете сигурни - ќе биде тешко, ќе биде многу тешко, но на крајот
ќе успееме! Македонија ќе победи.

"Јас силно верувам дека Македонија има своја иднина",
новиот премиер Бранко Црвенковски
Мандатарот Црвенковски потенцира дека во последниве две години на
најсуров начин бевме потсетени колку скапоцена работа се мирот и безбедноста.
Изгубените човечки животи, илјадниците раселени и протерани, разрушените и
опожарени домови се страотната цена која ја плативме и која за жал се уште
ја плаќаме. Исто така се уверивме и дека немаме ли мир и стабилност, немаме
ништо - ниту демократија, ниту правна држава, ниту успешна економија.
Говорејќи пред пратеничкиот состав за безбедноста како за еден од
клучните приоритети на новата Влада, Премиерот потенцира дека вистински
национален македонски интерес е целосно и навремено имплементирање на
Рамковниот договор.
Јасно е дека по Рамковниот договор Македонија во уставно-правна смисла не
е истата држава како онаа од пред тоа. Но, и со и по овој договор Македонија
е сепак унитарна држава, со сочуван територијален интегритет и што е
најважно држава со иднина.
За идната коалиција со ДУИ тој потенцира дека оваа Коалиција нема да
функционира по принципот на поделба на сфери на влијание и одговорност, туку
на принципот на поделба на одговорност во сите сфери на одлучување.
РАСПРАВА
По експозето на мандатарот, седницата продолжи со расправа која траеше со
часови на која можеа да се слушнат многубројни реплики околу тоа кој ги
внесе терористите во власта. Опозицијата ја искритикува Коалицијата меѓу
СДСМ, ЛДП и ДУИ, нарекувајќи ја "терористичка влада и непринципиелна
коалиција". Политичките конкуренти на коалицијата "За", не се согласија со
експозето на Црвенковски, бидејќи како што рекоа, за нив содржината на
текстот е нешто веќе видено и личело на претходните.
Ѓорѓи Трендафилов од ВМРО- ДПМНЕ потенцира дека во експозето на
Црвенковски немало ништо за националната безбедност, која, според
Трендафилов, треба да биде врвен приоритет поради загинатите осумдесетина
лица, жртви во минатогодишниот воен конфликт.
Новата влада ќе го промовира комплетното етничко чистење на Република
Македонија и ќе ја подготви Република Македонија до денот "Д", односно тогаш
кога меѓународната заедница ќе оцени дека Косово ќе треба да стане независно.
Делови од таканаречената скршена вазна Македонија, делови од охридскиот
Договор, едноставно да бидат припоени кон таа "Голема Албанија" или поточно
"Големо Косово", изјави во обраќањето пред пратениците Премиерот во
заминување, Љубчо Георгиевски.
Тој напомена дека сето она што се случуваше во Република Македонија во
текот на минатогодишната криза, од Танушевци, па се до денешното промовирање
на "владата на терор" е дел од едно холивудско сценарио или филм којшто може
да се нарече "перфектно злосторство".
Во овој филм главната улога ја има, според Георгиевски, меѓународната
заедница која со едно крваво сценарио се вмешала "дрско и безобразно" во
внатрешните работи на младата и демократска земја, поткопувајќи ги нејзините
темели на национална безбедност и економски просперитет.
Георгиевски го нарече претседателот на државата Борис Трајковски полтрон
на меѓународната заедница, а истата квалификација се однесуваше на СДСМ и на
ЛДП, за кои потенцира дека направиле велепредавство на националните интереси
за да дојдат на власт. Екс-премиерот им се извини на граѓаните за тоа што
застанале зад кандидатурата на Борис Трајковски за претседател на државата.
Неговиот партиски колега Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ составот на
кабинетот на Црвенковски го нарече "театар на апсурдот", а за распределбата
на ресорите рече дека биле делени како бинго-бројчиња.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЛП ја напуштија собраниската сала за време на
говорот на пратеникот на ДУИ, Агрон Буџаку, и најавија дека во знак на
протест поради вклучувањето на ДУИ во владиниот Кабинет нема да
присуствуваат на парламентарните заседанија до крајот на годинава.
Неколку дена по изборот, на четврти овој месец, претседателот на Владата,
Бранко Црвенковски, ја одржа првата седница на која ги определи своите
заменици, а беа формирани и основните владини комисии. На чело на Комисијата
за економски систем е поставен министерот за финансии, Петар Гошев, на
Комисијата за политички систем - министерот за правда Исмаил Дарлишта, а
Радмила Шекеринска е на чело на Комисијата за човечки ресурси. Формирана е и
Комисијата за приватизација на чело со министерот за економија, Илија
Филиповски.
На седницата на новата Влада, како што изјави министерот за труд и
социјала, Јован Манасиевски, е договорено во сите министерства во најкус
можен рок да се направи пресек на состојбите, бидејќи според првите најави
на министрите во некои министерства има драматични состојби и закани за
блокада на сметките на министерствата. Според Манасиевски, целта на овој
чекор е да се добие поцелосен увид за тоа во каква состојба се наследуваат
Владата и министерствата.
Македонија преку ноќ не можеме да ја направиме богата држава, држава без
социјални проблеми. За тоа ќе биде потребно и време и многу предуслови.
Некои ќе зависат од нас, некои не. Исто така, преку ноќ не ќе можеме да го
искорениме насилството, криминалот и корупцијата. Тоа ќе биде тешка битка со
многу ризици и се надевам дека сите вие сте свесни во што влегувате,
прифаќајќи ја кандидатурата за членови на новата влада на Република
Македонија. Но, она што можеме да го направиме сега, веднаш, тоа е
Македонија да добие чесна, скромна и одговорна влада. Тоа зависи од нас, 18
луѓе и од никој друг, рече премиерот Бранко Црвенковски во своето експозе,
обраќајки им се на присутните во собраниската сала, по повод изборот на
новата Влада.
Мандатарот Црвенковски потенцира дека во последниве две години на
најсуров начин бевме потсетени колку скапоцена работа се мирот и безбедноста.
Изгубените човечки животи, илјадниците раселени и протерани, разрушените и
опожарени домови се страотната цена која ја плативме и која за жал се уште
ја плаќаме. Исто така се уверивме и дека немаме ли мир и стабилност, немаме
ништо - ниту демократија, ниту правна држава, ниту успешна економија.
|